Вести
САД претпочитаат 'балансирана' операција на Киев во источна Украина

Американската администрација сметаат на „балансирана” операција на Киев во источна Украина, во којашто како што беше јавено претходно има жртви меѓу локалните проруски поборници на федерализацијата на земјата, изјави во вторникот портпаролот на Белата Куќа, Џеј Карни.
„Ние разбираме дека украинската влада презема чекори за намалување на тензиите во источниот дел од земјата. Ние истакнуваме на неопходноста од воздржаност и разумен пристап на службите за безбедност на земјата”, рекол Карни.
Го повторил ставот на САД со кој за ескалацијата се обвинуваат проруските припадници на ткн народен отпор и ги повика да ги напуштат објектите на регионалната и државната администрација коишто цела седмица ги држат под контрола во повеќе градови во Донецката област каде што рускојазичното населени изнесува речи 78 отсто.
Локалното мнозинско проруски ориентирано население, не ги признава новите прозападно ориентирани власти во Киев и протестира од крајот на февруари кога беше соборен украинскиот претседател Виктор Јанукович и беше суспендиран законот со кој рускиот јазик го загуби претходниот статус на државен јазик. Сега бара поголема автономија за регионите, како и со најавените уставни реформи Украина да се федерализира.
Карни истакнал уште еднаш дека САД не ја разгледуваат опцијата за решавање на ситуацијата во Украина со воени средства. „Ние не гледаме воено решени на оваа криза. Не ќе биде толку тешко да биде решена, доколку Русија се согласи на преговори, ги повлече своите сили и ја прекине поддршката на проруските активисти”, рекол Карни порачувајќи дека САД имаат намера да се концентрираат на економска помош на Украина.
Претходно во вторникот привремениот украински претседател Олександр Турчинов го објави почетокот на големата „антитерористичка” безбедносна операција во врска со ситуацијата во источна Украина.
Потоа беше јавено дека украинските полициски специјалци со поддршка на армијата го нападнале аеродромот крај Краматорск, а поддржувачите на федерализацијата биле принудени да се повлечат. Претставници на донецката „Народна самоодбрана” изјавија дека во судирот загинале четири нејзини припадници и уште двајца се ранети. Украинската новинска агенција УНН, пак, повикувајќи се на извор од министерството за одбрана на Украина, јави дека е ранет еден украински војник.
Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, претходно во вторникот изјави дека одлуката на новите украински власти да употребат сила, вклучувајќи ја и армијата, против демонстрантите поддржувачи на федерализацијата претставува опасен развој на настаните. Според него, „оние коишто ги охрабруваат актуелните власти во Киев на такво поведение треба целосно да бидат повикани на одговорност”.
Лавров всушност алудираше на потврдата дека во саботата во Киев допатувал директорот на американската Централна разузнавачка агенција (CIA), Џон Бренан, а по неговата средба со челниците на украинските безбедносни сили, по што во неделата Киев објави дека ќе започне масивна безбедносна операција во побунетиот Донецки регион.
Комесарот на руското министерство за надворешни работи за прашања за човекови права демократија и владеење на правото, Константин Долгов, пак, предупреди дека „започнувањето на воената кампања од страна на Киев може да биде почеток на граѓанска војна во Украина”./крај/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Вести
“Во основа е пекол на земјата”: Градот Газа оставен тотално без здравствената заштита

Во раните утрински часови во саботата, над купови бетон и урнатини, толпа лекари и пациенти пешачеа километри низ уништените улици на градот Газа, принудени да се евакуираат пеш од она што остана од болниците. Здравствените работници велат дека се плашат да ги оставаат критично болните пациенти зад себе во град кој сега во голема мера е сведен на урнатини, преземен израелските сили, со болници кои работат без струја, гориво, вода или храна, пишува британски „Гардијан“.
“Тоа е во основа пекол на земјата”, вели Вилијам Шомбург, шефот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Газа, опишувајќи го она што остана од животот во градот.
Со недели, десетици илјади луѓе се надеваа дека во болниците во Газа ќе најдат засолниште кое е најблиску до безбедно бидејќи енклавата издржа интензивирачки бомбардирања.
Но, откако израелските сили се приближија до објектите и потоа ја нападнаа најголемата болница во Газа, Дар ал-Шифа минатата недела, илјадници луѓе беа раселени заедно со медицинскиот персонал, шетајќи низ уништените улици на југ од енклавата.
Палестинското министерство за здравство во Газа соопшти дека израелските сили побарале евакуација на болницата Ал Шифа вчераутро, три дена откога влегоа во објектот. Здравствените лица сведочат дека им им било кажано дека имаат еден час да ја евакуираат болницата која беше центар на здравствениот систем на Газа.
Најмалку 12.000 луѓе загинаа во израелскиот напад врз Газа по нападот на Хамас на 7-ми октомври, во кој загинаа 1.200 Израелци, а околу 240 луѓе беа заложници.
Вести
Борел: Целосно е невозможно да се евакуираат милиони луѓе од северот на Газа

Првиот човек на ЕУ-дипломатијата Жозеп Борел утринава на прес-конференција изјави дека евакуацијата на милиони луѓе од северниот дел на Газа е целосно невозможна.
Десетици илјади цивили почнаа да бегаат од јужниот дел на Газа вчера, откако Израел им порача на луѓето да ја напуштат областа пред очекуваната копнена офанзива.
„Да се замисли дека можеш да преселиш милион луѓе за 24 часа во ситуација во каква што е Газа, може да биде само хуманитарна криза“, рече Борел на последниот ден од тридневната дипломатска посета на Кина.
И покрај изјавата на ЕУ за поддршка на Израел, тој исто така предупреди дека и Израел е должен да го почитува меѓународното хуманитарно право во одбранбениот процес.
„Позицијата е јасна“, рече Борел. „Но, како и секое право, тоа има граница. А таа граница е меѓународното право“.
Вести
Проценки на ОН: Десетици илјади луѓе веќе ја напуштија Газа

Во текот на ноќта беа објавени најновите проценки на ОН за бројот на луѓе кои ги напуштиле своите домови во северниот дел на Газа.
Тие велат дека веруваат дека станува збор за десетици илјади кои се упатиле кон југ по предупредувањето за евакуација на Израел.
Пред наредбата за евакуација, повеќе од 400.000 Палестинци беа внатрешно раселени, според хуманитарната канцеларија на ОН OCHA.
Израелската војска им порача на околу 1,1 милион луѓе во северниот дел на Газа да заминат пред очекуваната копнена инвазија. Хамас, пак, ги повика луѓето да останат на место и да пркосат на израелската воена наредба.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш рече дека наредбата од Хамас е „исклучително опасна – и во некои случаи едноставно не е возможна“.