Вести
Генералот кој повика на ‘убивање Руси’ не очекувал дека неговата изјава ќе ја слушнат во Русија

Американскиот генерал-мајор во пензија Роберт Боб Скјелз, против кого руската Истражна комисија покрена кривично дело поради неговата изјава во програма на американската телевизиска мрежа Fox News во која меѓу другото рече дека треба „да се убиваат Русите“, е изненаден што неговите зборови се слушнале во Русија.
„Добив електронски писма од луѓе од Русија за коишто никогаш не сум слушнал. Не знаев дека во Русија го гледаат Fox News“, изјави генералот Боб Скејлз кој се појавува како воено-политички аналитичар на американската телевизиска мрежа.
Говорејќи во директна програма за телевизијата Fox News, претходно седмицава Роберт Скејлз рече дека САД би можеле да влијаат врз настаните во Украина, доколку започнат „да ги убиваат Русите“. Ова американскиот генерал-мајор во пензија го изјави во одговорот на прашањето на водителот како врз ситуацијата во Украина ќе влијаат трите илјади американски војници коишто Пентагон ги распоредува во источна Европа, односно во земјите од Балтикот. „Мислам дека нема да влијае никако. Во Украина натпреварот е загубен. Единствениот начин, на којшто САД би можеле да имаат влијание врз ситуацијата во регионот и да се направи пресврт во текот на настаните – е да почнат да ги убиваат Русите“, рече генералот Скејлз.
Коментирајќи го покренувањето на кривичното дело против него во Русија, генералот Скејлз иронизираше дека „вотката и боршчот (традиционално руско јадење –з.р.) него нема да го видат“ и порача оти тоа „воопшто не го обеспокојува“. Но, американскиот генерал подигнувањето на кривично дело против него го нарече „напад врз западните медиуми“.
Главната истражна управа на Истражната комисија на Русија отвори кривична постапка против Скејлз, врз основи за сторено кривично дел „јавно поттикнување на агресивна војна, извршено со користење на медиумите“. Според истрагата, настапувајќи на програмата на телевизијата „пензионираниот генерал …. ги повикал високите политички и воени раководства во САД, како и американските граѓани, за спроведување воени операции на територијата на Украина и убивања државјани на Руската Федерација, како и на рускојазичното население“. Според Москва, тие изјави не ги нарушуваат само нормите на руското законодавство, туку и одредбите од членот 20 од Меѓународниот пакт за граѓански и политички права од 1966 година, со кој се забранува секакво пропагирање на војната и секое поттикнување на дискриминација, непријателство или насилство./крај/мф/сн
Извор: РИА Новости
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Вести
“Во основа е пекол на земјата”: Градот Газа оставен тотално без здравствената заштита

Во раните утрински часови во саботата, над купови бетон и урнатини, толпа лекари и пациенти пешачеа километри низ уништените улици на градот Газа, принудени да се евакуираат пеш од она што остана од болниците. Здравствените работници велат дека се плашат да ги оставаат критично болните пациенти зад себе во град кој сега во голема мера е сведен на урнатини, преземен израелските сили, со болници кои работат без струја, гориво, вода или храна, пишува британски „Гардијан“.
“Тоа е во основа пекол на земјата”, вели Вилијам Шомбург, шефот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Газа, опишувајќи го она што остана од животот во градот.
Со недели, десетици илјади луѓе се надеваа дека во болниците во Газа ќе најдат засолниште кое е најблиску до безбедно бидејќи енклавата издржа интензивирачки бомбардирања.
Но, откако израелските сили се приближија до објектите и потоа ја нападнаа најголемата болница во Газа, Дар ал-Шифа минатата недела, илјадници луѓе беа раселени заедно со медицинскиот персонал, шетајќи низ уништените улици на југ од енклавата.
Палестинското министерство за здравство во Газа соопшти дека израелските сили побарале евакуација на болницата Ал Шифа вчераутро, три дена откога влегоа во објектот. Здравствените лица сведочат дека им им било кажано дека имаат еден час да ја евакуираат болницата која беше центар на здравствениот систем на Газа.
Најмалку 12.000 луѓе загинаа во израелскиот напад врз Газа по нападот на Хамас на 7-ми октомври, во кој загинаа 1.200 Израелци, а околу 240 луѓе беа заложници.
Вести
Борел: Целосно е невозможно да се евакуираат милиони луѓе од северот на Газа

Првиот човек на ЕУ-дипломатијата Жозеп Борел утринава на прес-конференција изјави дека евакуацијата на милиони луѓе од северниот дел на Газа е целосно невозможна.
Десетици илјади цивили почнаа да бегаат од јужниот дел на Газа вчера, откако Израел им порача на луѓето да ја напуштат областа пред очекуваната копнена офанзива.
„Да се замисли дека можеш да преселиш милион луѓе за 24 часа во ситуација во каква што е Газа, може да биде само хуманитарна криза“, рече Борел на последниот ден од тридневната дипломатска посета на Кина.
И покрај изјавата на ЕУ за поддршка на Израел, тој исто така предупреди дека и Израел е должен да го почитува меѓународното хуманитарно право во одбранбениот процес.
„Позицијата е јасна“, рече Борел. „Но, како и секое право, тоа има граница. А таа граница е меѓународното право“.
Вести
Проценки на ОН: Десетици илјади луѓе веќе ја напуштија Газа

Во текот на ноќта беа објавени најновите проценки на ОН за бројот на луѓе кои ги напуштиле своите домови во северниот дел на Газа.
Тие велат дека веруваат дека станува збор за десетици илјади кои се упатиле кон југ по предупредувањето за евакуација на Израел.
Пред наредбата за евакуација, повеќе од 400.000 Палестинци беа внатрешно раселени, според хуманитарната канцеларија на ОН OCHA.
Израелската војска им порача на околу 1,1 милион луѓе во северниот дел на Газа да заминат пред очекуваната копнена инвазија. Хамас, пак, ги повика луѓето да останат на место и да пркосат на израелската воена наредба.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш рече дека наредбата од Хамас е „исклучително опасна – и во некои случаи едноставно не е возможна“.