Вести
Двајца убиени и заложничка драма во напад на IS во ресторан во Дака
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2016/10/1456017392.jpg)
Екстремната сунитска групација Исламска држава ја презема одговорноста за нападот во петокот врз ресторан што го посетуваат странци во центарот на Дака, главниот град на Бангладеш, при што се убиени двајца полицајци и во заложништво се земени околу дваесет луѓе.
Според локалниот весник Dhaka Tribune неутврден засега број вооружени лица го нападнале ресторанот „Holey Artisan“ во дипломатскиот кварт Гулшан во Дака. Весникот повикувајќи се на изјави на очевидци пренесува дека во објектот напаѓачите во заложништво држат дваесетина луѓе, од кои најголемиот број се странски државјани.
Началникот на бангладешките сили за брзо реагирање, Беназир Ахмед, изјавил за порталот BNO News дека властите имаат намера кризната ситуација да ја решат по мирен пат. Потврдил дека во престрелката со напаѓачите загинале двајца полицајци. Според различни извори, бројот на ранетите во нападот варира меѓу 12 и 40 луѓе, во престрелката која започнала кога полицијата го опколувала ресторанот.
Ахмед рекол дека напаѓачите, чиј број го проценува на осум до девет лица, фрлиле бомби врз полицијата.
Жител во близина на местото на нападот за Reuters рекол дека повремената престрелка траела речиси три часа по почетокот на нападот. „Таму е хаос. Улиците се блокирани. Десетици полициски командоси се распоредени“, рекол човекот кој се идентификувал како Тарику Мир.
Бангалдеш последниот период е погоден од серија напади на локалните исламисти, во кои главно се користат мачети а не огнено оружје, а цели на нападите се секуларни активисти, атеисти, интелектуалци и припадници на верските малцинства во оваа главно муслиманска земја со 160 милиони жители.
Во последните три години се убиени повеќе од 50 лица, а нападите главно им се припишуваат на џихадистичките групи кои објавуваат дека се поврзани со Ал Каеда или Исламската држава./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Вести
“Во основа е пекол на земјата”: Градот Газа оставен тотално без здравствената заштита
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2023/11/gaza32.jpg)
Во раните утрински часови во саботата, над купови бетон и урнатини, толпа лекари и пациенти пешачеа километри низ уништените улици на градот Газа, принудени да се евакуираат пеш од она што остана од болниците. Здравствените работници велат дека се плашат да ги оставаат критично болните пациенти зад себе во град кој сега во голема мера е сведен на урнатини, преземен израелските сили, со болници кои работат без струја, гориво, вода или храна, пишува британски „Гардијан“.
“Тоа е во основа пекол на земјата”, вели Вилијам Шомбург, шефот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Газа, опишувајќи го она што остана од животот во градот.
Со недели, десетици илјади луѓе се надеваа дека во болниците во Газа ќе најдат засолниште кое е најблиску до безбедно бидејќи енклавата издржа интензивирачки бомбардирања.
Но, откако израелските сили се приближија до објектите и потоа ја нападнаа најголемата болница во Газа, Дар ал-Шифа минатата недела, илјадници луѓе беа раселени заедно со медицинскиот персонал, шетајќи низ уништените улици на југ од енклавата.
Палестинското министерство за здравство во Газа соопшти дека израелските сили побарале евакуација на болницата Ал Шифа вчераутро, три дена откога влегоа во објектот. Здравствените лица сведочат дека им им било кажано дека имаат еден час да ја евакуираат болницата која беше центар на здравствениот систем на Газа.
Најмалку 12.000 луѓе загинаа во израелскиот напад врз Газа по нападот на Хамас на 7-ми октомври, во кој загинаа 1.200 Израелци, а околу 240 луѓе беа заложници.
Вести
Борел: Целосно е невозможно да се евакуираат милиони луѓе од северот на Газа
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/09/борел-миа.jpg)
Првиот човек на ЕУ-дипломатијата Жозеп Борел утринава на прес-конференција изјави дека евакуацијата на милиони луѓе од северниот дел на Газа е целосно невозможна.
Десетици илјади цивили почнаа да бегаат од јужниот дел на Газа вчера, откако Израел им порача на луѓето да ја напуштат областа пред очекуваната копнена офанзива.
„Да се замисли дека можеш да преселиш милион луѓе за 24 часа во ситуација во каква што е Газа, може да биде само хуманитарна криза“, рече Борел на последниот ден од тридневната дипломатска посета на Кина.
И покрај изјавата на ЕУ за поддршка на Израел, тој исто така предупреди дека и Израел е должен да го почитува меѓународното хуманитарно право во одбранбениот процес.
„Позицијата е јасна“, рече Борел. „Но, како и секое право, тоа има граница. А таа граница е меѓународното право“.
Вести
Проценки на ОН: Десетици илјади луѓе веќе ја напуштија Газа
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2023/10/антонио-гутереш.jpg)
Во текот на ноќта беа објавени најновите проценки на ОН за бројот на луѓе кои ги напуштиле своите домови во северниот дел на Газа.
Тие велат дека веруваат дека станува збор за десетици илјади кои се упатиле кон југ по предупредувањето за евакуација на Израел.
Пред наредбата за евакуација, повеќе од 400.000 Палестинци беа внатрешно раселени, според хуманитарната канцеларија на ОН OCHA.
Израелската војска им порача на околу 1,1 милион луѓе во северниот дел на Газа да заминат пред очекуваната копнена инвазија. Хамас, пак, ги повика луѓето да останат на место и да пркосат на израелската воена наредба.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш рече дека наредбата од Хамас е „исклучително опасна – и во некои случаи едноставно не е возможна“.