Вести
‘Авганистанското девојче’ на National Geographic уапсено во Пакистан
Авганистанка која беше овековечена на славната фотографија на National Geographic како 12-годишно девојче со зелени очи, уапсена е во средата во Пакистан поради фалсификување лични документи.
Незаборавната фотографија на Шарбат Гула, девојченце со продорен поглед, кое во бегалски логор во Пакистан го сними Стив Меккари, е најпознатата насловна страница во историјата на National Geographic.
Гула е уапсена по двегодишната истрага на пакистанската Сојузна истражна агенција (FIA) во северозападниот град Пешавар. „Агенцијата ја уапси Шарбат Гула поради фалсификувана лична карта“, изјави Шахид Иљаш од пакистанската управа за регистрација на населението (NADRA).
FIA трага по уште тројца функционери на NADRA коишто ѝ овозможиле на Гула да добие пакистански лични исправи. Доколку биде прогласена за виновна, Гула би можела да заврши во затвор на 14 години.
Таа поднела барање за стекнување пакистански документи користејќи се со лажно име, соопштиле од FIA. Таа е една од илјадниците авганистански бегалци коишто успеала да ги заобиколи пакистанскиот компјутеризиран систем и да добие лична карта.
Нејзината славна фотографија снимена во 1984 година во бегалскиот камп во северозападен Пакистан за време на советската инвазија во Авганистан. Фотографот Меккари ја пронајде по 17 години во изолирано село во Авганистан во кое се омажила за пекар и родила три ќерки.
Во Пакистан од неодамна е покрената акција против бегалците кои со измами успеале да дојдат до пакистански лични документи. NADRA досега проверила 91 милиони лични карти и открила малку повеќе од 60.000 лажни документи.
Пакистан со децении им пружа засолниште на луѓето кои бегаат од соседен Авганистан, од советската инвазија, од талибанскиот режим и од меѓународната инвазија со којашто беше соборена власта на радикалните исламисти. Официјални во Пакистан има 1,4 милиони Авганистанци, а неофицијално, а нерегистрирани, според процените, уште милион. Од 2009 година официјален Исламабад ги поместува роковите за нивното враќање, но многу стравуваат дека сегашниот до март 2017 година ќе биде и последниот. А тоа ги поттикнува да се обидат да дојдат до оригинални пакистански документи./крај/мф/сн
Извор: AFP
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Вести
“Во основа е пекол на земјата”: Градот Газа оставен тотално без здравствената заштита
Во раните утрински часови во саботата, над купови бетон и урнатини, толпа лекари и пациенти пешачеа километри низ уништените улици на градот Газа, принудени да се евакуираат пеш од она што остана од болниците. Здравствените работници велат дека се плашат да ги оставаат критично болните пациенти зад себе во град кој сега во голема мера е сведен на урнатини, преземен израелските сили, со болници кои работат без струја, гориво, вода или храна, пишува британски „Гардијан“.
“Тоа е во основа пекол на земјата”, вели Вилијам Шомбург, шефот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Газа, опишувајќи го она што остана од животот во градот.
Со недели, десетици илјади луѓе се надеваа дека во болниците во Газа ќе најдат засолниште кое е најблиску до безбедно бидејќи енклавата издржа интензивирачки бомбардирања.
Но, откако израелските сили се приближија до објектите и потоа ја нападнаа најголемата болница во Газа, Дар ал-Шифа минатата недела, илјадници луѓе беа раселени заедно со медицинскиот персонал, шетајќи низ уништените улици на југ од енклавата.
Палестинското министерство за здравство во Газа соопшти дека израелските сили побарале евакуација на болницата Ал Шифа вчераутро, три дена откога влегоа во објектот. Здравствените лица сведочат дека им им било кажано дека имаат еден час да ја евакуираат болницата која беше центар на здравствениот систем на Газа.
Најмалку 12.000 луѓе загинаа во израелскиот напад врз Газа по нападот на Хамас на 7-ми октомври, во кој загинаа 1.200 Израелци, а околу 240 луѓе беа заложници.
Вести
Борел: Целосно е невозможно да се евакуираат милиони луѓе од северот на Газа
Првиот човек на ЕУ-дипломатијата Жозеп Борел утринава на прес-конференција изјави дека евакуацијата на милиони луѓе од северниот дел на Газа е целосно невозможна.
Десетици илјади цивили почнаа да бегаат од јужниот дел на Газа вчера, откако Израел им порача на луѓето да ја напуштат областа пред очекуваната копнена офанзива.
„Да се замисли дека можеш да преселиш милион луѓе за 24 часа во ситуација во каква што е Газа, може да биде само хуманитарна криза“, рече Борел на последниот ден од тридневната дипломатска посета на Кина.
И покрај изјавата на ЕУ за поддршка на Израел, тој исто така предупреди дека и Израел е должен да го почитува меѓународното хуманитарно право во одбранбениот процес.
„Позицијата е јасна“, рече Борел. „Но, како и секое право, тоа има граница. А таа граница е меѓународното право“.
Вести
Проценки на ОН: Десетици илјади луѓе веќе ја напуштија Газа
Во текот на ноќта беа објавени најновите проценки на ОН за бројот на луѓе кои ги напуштиле своите домови во северниот дел на Газа.
Тие велат дека веруваат дека станува збор за десетици илјади кои се упатиле кон југ по предупредувањето за евакуација на Израел.
Пред наредбата за евакуација, повеќе од 400.000 Палестинци беа внатрешно раселени, според хуманитарната канцеларија на ОН OCHA.
Израелската војска им порача на околу 1,1 милион луѓе во северниот дел на Газа да заминат пред очекуваната копнена инвазија. Хамас, пак, ги повика луѓето да останат на место и да пркосат на израелската воена наредба.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш рече дека наредбата од Хамас е „исклучително опасна – и во некои случаи едноставно не е возможна“.