Регион
Словенија ги заострува мерките поради рекордниот број новозаболени од Ковид-19

Во последните 24 часа во Словенија се потврдени 137 нови случаи на инфекција со коронавирус со направени 3.557 теста, што е 33 повеќе од претходниот ден и е нов рекорден број на потврдени дневни инфекции од почетокот на епидемијата, објави словенечката влада.
Поради големиот пораст на бројот на новоинфицирани во последните две недели, Словенија беше ставена на списокот на епидемиолошки небезбедни дестинации од страна на британската влада откако тоа го направија Норвешка, Шведска, Литванија и Естонија претходните денови, објавија словенечките медиуми.
Бројот на активни случаи на инфекција во Словенија во моментот е 1.116 од вкупно 4.195 потврдени инфекции регистрирани од почетокот на епидемијата, објави словенечкото Министерство за здравство.
Во болниците има 67 пациенти со Ковид-19, што е седум повеќе од претходниот ден, а 11 од нив се на интензивна нега. Беа забележани четири нови смртни случаи, а бројот на жртвите се искачи на 138.
Бидејќи следните десет дена се сметаат за клучни за смирување на епидемиолошката состојба, владата на Јанез Јанша ќе воведе задолжително носење маски на јавни простори, како што се пазари, но и во училници и универзитетски сали.
Владата разгледува и можно ограничување на дозволеното дружење на луѓето на најмногу шест лица. Покрај тоа, од следната недела ќе се ограничи работата на гостилниците, клубовите и на другите локали, па ќе им биде дозволено да работат до 22 часот, а предвидени се и некои ограничувања за работата на продавниците, објавија медиумите.
Од друга страна, владата го повикува населението да преземе одговорност и доследно да се придржува кон основните епидемиолошки мерки – одржување на потребното растојание, хигиена на рацете и избегнување приватни собири надвор од семејниот круг, како што се родендени и други прослави.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Парламентарни избори во Албанија, Рама се бори за четврти мандат, а Бешира за враќање на власт по 12 години

Албанците денес гласаат на 11, парламентарни избори по падот на комунистичкиот режим. Право на глас имаат 3.721.116.
Лидерот на Социјалистичката партија Еди Рама, кој е премиер од 2013 година се бори за четврти мандат, а Сали Бериша, поранешен премиер и лидер на Демократската партија, се надева на враќање на власт по 12 години.
На овие избори, првпат, ќе гласа и албанската дијаспора. Прифатени се апликации на 245.93 лица надвор од земјата.
Во 12 изборни единици, на 5.225 избирачки места Албанците гласаат за 140 нови пратеници.
Регион
Српски бизнисмен брутално претепан во Загреб, крвав лежел пред хотел

Саша Мирковиќ, српски претприемач, музички продуцент и сопственик на „Хајп телевизија“, бил претепан пред хотел во центарот на Загреб, објавија српските медиуми.
Според нивните наводи, Мирковиќ и уште еден маж се сретнале на влезот во хотелот, по што дошло до вербален конфликт кој прераснал во физичка пресметка. Српски Телеграф објави снимки на кои се гледа како крвавиот Мирковиќ лежи на тротоарот, веднаш по тепачката.
Набрзо пристигнала брза помош и го однела во болница.
Регион
70-годишен маж почина во Хрватска: бил силуван и претепан од 36-годишник

Седумдесетгодишен маж од Чаковец, кој бил нападнат на почетокот на март, починал пред неколку дена во болница, пренесуваат хрватските медиуми. Нападот се случил на 8 март кога 36-годишен познаник го намамил во напуштена куќа во Чаковец, каде што го силувал, претепал и ограбил под закана со нож.
И покрај сериозните повреди, човекот успеал сам да стигне до болницата во Чаковец, каде што лекарите го прегледале и го пуштиле дома. Следниот ден отишол да го пријави злосторството во полиција, и повторно бил однесенво болница. Сепак, тој бил отпуштен по втор пат бидејќи лекарите процениле дека нема потреба да го задржат.
Семејството е огорчено од начинот на кој болницата постапила во случајот, истакнувајќи дека човекот бил во сериозна состојба и двапати бил отпуштен дома и покрај сериозните повреди на главата.
На крајот бил хоспитализиран во болница, каде што ги поминал последните денови од својот живот, пишуваат тамошните медиуми.
Напаѓачот, кој веќе ѝ бил познат на полицијата, бил уапсен кратко време по инцидентот. Тој е обвинет за силување и грабеж.
Канцеларијата на државниот обвинител на округот Вараждин, исто така, се огласи за случајот. Портпаролот Дарко Галиќ потврди дека истрагата е сè уште во тек.
„Со оглед на смртта на жртвата, ова повеќе не е кривично дело обид за убиство, туку убиство. Обвинетиот е во притвор. Истрагата ќе ги опфати потребните вештачења и други доказни дејствија, врз основа на кои ќе се донесе одлука за понатамошниот тек на постапката“, рече Галиќ.