Вести
Исламската држава повика на напади врз египетските сили
Џихадистисчката сунитска организација Исламска држава ги повика исламистичките бунтовнички групи коишто дејствуваат на египетскиот полуостров Синај да ги продолжат и засилат нападите врз египетските безбедносни сили, да им ги отсекуваат главите на нивните припадници и да сторат сé што е потребно за да го предизвикаат кај нив чувството на несигурност, што упатува на силна поврзаност меѓу терористичките групации.
„Преплавете ги патиштата со експлозив поставен крај нив. Напаѓајте ги нивните бази. Упаѓајте во нивните домови. Отсекувајте им ги главите. Не дозволувајте да се чувствуваат безбедни“, им порача портпаролот на Исламската држава, Абу Махмуд ал-Аднани преку интернет на египетските исламистички бунтовници.
Повеќе претставници на египетските власти, меѓу нив и министерот за надворешни работи, го признаа постоењето на врски меѓу Исламската држава и другите помали милитантни сунитски групи, од кои една е од Египет, но тврдат дека во земјата нема борци на споменатата џихадистичка група. Египет се справува со исламистичкиот бунт кој особено се разгоре во јули 2013 година кога армијата го отстрани од функцијата претседателот Мохамед Морси, еден од првите луѓе на исламистичкото движење Муслиманско братство.
Портпаролот на Исламската држава во пораката ги фали милитантите коишто ги изведуваат „благословените операции против чуварот на Евреите, против војниците на (египетскиот претседател, генералот) Абдел Фатах ал-Сиси, новиот египетски фараон“.
Исламистичката група Ансар Бејта ал-Макдис чиишто бази се на Синај, минатата година уби стотици припадници на египетските безбедносни сили и последните денови обезглави неколку лица тврдејќи дека се шпиони на израелските тајни служби. Крвопролевањата покажуваат дека оваа групација е силно радикализирана. Исламската држава, која ја сочинуваат борци од арапските и муслиманските земји, ги обучуваат милитантите на Синај за поефикасно да ги изведуваат нападите.
Египет го поддржа повикот на САД за формирање на голема меѓународна коалиција којашто ќе ја запре Исламската држава, а борбата против џихадисите ќе биде една од главните теми на годишното Генерално собрание на ОН кое почнува во текот на оваа седмица.
Во неделата во Египет беа убиени два цивила и тројца полицајци во експлозија на бомба поставена во близина на министерството за надворешни работи во главниот град Каиро, а меѓу загинатите е и еден од клучните сведоци на судењето на отстранетиот претседател Мохамед Морси. Тој е обвинет за заговор со исламистичкото палестинско движење Хамас, за поттикнување на убиства на припадници на безбедносните сили во текот на протестите на неговите приврзаници и противници, како и за продавање доверливи документи чувствителни за безбедноста на Египет на Катар и на телевизијата al Jazeera.
Како одговор на бунтот на исламистите, Египет го прогласи за терористичка организација и го забрани дејствувањето на Муслиманското братство и вети дека ќе го елиминира. Во судирите египетските безбедносни сили убија стотици приврзаници на движењето, и уапсија илјадници припадници меѓу кои и сите челници кои ги изведоа пред суд, со што ја ослабија оваа некогаш најмоќна организација, како во Египет, така и во соседните арапски земји. Сепак, претседателот ал-Сиси во саботата најави дека на припадниците на Муслиманското братство би можело да им биде дозволено да учествуваат повторно во политиката, доколку се откажат од насилството./крај/мф/сн
Извор: Reuters
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Вести
“Во основа е пекол на земјата”: Градот Газа оставен тотално без здравствената заштита
Во раните утрински часови во саботата, над купови бетон и урнатини, толпа лекари и пациенти пешачеа километри низ уништените улици на градот Газа, принудени да се евакуираат пеш од она што остана од болниците. Здравствените работници велат дека се плашат да ги оставаат критично болните пациенти зад себе во град кој сега во голема мера е сведен на урнатини, преземен израелските сили, со болници кои работат без струја, гориво, вода или храна, пишува британски „Гардијан“.
“Тоа е во основа пекол на земјата”, вели Вилијам Шомбург, шефот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Газа, опишувајќи го она што остана од животот во градот.
Со недели, десетици илјади луѓе се надеваа дека во болниците во Газа ќе најдат засолниште кое е најблиску до безбедно бидејќи енклавата издржа интензивирачки бомбардирања.
Но, откако израелските сили се приближија до објектите и потоа ја нападнаа најголемата болница во Газа, Дар ал-Шифа минатата недела, илјадници луѓе беа раселени заедно со медицинскиот персонал, шетајќи низ уништените улици на југ од енклавата.
Палестинското министерство за здравство во Газа соопшти дека израелските сили побарале евакуација на болницата Ал Шифа вчераутро, три дена откога влегоа во објектот. Здравствените лица сведочат дека им им било кажано дека имаат еден час да ја евакуираат болницата која беше центар на здравствениот систем на Газа.
Најмалку 12.000 луѓе загинаа во израелскиот напад врз Газа по нападот на Хамас на 7-ми октомври, во кој загинаа 1.200 Израелци, а околу 240 луѓе беа заложници.
Вести
Борел: Целосно е невозможно да се евакуираат милиони луѓе од северот на Газа
Првиот човек на ЕУ-дипломатијата Жозеп Борел утринава на прес-конференција изјави дека евакуацијата на милиони луѓе од северниот дел на Газа е целосно невозможна.
Десетици илјади цивили почнаа да бегаат од јужниот дел на Газа вчера, откако Израел им порача на луѓето да ја напуштат областа пред очекуваната копнена офанзива.
„Да се замисли дека можеш да преселиш милион луѓе за 24 часа во ситуација во каква што е Газа, може да биде само хуманитарна криза“, рече Борел на последниот ден од тридневната дипломатска посета на Кина.
И покрај изјавата на ЕУ за поддршка на Израел, тој исто така предупреди дека и Израел е должен да го почитува меѓународното хуманитарно право во одбранбениот процес.
„Позицијата е јасна“, рече Борел. „Но, како и секое право, тоа има граница. А таа граница е меѓународното право“.
Вести
Проценки на ОН: Десетици илјади луѓе веќе ја напуштија Газа
Во текот на ноќта беа објавени најновите проценки на ОН за бројот на луѓе кои ги напуштиле своите домови во северниот дел на Газа.
Тие велат дека веруваат дека станува збор за десетици илјади кои се упатиле кон југ по предупредувањето за евакуација на Израел.
Пред наредбата за евакуација, повеќе од 400.000 Палестинци беа внатрешно раселени, според хуманитарната канцеларија на ОН OCHA.
Израелската војска им порача на околу 1,1 милион луѓе во северниот дел на Газа да заминат пред очекуваната копнена инвазија. Хамас, пак, ги повика луѓето да останат на место и да пркосат на израелската воена наредба.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш рече дека наредбата од Хамас е „исклучително опасна – и во некои случаи едноставно не е возможна“.