Вести
Медиуми: Мртви во американско бомбардирање на болница во Кундуз
Болница на меѓународната невладина организација Лекари без граници (Médecins Sans Frontières – MSF) во Кундуз, авганистански град кој беше заземен од талибаните а контрола ја повратија авганистанските безбедносни сили со поддршка на НАТО, е многу оштетена во ноќно бомбардирање во кое се убиени тројца вработени, а за нападот најверојатно се одговорни американските воздухопловни сили, пренесуваат агенциите.
Американските воздухопловни сили извеле напад во Кундуз, потврди портпаролот на НАТО Брајан Трибас во саботата, додавајќи дека цели биле „лица кои претставувале закана за коалициските сили“. „Воздушниот напад можеби резултирал со колатерална штетата на блиската медицинска установа. Истрагата е во тек“, изјави Трибас.
Три лица загинале, а повеќе од 30 членови на болничкиот персонал се сметаат за исчезнати по овој напад, истакнаа во соопштение од Лекари без граници. Во моментот на бомбардирањето 105 пациенти и 80 вработени, Авганистанци и странци, се наоѓале во споменатата болница, а одделот за травматологија е целосно уништен во нападот.
Од Лекари без граници, исто така, додаваат дека во текот на воздушниот напад болницата била погодена неколку пати. „Шокирани сме од нападот, од убиствата на нашиот персонал и пациенти, како и со ударот кој со овој напад го претрпи медицинскиот систем во Кундуз“, изјави претставникот на организацијата, Барт Јансен.
Според него, непозната е судбината на уште 30 лица, и додаде дека медицинските тимови се борат со времето за да сторат сé што е можно за безбедноста на пациентите и болничкиот персонал.
Портпаролот на авганистанските талибани, Забиула Муџахид изјави во порака до агенциите дека американските сили ја гаѓале болницата, и усмртиле лекари, медицински сестри и пациент. Ниеден талибански борец не се наоѓал во болницата, додал.
Муџахид тврди дека талибанските борци сé уште се во градот и ја имаат контролата, но сепак други талибански извори за локалните медиуми рекле дека нивните борци почнале со повлекување од Кундуз.
Американските сили изминатите денови изведоа неколку воздушни напади во Кундуз за да им помогнат на силите на авганистанската влада под своја контрола да го вратат овој важен стратешки град кој талибаните го освоија минатата седмица. /крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Вести
“Во основа е пекол на земјата”: Градот Газа оставен тотално без здравствената заштита
Во раните утрински часови во саботата, над купови бетон и урнатини, толпа лекари и пациенти пешачеа километри низ уништените улици на градот Газа, принудени да се евакуираат пеш од она што остана од болниците. Здравствените работници велат дека се плашат да ги оставаат критично болните пациенти зад себе во град кој сега во голема мера е сведен на урнатини, преземен израелските сили, со болници кои работат без струја, гориво, вода или храна, пишува британски „Гардијан“.
“Тоа е во основа пекол на земјата”, вели Вилијам Шомбург, шефот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Газа, опишувајќи го она што остана од животот во градот.
Со недели, десетици илјади луѓе се надеваа дека во болниците во Газа ќе најдат засолниште кое е најблиску до безбедно бидејќи енклавата издржа интензивирачки бомбардирања.
Но, откако израелските сили се приближија до објектите и потоа ја нападнаа најголемата болница во Газа, Дар ал-Шифа минатата недела, илјадници луѓе беа раселени заедно со медицинскиот персонал, шетајќи низ уништените улици на југ од енклавата.
Палестинското министерство за здравство во Газа соопшти дека израелските сили побарале евакуација на болницата Ал Шифа вчераутро, три дена откога влегоа во објектот. Здравствените лица сведочат дека им им било кажано дека имаат еден час да ја евакуираат болницата која беше центар на здравствениот систем на Газа.
Најмалку 12.000 луѓе загинаа во израелскиот напад врз Газа по нападот на Хамас на 7-ми октомври, во кој загинаа 1.200 Израелци, а околу 240 луѓе беа заложници.
Вести
Борел: Целосно е невозможно да се евакуираат милиони луѓе од северот на Газа
Првиот човек на ЕУ-дипломатијата Жозеп Борел утринава на прес-конференција изјави дека евакуацијата на милиони луѓе од северниот дел на Газа е целосно невозможна.
Десетици илјади цивили почнаа да бегаат од јужниот дел на Газа вчера, откако Израел им порача на луѓето да ја напуштат областа пред очекуваната копнена офанзива.
„Да се замисли дека можеш да преселиш милион луѓе за 24 часа во ситуација во каква што е Газа, може да биде само хуманитарна криза“, рече Борел на последниот ден од тридневната дипломатска посета на Кина.
И покрај изјавата на ЕУ за поддршка на Израел, тој исто така предупреди дека и Израел е должен да го почитува меѓународното хуманитарно право во одбранбениот процес.
„Позицијата е јасна“, рече Борел. „Но, како и секое право, тоа има граница. А таа граница е меѓународното право“.
Вести
Проценки на ОН: Десетици илјади луѓе веќе ја напуштија Газа
Во текот на ноќта беа објавени најновите проценки на ОН за бројот на луѓе кои ги напуштиле своите домови во северниот дел на Газа.
Тие велат дека веруваат дека станува збор за десетици илјади кои се упатиле кон југ по предупредувањето за евакуација на Израел.
Пред наредбата за евакуација, повеќе од 400.000 Палестинци беа внатрешно раселени, според хуманитарната канцеларија на ОН OCHA.
Израелската војска им порача на околу 1,1 милион луѓе во северниот дел на Газа да заминат пред очекуваната копнена инвазија. Хамас, пак, ги повика луѓето да останат на место и да пркосат на израелската воена наредба.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш рече дека наредбата од Хамас е „исклучително опасна – и во некои случаи едноставно не е возможна“.