Вести
Папата повика да прекине прогонот на христијаните во светот

Папата Франциск во неделата во својата Велигденска порака Урби ет Орби, повика на прекин на прогонот на христијаните во светот, неколку дека откако исламистичките милитанти во Кенија убија речиси 150 студенти претежно христијани, како и на прекин на сите судири, во прв ред во Сирија и во Ирак, од каде што исто така се прогонуваат христијаните.
„Го повикуваме Исуса, победникот над смртта, да ги ублажи патењата на нашите браќа и сестри кои се прогонети поради неговото име, и сите оние кои трпат неправда поради судирите и насилствата, а такви има многу“, порача поглаварот на Римокатоличката црква.
„Сите луѓе со добра волја непрестајно нека се молат за оние кои ги загубија своите животи, особено за младите убиени минатиот четврток на кенискиот универзитет во Гариса, за грабнатите и оние коишто мораа да ги напуштат своите домови и сакани“, додаде папата Франциск пред илјадници верници традиционално собрани на Плоштадот на свети Петар и покрај врнежливото време.
Папата повика и на мир во Либија, каде што џихадистите од Исламската држава во февруари брутално егзекутираа 22 египетски христијани – копти. Се молеше , исто така, за мир во Сирија и во Ирак, како и во Јемен, Судан, Јужен Судан, ДР Конго и Нигерија, каде што исламистите од сектата Боко Харам ги напаѓаат христијанските цркви и села.
„Бараме мир и слобода за многу мажи и жени подложени на старите и новите облици на ропство, кое им го наметнаа криминални групи и поединци. Мир и слобода за жртвите на криумчарите на дроги, кои често се поврзани со оние кои би требало да го бранат мирот и хармонијата во човечкото семејство. И бараме мир за овој свет подјармен од криумчарите со оружје, кои заработуваат на човечката крв“, порача папата Франциск.
Во агенциските извештаи се истакнува дека рњеиси единствената оптимистика мисла во говорот на Папата се однесувала на договорот меѓу Иран и шесте светски сили за рамковниот договор за иранската нуклеарна програма, постигнат претходно седмицава по маратонските преговори во швајцарскиот град Лозана.
„Му го доверуваме на милостивиот Господ рамковниот договор неодамна договорен во Лозана, во надеж дека тоа ќе претставува конечниот чекор кон посигурен и побратски свет“, рече папата Франциск./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Вести
“Во основа е пекол на земјата”: Градот Газа оставен тотално без здравствената заштита

Во раните утрински часови во саботата, над купови бетон и урнатини, толпа лекари и пациенти пешачеа километри низ уништените улици на градот Газа, принудени да се евакуираат пеш од она што остана од болниците. Здравствените работници велат дека се плашат да ги оставаат критично болните пациенти зад себе во град кој сега во голема мера е сведен на урнатини, преземен израелските сили, со болници кои работат без струја, гориво, вода или храна, пишува британски „Гардијан“.
“Тоа е во основа пекол на земјата”, вели Вилијам Шомбург, шефот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Газа, опишувајќи го она што остана од животот во градот.
Со недели, десетици илјади луѓе се надеваа дека во болниците во Газа ќе најдат засолниште кое е најблиску до безбедно бидејќи енклавата издржа интензивирачки бомбардирања.
Но, откако израелските сили се приближија до објектите и потоа ја нападнаа најголемата болница во Газа, Дар ал-Шифа минатата недела, илјадници луѓе беа раселени заедно со медицинскиот персонал, шетајќи низ уништените улици на југ од енклавата.
Палестинското министерство за здравство во Газа соопшти дека израелските сили побарале евакуација на болницата Ал Шифа вчераутро, три дена откога влегоа во објектот. Здравствените лица сведочат дека им им било кажано дека имаат еден час да ја евакуираат болницата која беше центар на здравствениот систем на Газа.
Најмалку 12.000 луѓе загинаа во израелскиот напад врз Газа по нападот на Хамас на 7-ми октомври, во кој загинаа 1.200 Израелци, а околу 240 луѓе беа заложници.
Вести
Борел: Целосно е невозможно да се евакуираат милиони луѓе од северот на Газа

Првиот човек на ЕУ-дипломатијата Жозеп Борел утринава на прес-конференција изјави дека евакуацијата на милиони луѓе од северниот дел на Газа е целосно невозможна.
Десетици илјади цивили почнаа да бегаат од јужниот дел на Газа вчера, откако Израел им порача на луѓето да ја напуштат областа пред очекуваната копнена офанзива.
„Да се замисли дека можеш да преселиш милион луѓе за 24 часа во ситуација во каква што е Газа, може да биде само хуманитарна криза“, рече Борел на последниот ден од тридневната дипломатска посета на Кина.
И покрај изјавата на ЕУ за поддршка на Израел, тој исто така предупреди дека и Израел е должен да го почитува меѓународното хуманитарно право во одбранбениот процес.
„Позицијата е јасна“, рече Борел. „Но, како и секое право, тоа има граница. А таа граница е меѓународното право“.
Вести
Проценки на ОН: Десетици илјади луѓе веќе ја напуштија Газа

Во текот на ноќта беа објавени најновите проценки на ОН за бројот на луѓе кои ги напуштиле своите домови во северниот дел на Газа.
Тие велат дека веруваат дека станува збор за десетици илјади кои се упатиле кон југ по предупредувањето за евакуација на Израел.
Пред наредбата за евакуација, повеќе од 400.000 Палестинци беа внатрешно раселени, според хуманитарната канцеларија на ОН OCHA.
Израелската војска им порача на околу 1,1 милион луѓе во северниот дел на Газа да заминат пред очекуваната копнена инвазија. Хамас, пак, ги повика луѓето да останат на место и да пркосат на израелската воена наредба.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш рече дека наредбата од Хамас е „исклучително опасна – и во некои случаи едноставно не е возможна“.