Вести
Норвешка најдобра земја за мајките, Македонија 37-ма од 179 држави

Норвешка е најдобрата а Сомалија е најлошата земја за мајките, покажа извештајот на меѓународната непрофитна организација Save the Children објавен во вторникот, во кој Македонија е на 37-то место на листата од 179 анализирани држави.
Норвешка од второто место минатата 2014 година се искачи на првото, благодарејќи на најдобрите резултатите во сите пет показатели: здравјето на мајките и децата, пристапот до образованието, како и политичкиот и економскиот статус на жените. Според условите во кои живеат мајките и децата, најлоша земја, втора година со ред е Сомалија, во којашто 15 отсто од децата не го доживуваат петтиот роденден, се наведува во извештајот на организацијата чија цел е заштитата и промовирањето на правата на децата.
Македонија е рангирана на 37-те позиција, а од земјите од регионот подобро се рангирани Словенија (15), Хрватска (30) и Србија (35), додека Црна Гора е на 42-ра, Бугарија – 44 БиХ – 54 и Албанија 82.
Според ткн Mother Index-от, во Македонија една на 10.200 жени умираат од компликации поврзани со бременоста (од 2013 година), пред петтата година од животот умираат 6,6 од 1.000 деца, очекуваното формално школување трае 13,4 години, заработката на жените (2013) изнесувала изразено во американски долари 4.870, а на жените отпаѓа 33,3 отсто од местата во власта на национално ниво.
Европските земји убедливо предничат меѓу првите десет земји со најдобри услови за живот на мајките и децата: Норвешка, Финска, Исланд, Данска, Шведска, Холандија, Шпанија, Германија, Австралија и Белгија.
Последните десет земји на листата, во извештајот за 2015 година, повеќето се земји од западна и централна Африка, и тоа од последното 179-то место: Сомалија, Демократска Република Конго, Централноафриканската Република, Мали, Нигер, Гамбија, Брегот на слоновата коска, Буркина Фасо и Хаити и Сиера Леоне. Во овие земји во просек една на 30 жени умираат од компликации поврзани со бременоста, а едно од осум деца починуваат пред петтата година, предупредуваат од Save the Children.
„Собраните податоци укажуваат на големиот јаз меѓу богатите и сиромашните земји и бараат итна кација за да се подобрат здравјето и животните услови на мајките и на нивните деца“, се наведува во извештајот на организацијата.
Анализата, исто така, ја потврдува погубната улога на војните и лошото владеење врз животните услови за мајките и децата во тие земји. Девет од единаесетте најлошо оценети земји, имено, се погодени од војни или политички нестабилности, што значи дека не се во состојба да г обезбедат ниту најнеопходните услуги за задоволување на основните потреби на своите граѓани, се истакнува во заклучокот на ова организација за заштита на правата на децата./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Вести
“Во основа е пекол на земјата”: Градот Газа оставен тотално без здравствената заштита

Во раните утрински часови во саботата, над купови бетон и урнатини, толпа лекари и пациенти пешачеа километри низ уништените улици на градот Газа, принудени да се евакуираат пеш од она што остана од болниците. Здравствените работници велат дека се плашат да ги оставаат критично болните пациенти зад себе во град кој сега во голема мера е сведен на урнатини, преземен израелските сили, со болници кои работат без струја, гориво, вода или храна, пишува британски „Гардијан“.
“Тоа е во основа пекол на земјата”, вели Вилијам Шомбург, шефот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Газа, опишувајќи го она што остана од животот во градот.
Со недели, десетици илјади луѓе се надеваа дека во болниците во Газа ќе најдат засолниште кое е најблиску до безбедно бидејќи енклавата издржа интензивирачки бомбардирања.
Но, откако израелските сили се приближија до објектите и потоа ја нападнаа најголемата болница во Газа, Дар ал-Шифа минатата недела, илјадници луѓе беа раселени заедно со медицинскиот персонал, шетајќи низ уништените улици на југ од енклавата.
Палестинското министерство за здравство во Газа соопшти дека израелските сили побарале евакуација на болницата Ал Шифа вчераутро, три дена откога влегоа во објектот. Здравствените лица сведочат дека им им било кажано дека имаат еден час да ја евакуираат болницата која беше центар на здравствениот систем на Газа.
Најмалку 12.000 луѓе загинаа во израелскиот напад врз Газа по нападот на Хамас на 7-ми октомври, во кој загинаа 1.200 Израелци, а околу 240 луѓе беа заложници.
Вести
Борел: Целосно е невозможно да се евакуираат милиони луѓе од северот на Газа

Првиот човек на ЕУ-дипломатијата Жозеп Борел утринава на прес-конференција изјави дека евакуацијата на милиони луѓе од северниот дел на Газа е целосно невозможна.
Десетици илјади цивили почнаа да бегаат од јужниот дел на Газа вчера, откако Израел им порача на луѓето да ја напуштат областа пред очекуваната копнена офанзива.
„Да се замисли дека можеш да преселиш милион луѓе за 24 часа во ситуација во каква што е Газа, може да биде само хуманитарна криза“, рече Борел на последниот ден од тридневната дипломатска посета на Кина.
И покрај изјавата на ЕУ за поддршка на Израел, тој исто така предупреди дека и Израел е должен да го почитува меѓународното хуманитарно право во одбранбениот процес.
„Позицијата е јасна“, рече Борел. „Но, како и секое право, тоа има граница. А таа граница е меѓународното право“.
Вести
Проценки на ОН: Десетици илјади луѓе веќе ја напуштија Газа

Во текот на ноќта беа објавени најновите проценки на ОН за бројот на луѓе кои ги напуштиле своите домови во северниот дел на Газа.
Тие велат дека веруваат дека станува збор за десетици илјади кои се упатиле кон југ по предупредувањето за евакуација на Израел.
Пред наредбата за евакуација, повеќе од 400.000 Палестинци беа внатрешно раселени, според хуманитарната канцеларија на ОН OCHA.
Израелската војска им порача на околу 1,1 милион луѓе во северниот дел на Газа да заминат пред очекуваната копнена инвазија. Хамас, пак, ги повика луѓето да останат на место и да пркосат на израелската воена наредба.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш рече дека наредбата од Хамас е „исклучително опасна – и во некои случаи едноставно не е возможна“.