Вести
Обама го објави планот за чиста енергија

Американскиот претседател Барак Обама го објави, како што беше претходно најавено, во понеделникот вечерта својот план за чиста енергија, со итен повик за намалување на емисијата на гасовите коишто го предизвикуваат ефектот на стаклената градина.
„Ние сме првата генерација којашто го чувствува влијанието на климатските промени и последната којашто може нешто да преземе“, изјави американскиот претседател Барак Обама на собирот во Белата куќа на кој пред приврзаниците го изнесе својот амбициозен а според некои и контроверзен план за намалување на емисијата на ткн стакленички гасови од американските термоцентрали на јаглен.
„Имаме само еден дом. Имаме само една планета. План Б не постои. Доколку тоа не го сториме ние, никој нема… Кога светот е соочен со најголемите предизвици, Америка стои на чело на колоната. За тоа станува збор“, истакна Обама.
Оценувајќи ги климатските промени како најголема закана за човештвото, претседателот на САД изјави дека прописите, коишто од енергетскиот сектор бараат до 2030 година да ја намали емисијата на штетните гасови за 32 отсто во однос на нивото од 2005 година, ќе ја поевтината електричната енергија и ќе го подобрат здравјето на нацијата.
Планот со кој е предвидена замена на јагленот со обновливите извори на енергија, би требало на САД да им дадат појдовна точка за меѓународните разговори во Париз на самитот за климата кој ќе се одржи подоцна годинава за постигнување глобален договор за намалување на глобалното затоплување.
Обама има намера да го спроведе планот со помош на укази, заобиколувајќи го Конгресот кој одби да донесе некои закони за намалувањето на загадувањето на воздухот со јаглерод диоксид, гас кој научниците го сметаат за „виновен“ за затоплувањето на планетата. Указите би можеле да наидат на отпор и кај некои сојузни држава и големи компании, па нивниот долгорочен успех зависи и од тоа дали ќе успее да се спротистави на таквите и сличните пречки.
Планот на Обама за чиста енергија би требало да биде неговото главно наследство како претседател во борбата против климатските промени, едно од главните негови предизборни ветувања кога во 2008 година првпат стана челник на САД.
Објавувањето на планот веднаш предизвика осуди и критики од страна на републиканците. Челникот на мнозинството во Сенатот, Мич Мекконел, изјави дека новите прописи ќе ги изгаснат термоцентралите и ќе ја зголемат цената на електричната енергија. „Ќе сторам сé што можам да го спречам тоа“, порача Мекконел.
Претседателот на Претставничкиот дом од редовите на републиканците, Џон Бонер, го нарече планот „данок на енергијата“ кој администрацијата на Обама го воведува во периодот кога американската економија постепено заздравува од рецесијата. „Мислам дека планот е скап, безобѕирен напад врз Американците кои со тешки маки поврзуваат крај со крај“, истакна Бонер.
Претседателот Обама и претходно ги отфрлаше критиките дена неговиот план ќе предизвика раст на цените на енергијата, дополнително осиромашувајќи ги Американците и ќе згасне работни места. „Ова е исправна работа која мораме да ја сториме“, истакна./крај/мф/сн
Извор: Reuters/AFP
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Вести
“Во основа е пекол на земјата”: Градот Газа оставен тотално без здравствената заштита

Во раните утрински часови во саботата, над купови бетон и урнатини, толпа лекари и пациенти пешачеа километри низ уништените улици на градот Газа, принудени да се евакуираат пеш од она што остана од болниците. Здравствените работници велат дека се плашат да ги оставаат критично болните пациенти зад себе во град кој сега во голема мера е сведен на урнатини, преземен израелските сили, со болници кои работат без струја, гориво, вода или храна, пишува британски „Гардијан“.
“Тоа е во основа пекол на земјата”, вели Вилијам Шомбург, шефот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Газа, опишувајќи го она што остана од животот во градот.
Со недели, десетици илјади луѓе се надеваа дека во болниците во Газа ќе најдат засолниште кое е најблиску до безбедно бидејќи енклавата издржа интензивирачки бомбардирања.
Но, откако израелските сили се приближија до објектите и потоа ја нападнаа најголемата болница во Газа, Дар ал-Шифа минатата недела, илјадници луѓе беа раселени заедно со медицинскиот персонал, шетајќи низ уништените улици на југ од енклавата.
Палестинското министерство за здравство во Газа соопшти дека израелските сили побарале евакуација на болницата Ал Шифа вчераутро, три дена откога влегоа во објектот. Здравствените лица сведочат дека им им било кажано дека имаат еден час да ја евакуираат болницата која беше центар на здравствениот систем на Газа.
Најмалку 12.000 луѓе загинаа во израелскиот напад врз Газа по нападот на Хамас на 7-ми октомври, во кој загинаа 1.200 Израелци, а околу 240 луѓе беа заложници.
Вести
Борел: Целосно е невозможно да се евакуираат милиони луѓе од северот на Газа

Првиот човек на ЕУ-дипломатијата Жозеп Борел утринава на прес-конференција изјави дека евакуацијата на милиони луѓе од северниот дел на Газа е целосно невозможна.
Десетици илјади цивили почнаа да бегаат од јужниот дел на Газа вчера, откако Израел им порача на луѓето да ја напуштат областа пред очекуваната копнена офанзива.
„Да се замисли дека можеш да преселиш милион луѓе за 24 часа во ситуација во каква што е Газа, може да биде само хуманитарна криза“, рече Борел на последниот ден од тридневната дипломатска посета на Кина.
И покрај изјавата на ЕУ за поддршка на Израел, тој исто така предупреди дека и Израел е должен да го почитува меѓународното хуманитарно право во одбранбениот процес.
„Позицијата е јасна“, рече Борел. „Но, како и секое право, тоа има граница. А таа граница е меѓународното право“.
Вести
Проценки на ОН: Десетици илјади луѓе веќе ја напуштија Газа

Во текот на ноќта беа објавени најновите проценки на ОН за бројот на луѓе кои ги напуштиле своите домови во северниот дел на Газа.
Тие велат дека веруваат дека станува збор за десетици илјади кои се упатиле кон југ по предупредувањето за евакуација на Израел.
Пред наредбата за евакуација, повеќе од 400.000 Палестинци беа внатрешно раселени, според хуманитарната канцеларија на ОН OCHA.
Израелската војска им порача на околу 1,1 милион луѓе во северниот дел на Газа да заминат пред очекуваната копнена инвазија. Хамас, пак, ги повика луѓето да останат на место и да пркосат на израелската воена наредба.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш рече дека наредбата од Хамас е „исклучително опасна – и во некои случаи едноставно не е возможна“.