Вести
Џихадистите за шест месеци погубиле 2.000 луѓе

Џихадистите од радикалната сунитска организација Исламска држава по прогласувањето на калифатот во јуни годинава погубила околу две илјади луѓе во Сирија, од којашто половина се припадници на големо сунитско племе, објави во неделата опозициската Сириска опсерваторија за човекови права (SOHR) со седиште во Лондон.
„Сириската опсерваторија за човекови права може да документира погубувања на 1.878 лица кои ги извршила Исламската држава во Сирија во периодот откако го прогласи калифатот од 28-ми јуни до 27-ми декември“, се наведува во соопштението на Опсерваторијата која тврди дека своите извештаи ги темели на широка мрежа од активисти на теренот и на чии извештаи се потпираа главно западните агенции.
Жртвите на џихадистите биле егзекутирани со огнено и со студено оружје, или биле каменувани до смрт, и тоа во покраините Деар ез-Зор, Хасаки, Рака, Хомс и Хама, се наведува во извештајот.
Од 1.878 жртви, 1.175 се цивили, меѓу кои и четири деца и осум жени. Од цивилните жртви 930 се припадници на сунитското племе Шејтаат, коешто се побуни против Исламската држава во текот на летото во источна Сирија и се бореше за контролата над две нафтени полиња.
Екстремистичката групација погубила со брутални егзекуции и 502 војници на владата и припадници на милициите коишто го поддржуваат алавитскиот (шиитски) претседател Башар ал-Асад во текот на судири или при грабнувања.
Исламската држава, исто така, погубила 120 свои припадници коишто се обиделе да заминат од фронтот и да се вратат во своите татковини во последните два месеца, и 80 сириски сунитски бунтовници и припадници на ривалската рупа Џебхат (Фронтот) ан-Нусра, која остана верна на глобалната терористичка мрежа Ал Каеда.
Сириската опсерваторија за човекови права оценува дека вистинскиот број на погубените е поголем од 1.878, бидејќи во затворите на Исламската држава има многу лица коишто се сметаат за исчезнати.
Неподелени се размислувањата дека целта на бруталните јавни погубувања е да се заплашат цивилите и групите кои ќе се обидат да се побунат против Исламската држава, но и привлекувања на нови џихадисти во нејзините редови./крај/мф/сн
Извор: AFP
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Вести
“Во основа е пекол на земјата”: Градот Газа оставен тотално без здравствената заштита

Во раните утрински часови во саботата, над купови бетон и урнатини, толпа лекари и пациенти пешачеа километри низ уништените улици на градот Газа, принудени да се евакуираат пеш од она што остана од болниците. Здравствените работници велат дека се плашат да ги оставаат критично болните пациенти зад себе во град кој сега во голема мера е сведен на урнатини, преземен израелските сили, со болници кои работат без струја, гориво, вода или храна, пишува британски „Гардијан“.
“Тоа е во основа пекол на земјата”, вели Вилијам Шомбург, шефот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Газа, опишувајќи го она што остана од животот во градот.
Со недели, десетици илјади луѓе се надеваа дека во болниците во Газа ќе најдат засолниште кое е најблиску до безбедно бидејќи енклавата издржа интензивирачки бомбардирања.
Но, откако израелските сили се приближија до објектите и потоа ја нападнаа најголемата болница во Газа, Дар ал-Шифа минатата недела, илјадници луѓе беа раселени заедно со медицинскиот персонал, шетајќи низ уништените улици на југ од енклавата.
Палестинското министерство за здравство во Газа соопшти дека израелските сили побарале евакуација на болницата Ал Шифа вчераутро, три дена откога влегоа во објектот. Здравствените лица сведочат дека им им било кажано дека имаат еден час да ја евакуираат болницата која беше центар на здравствениот систем на Газа.
Најмалку 12.000 луѓе загинаа во израелскиот напад врз Газа по нападот на Хамас на 7-ми октомври, во кој загинаа 1.200 Израелци, а околу 240 луѓе беа заложници.
Вести
Борел: Целосно е невозможно да се евакуираат милиони луѓе од северот на Газа

Првиот човек на ЕУ-дипломатијата Жозеп Борел утринава на прес-конференција изјави дека евакуацијата на милиони луѓе од северниот дел на Газа е целосно невозможна.
Десетици илјади цивили почнаа да бегаат од јужниот дел на Газа вчера, откако Израел им порача на луѓето да ја напуштат областа пред очекуваната копнена офанзива.
„Да се замисли дека можеш да преселиш милион луѓе за 24 часа во ситуација во каква што е Газа, може да биде само хуманитарна криза“, рече Борел на последниот ден од тридневната дипломатска посета на Кина.
И покрај изјавата на ЕУ за поддршка на Израел, тој исто така предупреди дека и Израел е должен да го почитува меѓународното хуманитарно право во одбранбениот процес.
„Позицијата е јасна“, рече Борел. „Но, како и секое право, тоа има граница. А таа граница е меѓународното право“.
Вести
Проценки на ОН: Десетици илјади луѓе веќе ја напуштија Газа

Во текот на ноќта беа објавени најновите проценки на ОН за бројот на луѓе кои ги напуштиле своите домови во северниот дел на Газа.
Тие велат дека веруваат дека станува збор за десетици илјади кои се упатиле кон југ по предупредувањето за евакуација на Израел.
Пред наредбата за евакуација, повеќе од 400.000 Палестинци беа внатрешно раселени, според хуманитарната канцеларија на ОН OCHA.
Израелската војска им порача на околу 1,1 милион луѓе во северниот дел на Газа да заминат пред очекуваната копнена инвазија. Хамас, пак, ги повика луѓето да останат на место и да пркосат на израелската воена наредба.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш рече дека наредбата од Хамас е „исклучително опасна – и во некои случаи едноставно не е возможна“.