Вести
Борба против IS: 300 загинати во сириска Палмира, 500 во ирачки Рамади

Најмалку 295 луѓе, повеќето џихадистички борци и војници на сириската влада се убиени во борбите од средата кои започнаа со офанзивата на Исламската држава врз древниот град Палмира, во Сирија, јавуваат агенциите додека истовремено пристигнуваат информации дека ирачкиот град Рамади е заземен од оваа радикална сунитска група и од неа успеале да побегнат околу осум илјади луѓе, а загинале 500 лица.
Опозициската Сириска опсерваторија за човекови права (SOHR) со седиште во Лондон, која податоците ги собира од мрежата активисти од цивилни, медицински, бунтовнички и воени извори низ цела Сирија, соопшти дека во борбите за Палмира се убиени 123 војници и борци на локалните милиции за самоодбрана кои се лојални на владата на претседателот Башар ал-Асад, 115 борци на Исламската држава и 57 цивили, од кои најголем број биле погубени од џихадистите.
Агенцијата AFP повикувајќи се на соопштенија на радикалната групација, пренесува дека Исламската држава во неделата целосно го контролира градот Рамади во централен Ирак. Во борбите коишто започнаа во петокот кога џихадистите продреа во градот и го заземаа владиниот комплекс а во неделата и еден од армиските штабови, загинале околу 500 луѓе.
Истовремено Меѓународната организација за миграции (IOM) извести дека од Рамади пред судирите побегнале околу осум илјади луѓе. „Проценуваме дека побегнаа 1.296 семејства, односно 7.776 лица, а бројот постојано се зголемува“, се наведува во соопштението.
Бегалците тргнале кон исток, настојувајќи да стигнат до градот Амријата ал-Фалуџа, но не им е дозволено минувањето преку реката Еуфрат која е на патот кон покраината Багдад, којашто граничи со покраината Ал Анбар.
Десетици илјади луѓе последните неколку месеци побегнаа од областа на Рамади, особено за време на офанзивата на Исламската држава којашто започна во април. Според податоците на IOM, повеќе од 2,8 милиони жители побегнале од регионот од почетокот на судирите во летото 2014 година./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Вести
“Во основа е пекол на земјата”: Градот Газа оставен тотално без здравствената заштита

Во раните утрински часови во саботата, над купови бетон и урнатини, толпа лекари и пациенти пешачеа километри низ уништените улици на градот Газа, принудени да се евакуираат пеш од она што остана од болниците. Здравствените работници велат дека се плашат да ги оставаат критично болните пациенти зад себе во град кој сега во голема мера е сведен на урнатини, преземен израелските сили, со болници кои работат без струја, гориво, вода или храна, пишува британски „Гардијан“.
“Тоа е во основа пекол на земјата”, вели Вилијам Шомбург, шефот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Газа, опишувајќи го она што остана од животот во градот.
Со недели, десетици илјади луѓе се надеваа дека во болниците во Газа ќе најдат засолниште кое е најблиску до безбедно бидејќи енклавата издржа интензивирачки бомбардирања.
Но, откако израелските сили се приближија до објектите и потоа ја нападнаа најголемата болница во Газа, Дар ал-Шифа минатата недела, илјадници луѓе беа раселени заедно со медицинскиот персонал, шетајќи низ уништените улици на југ од енклавата.
Палестинското министерство за здравство во Газа соопшти дека израелските сили побарале евакуација на болницата Ал Шифа вчераутро, три дена откога влегоа во објектот. Здравствените лица сведочат дека им им било кажано дека имаат еден час да ја евакуираат болницата која беше центар на здравствениот систем на Газа.
Најмалку 12.000 луѓе загинаа во израелскиот напад врз Газа по нападот на Хамас на 7-ми октомври, во кој загинаа 1.200 Израелци, а околу 240 луѓе беа заложници.
Вести
Борел: Целосно е невозможно да се евакуираат милиони луѓе од северот на Газа

Првиот човек на ЕУ-дипломатијата Жозеп Борел утринава на прес-конференција изјави дека евакуацијата на милиони луѓе од северниот дел на Газа е целосно невозможна.
Десетици илјади цивили почнаа да бегаат од јужниот дел на Газа вчера, откако Израел им порача на луѓето да ја напуштат областа пред очекуваната копнена офанзива.
„Да се замисли дека можеш да преселиш милион луѓе за 24 часа во ситуација во каква што е Газа, може да биде само хуманитарна криза“, рече Борел на последниот ден од тридневната дипломатска посета на Кина.
И покрај изјавата на ЕУ за поддршка на Израел, тој исто така предупреди дека и Израел е должен да го почитува меѓународното хуманитарно право во одбранбениот процес.
„Позицијата е јасна“, рече Борел. „Но, како и секое право, тоа има граница. А таа граница е меѓународното право“.
Вести
Проценки на ОН: Десетици илјади луѓе веќе ја напуштија Газа

Во текот на ноќта беа објавени најновите проценки на ОН за бројот на луѓе кои ги напуштиле своите домови во северниот дел на Газа.
Тие велат дека веруваат дека станува збор за десетици илјади кои се упатиле кон југ по предупредувањето за евакуација на Израел.
Пред наредбата за евакуација, повеќе од 400.000 Палестинци беа внатрешно раселени, според хуманитарната канцеларија на ОН OCHA.
Израелската војска им порача на околу 1,1 милион луѓе во северниот дел на Газа да заминат пред очекуваната копнена инвазија. Хамас, пак, ги повика луѓето да останат на место и да пркосат на израелската воена наредба.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш рече дека наредбата од Хамас е „исклучително опасна – и во некои случаи едноставно не е возможна“.