Вести
Москва: Експертизата сé уште нема потврда за експлозија во авионот или експлозивни супстанции на местото на падот

Руската страна „нема потврда за експлозија во авионот“ на рускиот патнички авион со 224 луѓе кој се урна на 31-ви октомври во Египет, изјави во петокот вечерта извор во рускиот тим кој е дел од специјалната комисија на египетските воздухопловни власти која ја истражува трагедијата, коментирајќи ги информациите од Франција.
Претходно во петокот вечерта француската телевизија France 2, повикувајќи се на неименуван истражител, објави дека при декодирањето на записот на „црната кутија“ од авионот „Airbus A321“ на летот од Шарм-ел-Шејк кон Санкт Петербург наводно се слушнал шум од експлозија, која се случила за време на летот и не е поврзана со дефект на мотор.„Руските експерти ќе побараат од француските иследници и од египетската комисија да ја потврдат идентификацијата на експлозија во авионот… Во моментов можеме да зборуваме само за нејасни звуци регистрирани на рекордерот… Одредувањето на карактерот и природата на овие звуци, особено да се тврди дека тие потекнуваат од експлозија, во моментов е избрзано… Ние немаме такви информации“, изјавил за агенцијата РИА неименуван член на тимот руски истражители.Истовремено и членот на комисијата на рускиот Совет на Федерацијата за надворешни работи, сенаторот Игор Морозов, за приватната телевизија Дождь изјави дека египетските стручњаци кои ги истражуваат причините за уривањето на рускиот патнички авион на Синајскиот полуостров сé уште не можат да потврдат присуство на експлозивни материи на местото на падот.„Пред само три часа разговарав со нашите колеги од Египет, кои се во контакт со египетските експерти, и тие уверуваат дека во струготините од парчињата метал, на облеките, на телата, сé уште не е потврдено присуство на експлозивни материи“, рече Морозов.„Мислам дека треба да се разгледаат сите верзии и да се почека заклучоците од сите, вклучително и техничката експертиза, за да бидеме убедени што се случило во авионот“, додаде рускиот сенатор и оцени дека „неопходно е да не се надувува ситуацијата натаму, само затоа што западните медиуми денеска зборуваат за терористички напад и не се засноваат на конкретни факти“. Според Морозов, малку е веројатно „сириските терористи да имаат можност да изведуваат терористички напади по целиот свет, па дури и на Блискиот исток, бидејќи нивната територија сепак е ограничена“. „Да, тие сега објавуваат за проширување на нивните територии како резултат на контактите со талибаните или другите екстремни исламистички групи, но во секој случај државите се посилни од џихадистичките терористички групи“, рече Морозов алудирајќи на египетската екстремна група Ансар Баит ал-Макдис (Бранители на Ерусалим), којашто се заколна на лојалноста на џихадистичката организација Исламска држава, и го смени името во Велајат Синај (Синајски вилает) и е пруситна на Синајскиот полуостров каде што се урна рускиот авион./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Вести
“Во основа е пекол на земјата”: Градот Газа оставен тотално без здравствената заштита

Во раните утрински часови во саботата, над купови бетон и урнатини, толпа лекари и пациенти пешачеа километри низ уништените улици на градот Газа, принудени да се евакуираат пеш од она што остана од болниците. Здравствените работници велат дека се плашат да ги оставаат критично болните пациенти зад себе во град кој сега во голема мера е сведен на урнатини, преземен израелските сили, со болници кои работат без струја, гориво, вода или храна, пишува британски „Гардијан“.
“Тоа е во основа пекол на земјата”, вели Вилијам Шомбург, шефот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Газа, опишувајќи го она што остана од животот во градот.
Со недели, десетици илјади луѓе се надеваа дека во болниците во Газа ќе најдат засолниште кое е најблиску до безбедно бидејќи енклавата издржа интензивирачки бомбардирања.
Но, откако израелските сили се приближија до објектите и потоа ја нападнаа најголемата болница во Газа, Дар ал-Шифа минатата недела, илјадници луѓе беа раселени заедно со медицинскиот персонал, шетајќи низ уништените улици на југ од енклавата.
Палестинското министерство за здравство во Газа соопшти дека израелските сили побарале евакуација на болницата Ал Шифа вчераутро, три дена откога влегоа во објектот. Здравствените лица сведочат дека им им било кажано дека имаат еден час да ја евакуираат болницата која беше центар на здравствениот систем на Газа.
Најмалку 12.000 луѓе загинаа во израелскиот напад врз Газа по нападот на Хамас на 7-ми октомври, во кој загинаа 1.200 Израелци, а околу 240 луѓе беа заложници.
Вести
Борел: Целосно е невозможно да се евакуираат милиони луѓе од северот на Газа

Првиот човек на ЕУ-дипломатијата Жозеп Борел утринава на прес-конференција изјави дека евакуацијата на милиони луѓе од северниот дел на Газа е целосно невозможна.
Десетици илјади цивили почнаа да бегаат од јужниот дел на Газа вчера, откако Израел им порача на луѓето да ја напуштат областа пред очекуваната копнена офанзива.
„Да се замисли дека можеш да преселиш милион луѓе за 24 часа во ситуација во каква што е Газа, може да биде само хуманитарна криза“, рече Борел на последниот ден од тридневната дипломатска посета на Кина.
И покрај изјавата на ЕУ за поддршка на Израел, тој исто така предупреди дека и Израел е должен да го почитува меѓународното хуманитарно право во одбранбениот процес.
„Позицијата е јасна“, рече Борел. „Но, како и секое право, тоа има граница. А таа граница е меѓународното право“.
Вести
Проценки на ОН: Десетици илјади луѓе веќе ја напуштија Газа

Во текот на ноќта беа објавени најновите проценки на ОН за бројот на луѓе кои ги напуштиле своите домови во северниот дел на Газа.
Тие велат дека веруваат дека станува збор за десетици илјади кои се упатиле кон југ по предупредувањето за евакуација на Израел.
Пред наредбата за евакуација, повеќе од 400.000 Палестинци беа внатрешно раселени, според хуманитарната канцеларија на ОН OCHA.
Израелската војска им порача на околу 1,1 милион луѓе во северниот дел на Газа да заминат пред очекуваната копнена инвазија. Хамас, пак, ги повика луѓето да останат на место и да пркосат на израелската воена наредба.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш рече дека наредбата од Хамас е „исклучително опасна – и во некои случаи едноставно не е возможна“.