Вести
Обама именуваше прв ‘специјален пратеник’ за заложници и нов за Сирија во Москва

Два месеца откако на семејствата на грабнатите Американци им вети повеќе транспарентност и ефикасност, американскиот претседател Барак Обама во петокот го именуваше првиот „специјален претставник“ за заложници Џејмс О’брајан, а истовремено во Москва во рамките на засилените напори за наоѓање решение за Сирија отпатува Мајкл Рејтни.
Џејмс О’Брајан е поранешен дипломат, прекален во чувствителни меѓународни преговори, кој во 1990-те години беше советник на Медлин Олбрајт додека беше амбасадорка во ОН, а потоа и американска државна секретарка. Во тоа својство учествуваше и во изработката на Дејтонскиот мировен договор, со кој во 1995 година беше завршна војната во Босна и Херцеговина.
Позицијата претставник за заложници во Стејт департментот е воспоставена по шестмесечната ревизија на администрацијата на Обама на своите политики и дејствувања во заложничките кризи, поттикната од поплаките на семејствата дека нивните иницијативи да ги ослободат своите роднини кои се грабнати од терористи биле обесхрабрувани, а понекогаш и биле оневозможувани од владини функционери.
„Џим на својата нова позиција ќе има една од најважните цели – со дипломатија да овозможи сигурно враќање на Американците заточени во странски земји“, наведе во писмената изјава американскиот државен секретар Џон Кери.
Според него, искусниот дипломат ќе биде во „близок контакт“ со семејствата на грабнатите и со странските политички челници, ќе учествува во изработка на американската стратегија и ќе ги претставува САД во странство кој ќе се зборува за оваа чувствителна тема.
Според достапните податоци, од 11-ти септември 2011 година, досега се грабнати повеќе д 80 американски државјани, од кои 30-ина уште се во рацете на грабнувачите.
Истовремено руското министерство за надворешни работи во Москва во рамките на интензивните руски активност за барање политичко решение за сириската криза го прими новиот американски пратеник за Сирија, Мајкл Рејтни, кој разговараше со заменикот министер за надворешни работи, Михаил Богданов и со други дипломати. Двајцата не даваа изјави за медиумите по средбата.
Посетата на Рејтни на Русија е потврда на силниот ангажман на САД во содејствувањето со меѓународната заедница за да им се помогне на Сиријците во поставувањето на темелите за слободна и демократска иднина, изјави портпаролот на американската амбасада во Москва.
Последните денови зачестија дипломатските советувања во врска со барањето излез од конфликтот во Сирија, како што беше во текот на средбата кон средината на август во Доха меѓу шефовите на дипломатиите на САД, Русија и Саудиска Арабија.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во понеделник во Москва треба да се сретне со претставниците на сириската опозиција којашто не дејствува воено, којашто ја прифаќа претседателот Башар ал-Асад.
Русија и Иран го поддржуваат алавитскиот (шиитски) претседател Башар ал-Асад, додека САД, ЕУ, сунитска Турција и сунитските арапски земји во регионот ја поддржуваат ткн „умерена“ сунитска сириска вооружена опозиција од којашто произлезе џихадистичката Исламска држава против којашто сега дејствува меѓународната коалиција.
Првпат во последните две години на 17-ти август 15-те земји членки на Советот за безбедност при Обединетите нации, меѓу кои и Русија и Кина, едногласно поддржаа иницијатива за поддршка на политичкото решение на сирискиот судир./крај/мф/сн
Извор: Reuters/AFP
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Вести
“Во основа е пекол на земјата”: Градот Газа оставен тотално без здравствената заштита

Во раните утрински часови во саботата, над купови бетон и урнатини, толпа лекари и пациенти пешачеа километри низ уништените улици на градот Газа, принудени да се евакуираат пеш од она што остана од болниците. Здравствените работници велат дека се плашат да ги оставаат критично болните пациенти зад себе во град кој сега во голема мера е сведен на урнатини, преземен израелските сили, со болници кои работат без струја, гориво, вода или храна, пишува британски „Гардијан“.
“Тоа е во основа пекол на земјата”, вели Вилијам Шомбург, шефот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Газа, опишувајќи го она што остана од животот во градот.
Со недели, десетици илјади луѓе се надеваа дека во болниците во Газа ќе најдат засолниште кое е најблиску до безбедно бидејќи енклавата издржа интензивирачки бомбардирања.
Но, откако израелските сили се приближија до објектите и потоа ја нападнаа најголемата болница во Газа, Дар ал-Шифа минатата недела, илјадници луѓе беа раселени заедно со медицинскиот персонал, шетајќи низ уништените улици на југ од енклавата.
Палестинското министерство за здравство во Газа соопшти дека израелските сили побарале евакуација на болницата Ал Шифа вчераутро, три дена откога влегоа во објектот. Здравствените лица сведочат дека им им било кажано дека имаат еден час да ја евакуираат болницата која беше центар на здравствениот систем на Газа.
Најмалку 12.000 луѓе загинаа во израелскиот напад врз Газа по нападот на Хамас на 7-ми октомври, во кој загинаа 1.200 Израелци, а околу 240 луѓе беа заложници.
Вести
Борел: Целосно е невозможно да се евакуираат милиони луѓе од северот на Газа

Првиот човек на ЕУ-дипломатијата Жозеп Борел утринава на прес-конференција изјави дека евакуацијата на милиони луѓе од северниот дел на Газа е целосно невозможна.
Десетици илјади цивили почнаа да бегаат од јужниот дел на Газа вчера, откако Израел им порача на луѓето да ја напуштат областа пред очекуваната копнена офанзива.
„Да се замисли дека можеш да преселиш милион луѓе за 24 часа во ситуација во каква што е Газа, може да биде само хуманитарна криза“, рече Борел на последниот ден од тридневната дипломатска посета на Кина.
И покрај изјавата на ЕУ за поддршка на Израел, тој исто така предупреди дека и Израел е должен да го почитува меѓународното хуманитарно право во одбранбениот процес.
„Позицијата е јасна“, рече Борел. „Но, како и секое право, тоа има граница. А таа граница е меѓународното право“.
Вести
Проценки на ОН: Десетици илјади луѓе веќе ја напуштија Газа

Во текот на ноќта беа објавени најновите проценки на ОН за бројот на луѓе кои ги напуштиле своите домови во северниот дел на Газа.
Тие велат дека веруваат дека станува збор за десетици илјади кои се упатиле кон југ по предупредувањето за евакуација на Израел.
Пред наредбата за евакуација, повеќе од 400.000 Палестинци беа внатрешно раселени, според хуманитарната канцеларија на ОН OCHA.
Израелската војска им порача на околу 1,1 милион луѓе во северниот дел на Газа да заминат пред очекуваната копнена инвазија. Хамас, пак, ги повика луѓето да останат на место и да пркосат на израелската воена наредба.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш рече дека наредбата од Хамас е „исклучително опасна – и во некои случаи едноставно не е возможна“.