Вести
Израел во офанзива вo Газа и покрај меѓународните напори

Израел во вторникот продолжи да гаѓа цели во палестинската енклава Појасот Газа, во времето додека американските и дипломатите на Обединетите нации водат интензивни разговори за завршување на судрите во коi досега загинаа повеќе од 600 луѓе.
Американскиот државен секретар Џон Кери разговараше со функционери во Египет, а генералниот секретар на Обединетите нации, Бан Ки-мун во Ерусалим со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, додека во среда се очекува негова средба со палестинските челници на другата палестинската енклава Западниот брег (на реката Јордан) која меѓународната заедница ja смета за окупирани палестински територии од страна на Израел. И покрај тоа, не стивнуваат борбите во Газа над која и во вторник се издигнуваат густи облаци чад, додека израелските гранати паѓаат врз оваа густо населена палестинска енклава со околу 1,8 милиони жители, пренесуваат агенциите. Палестинското исламистичко движење Хамас кое ја контролира Газа и неговите сојузници истовремено со несмален интензитет го ракетираат Израел, поради што во вторникот се огласија сирените во Тел Авив. Еден проектил падна во близина на меѓународниот аеродром „Бен Гурион“ полесно ранувајќи две лица.„Примирјето не е на повидок. Не гледам светлина на крајот од тунелот“, изјави израелската министерка за правосудство, Ципи Ливни која важи за најмирољубивиот член на потесниот кабинет на премиерот Нетанјхау. Американскиот државен секретар Џон Кери разговараше во египетската престолнина Каиро со египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси и со министерот за надворешни работи Самех Шукри. „Имаме рамка за запирање на насилствата и таа рамка е египетската иницијатива. Поради илјадниците невини семејства на двете страни чии животи се загрозени, се надеваме дека до тoа ќе дојдеме што поскоро. Хамас е пред клучниот избор кој ќе има далекосежни последици за народот на Газа“, истакна Кери на заедничката прес-конференција со египетскиот колега Шукри. Египет беше клучниот фактор за постигнување на примирјето во Газа во судирот од 2012 година, но новото државно раководство во Каиро е непријателски расположено кон исламистички Хамас кој соработуваше со соборениот исламистички претседател Мохамед Морси и неговото Муслиманско братство, што може дополнително да ја комплицира работата. „Се надеваме дека посетата (на американскиот државен секретар Кери) ќе резултира со примирје коешто ќе овозможи сигурност за палестинскиот народ и почеток на разговори за среднорочните и долгорочните прашања во врска со Газа“, изјави Шукри.Генералниот секретар на ОН, Бан Ки-Мун ги повика и Израелците и Палестинците да престанат да војуваат и да започнат да преговараат. „Мојата порака до Израелците и Палестинците е иста: ’Престанете да војувате и почнете да разговарате. Причините за судирот треба да се решаваат во коренот за да не дојдеме во истата ситуација за шест месеци или по една година“, изјави Бан на заедничката прес-конференција со израелскиот премиер Нетанјаху. Во борбите коишто влегуваат во третата седмица, досега загинаа 603 Палестинци, повеќето цивили вклучително и стотина деца, соопштија во вторникот палестински болнички извори. Израелската армија, пак, потврди дека убила 183 милитанти. Растат и жртвите на израелска страна, а откако армијата потврди уште два смртни случаи на нејзини припадници, бројот на убиени војници се искачи на 27. Тоа е трипати повеќе отколку во последната копнена офанзива во Газа во војната од ноември 2008 до јануари 2009 година. Од ракетите кои ги истрелуваа Палестинците врз израелската територија досега смртно настрадаа два цивила, потврдија израелски извори. Израелската армија соопшти дека ги идентификувала останките од шест војници убиени во напад на нивното оклопно возило во понеделникот во Газа и трае идентификацијата на седмиот. Вооруженото крило на Хамас, Бригадите ал-Кудс, тврди дека заробило израелски војник и објави негова фотографија во војничка униформа и бројот од воената идентификација, но не даде никаков доказ дека го држи во заробеништво. Израелската армија верува дека не е возможно да има преживеани во директниот погодок врз военото оклопно возило./крај/мф/сн
Извор: Reuters/AFP
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Вести
“Во основа е пекол на земјата”: Градот Газа оставен тотално без здравствената заштита

Во раните утрински часови во саботата, над купови бетон и урнатини, толпа лекари и пациенти пешачеа километри низ уништените улици на градот Газа, принудени да се евакуираат пеш од она што остана од болниците. Здравствените работници велат дека се плашат да ги оставаат критично болните пациенти зад себе во град кој сега во голема мера е сведен на урнатини, преземен израелските сили, со болници кои работат без струја, гориво, вода или храна, пишува британски „Гардијан“.
“Тоа е во основа пекол на земјата”, вели Вилијам Шомбург, шефот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Газа, опишувајќи го она што остана од животот во градот.
Со недели, десетици илјади луѓе се надеваа дека во болниците во Газа ќе најдат засолниште кое е најблиску до безбедно бидејќи енклавата издржа интензивирачки бомбардирања.
Но, откако израелските сили се приближија до објектите и потоа ја нападнаа најголемата болница во Газа, Дар ал-Шифа минатата недела, илјадници луѓе беа раселени заедно со медицинскиот персонал, шетајќи низ уништените улици на југ од енклавата.
Палестинското министерство за здравство во Газа соопшти дека израелските сили побарале евакуација на болницата Ал Шифа вчераутро, три дена откога влегоа во објектот. Здравствените лица сведочат дека им им било кажано дека имаат еден час да ја евакуираат болницата која беше центар на здравствениот систем на Газа.
Најмалку 12.000 луѓе загинаа во израелскиот напад врз Газа по нападот на Хамас на 7-ми октомври, во кој загинаа 1.200 Израелци, а околу 240 луѓе беа заложници.
Вести
Борел: Целосно е невозможно да се евакуираат милиони луѓе од северот на Газа

Првиот човек на ЕУ-дипломатијата Жозеп Борел утринава на прес-конференција изјави дека евакуацијата на милиони луѓе од северниот дел на Газа е целосно невозможна.
Десетици илјади цивили почнаа да бегаат од јужниот дел на Газа вчера, откако Израел им порача на луѓето да ја напуштат областа пред очекуваната копнена офанзива.
„Да се замисли дека можеш да преселиш милион луѓе за 24 часа во ситуација во каква што е Газа, може да биде само хуманитарна криза“, рече Борел на последниот ден од тридневната дипломатска посета на Кина.
И покрај изјавата на ЕУ за поддршка на Израел, тој исто така предупреди дека и Израел е должен да го почитува меѓународното хуманитарно право во одбранбениот процес.
„Позицијата е јасна“, рече Борел. „Но, како и секое право, тоа има граница. А таа граница е меѓународното право“.
Вести
Проценки на ОН: Десетици илјади луѓе веќе ја напуштија Газа

Во текот на ноќта беа објавени најновите проценки на ОН за бројот на луѓе кои ги напуштиле своите домови во северниот дел на Газа.
Тие велат дека веруваат дека станува збор за десетици илјади кои се упатиле кон југ по предупредувањето за евакуација на Израел.
Пред наредбата за евакуација, повеќе од 400.000 Палестинци беа внатрешно раселени, според хуманитарната канцеларија на ОН OCHA.
Израелската војска им порача на околу 1,1 милион луѓе во северниот дел на Газа да заминат пред очекуваната копнена инвазија. Хамас, пак, ги повика луѓето да останат на место и да пркосат на израелската воена наредба.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш рече дека наредбата од Хамас е „исклучително опасна – и во некои случаи едноставно не е возможна“.