Регион
„Франс прес“: Здравствените системи на Балканот се преоптоварени поради коронавирусот
Недоволниот број на кревети и лекари и масовниот пораст на инфекции со коронавирус ги доведоа болниците на Балканот на работ на колапс, а хаотичните сцени потсетуваат некои здравствени работници на војните во 90-тите, објави агенцијата „Франс прес“ (АФП) во неделата.
Откако коронавирусот повеќе или помалку се држеше под контрола речиси една година, се оствари црното сценарио за кое Балканот стравуваше уште од почетокот на пандемијата.
Во тешко погодената Босна и Херцеговина, доктор за АФП изјавил дека мора да „жонглира“ меѓу неколку пациенти чии животи висат на конец.
„Ситуацијата ме потсетува на војната и се плашам дека само ќе се влоши во текот на зимата“, вели лекарот, кој побарал да остане анонимен.
„Можеме да ја завршиме работата кај три лица, но не и кај петмина“, додал тој.
Западен Балкан е еден од најсиромашните делови во Европа и со недели се бори со епидемија на коронавирус, пишува агенцијата. Бројот на починати се зголемил двојно во изминатиот месец на речиси 10.000.
Кризата открива дупки во здравствените системи кои се загрозени од лошо финансирање и кризата на одлив на мозоци. Надежните млади лекари и медицински сестри заминуваат во странство во потрага по подобри плати и образование.
Пред пандемијата, според Светската здравствена организација (СЗО), Балканот имал најмал број лекари по глава на жител во Европа.
Болниците сега се соочуваат со уште помал број на персонал, бидејќи и тие стануваат жртви на респираторни заболувања.
Во Србија, околу 2.000 здравствени работници биле принудени да одат во самоизолација, додека истовремено голем број пациенти ги полнат болничките кревети во главниот град Белград.
„Никогаш не сум доживеал вакво нешто во мојата професионална кариера“, вели Раде Паниќ, претседател на српскиот синдикат на лекари, за регионалниот ТВ канал Н1.
„Немаше соба за пациенти кои медицински ги сметаме за млади. И немав каде да ги испратам”, додава анестезиологот кој работи во „црвената зона” на болница и ги лекува најтешките случаи на Ковид-19.
БиХ, Северна Македонија и Црна Гора се во првите десет европски земји со најголема стапка на смртност според бројот на жители.
Сепак, владите во регионот не сакаа да се вратат на драстично затворање, како на почетокот на пандемијата. Наместо тоа, тие се одлучија за мали ограничувања, како порано затворање на рестораните, пишува „Франс прес“.
Додека Србија брза да гради две нови болници, Косово размислува да ги адаптира старите хотели во импровизирани одделенија, вклучувајќи го и Гранд хотелот во Приштина.
Преполните болници во Приштина водат до тоа некои пациенти, како што е 33-годишниот Веприм Морина, да не можат да бидат примени.
„Лекарот ми рече да земам терапија дома затоа што болниците се полни“, изјавил фитнес-тренерот за АФП.
Во Северна Македонија, владата се врти кон приватните клиники кои можат да примаат ковид-пациенти, бидејќи јавните болници се речиси полни.
Во болниците надвор од Скопје, семејства и пријатели им носат на пациентите храна, а понекогаш и лекови, пишува АФП.
„Катастрофа. Неорганизирано. Никој не одговара на телефон со часови”, изјавил човек кој се обидувал да добие информации за неговиот болен роднина.
„Медицинскиот персонал се бори, даваат сè од себе, но едноставно не можат да постигнат сè“, додал тој.
Во Хрватска во моментов повеќе од 2.200 пациенти се хоспитализирани, а 3.000 пациенти веќе би го втурнале здравствениот систем во колапс, пишува АФП.
Експертите велат дека политичарите се обидуваат да одржат рамнотежа помеѓу контролата на вирусот и заштитата на кревката економија.
Во БиХ, продавниците, рестораните и спортските сали остануваат отворени, додека Србија го скрати работното време за компаниите.
Иако напредокот во развојот на вакцините им дава надеж на лекарите, тие се плашат од хаосот што може да се настане во меѓувреме.
„Не разбирам зошто властите не воведуваат построги мерки“, вели Јасмина Смајиќ, лекарка од Тузла.
„Нешто мора да се стори ако сакаме да спречиме катастрофални последици“, додава таа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Нова опасност демне на Санторини откога граѓаните избегаа, полицијата постави блокади: островот продолжува да се тресе
Сеизмичката бура, која го тресе Санторини во изминатите денови, продолжи и во текот на ноќта.
Два земјотреса со јачина од 4 и 4,3 степени според Рихтеровата скала во рок од пет минути ги погодија Санторини и Аморгос во раните утрински часови денес, среда.
Првиот земјотрес со јачина од 4 степени е регистриран во 4.16 часот по локално време со епицентар на 18 километри од Аркесинина на Аморгос, а вториот е регистриран во 4.21 часот во областа Санторини.
Според грчките медиуми, од шест часот утринава оваа област ја погодиле шест земјотреси над 3 степени според Рихтеровата скала.
Во исто време продолжува егзодусот на локалното население и на туристите од Санторини, а експертите предупредуваат на нова опасност.
Речиси 11.000 луѓе ги заклучија своите домови и го напуштија островот, што ги зголеми стравувањата од грабежи.
Полицијата е во состојба на готовност со интензивни патроли и блокади на патиштата во обид да спречи евентуални упади. Загриженоста на властите беше зголемена поради општата ситуација, а нивната објава на социјалните мрежи, на која се сугерираат можни кражби, привлече внимание.
Според извештаите, властите ги зголемиле полициските патроли во главниот град Фира, како и во најпознатите места на островот. Во исто време поставени се блокади на главните сообраќајници, а се проверуваат сомнителни возила и движења, особено во областите во кои куќите останаа затворени поради интензивна сеизмичка активност.
Постојаните жители, кои остануваат на островот, изразуваат загриженост повикувајќи ги властите да преземат уште построги мерки.
„Се плашиме дека некои ќе ја искористат ситуацијата и ќе почнат да упаѓаат во куќите. Веќе слушнавме за инциденти“, изјави бизнисмен од областа Акротири за „Прототема“.
Регион
Над 750 земјотреси во Егејското Море во последните 10 дена, 7.000 луѓе го напуштија Санторини
Од 26-ти јануари, во Егејското Море се регистрирани 754 земјотреси, а интензивната сеизмичка активност продолжува на и околу грчките острови Санторини, Аморгос, Анафи и Иос, јавува „Анадолија“.
Илјадници луѓе бегаат од грчкиот остров Санторини во јужниот дел на Егејското Море, вознемирени од континуираната интензивна сеизмичка активност, јавуваат локалните медиуми.
Додека многу луѓе загрижени за земјотресот го напуштија островот со траект или авион, оние што останаа се на готовност.
Околу седум илјади луѓе заминаа овие денови, соопштија властите.
Земјотрес со јачина од 4,9 степени според Рихтеровата скала го погоди островот рано утринава, а неколку часа подоцна следеше уште еден со јачина од пет степени.
Експертите тврдат дека земјотресите не се поврзани со вулканска активност на островот и додаваат дека потресите ќе траат најмалку седум дена.
Геолозите сметаат дека со помали земјотреси се намалува можноста за посилен.
„Тоа значи дека нема да имаме голем земјотрес“, вели Атанасиос Ганас, директор за истражување на Геодинамичкиот институт.
Регион
Владата на БиХ ги замрзна цените на 50 прехранбени производи: Добивме сигнал од народот и ќе одговориме
Владата на Босна и Херцеговина планира до крајот на неделата да донесе одлука да ги намали цените и да ги задржи на тоа ниво за најмалку 50 прехранбени производи и на тој начин да се обиде да влијае на намалување на вкупните трошоци за живот, соопшти денеска министерот за трговиј,а Амир Хасичевиќ.
Претставниците на владата и трговските синџири и здруженијата на потрошувачите вчера зад затворени врати разговараа за мерките што властите може да ги преземат за да се спречи зголемувањето на цените, па Хасичевиќ на новинарите во Сараево им потврди дека е постигнат начелен договор за ова прашање, така што останува да се дефинира каталогот на производи чии цени ќе бидат ставени под посебен режим.
Преговорите се одржаа откога неформална група граѓани повикаа на бојкот на продавниците по примерот на акцијата спроведена во Хрватска.
Податоците од даночните администрации на субјектите покажаа дека бојкотот што требаше да се биде минатиот петок го немаше очекуваниот ефект бидејќи трговскиот промет на 31 јануари беше дури малку поголем од истиот ден од претходната недела, но владата сепак заклучи дека треба да реагираат на незадоволството на потрошувачите со постојан раст на цената.
„Ние како влада го добивме тој сигнал и се обидуваме да одговориме. До петок нема да замрзнеме 50 основни артикли – како што велат некои сега кога цените поскапеа – туку ќе ги вратиме, па правиме намалувања и ќе ги контролираме“, рече Хасичевиќ.
„Долгорочното решение е зголемување на бројот на вработени и зголемување на платите. Имаме слаба куповна моќ, така што целата потрошувачка ја насочивме кон неколку артикли бидејќи најголемиот дел од нашите плати се троши на храна“, рече тој.