Вести
PEC: Од почетокот на годинава убиен 51 новинар

Од почетокот на 2015 година во 20 земји во светот убиен е 51 новинар, се наведува во извештајот на швајцарската невладина организација Press Emblem Campaing, со седиште во Женева, која се залага за заштита на новинарите во „невралгичните точки“.
Во пресрет на 3-ти мај, Светскиот ден на слободата на медиумите, швајцарската невладина организација изрази длабока загриженост од влошувањето на безбедносните услови во многу земји, кои влијаат врз извршувањето на професионалните задачи на новинарите. И доколку во првите четири месеци од минатата 2014 година беше регистрирано 41 загинување на новинар, во истиот период годинава ги има десет повеќе. Тоа е за 24 отсто повеќе или по три жртви седмично, што е за се истакнува во извештајот на Press Emblem Campaign.
„Блискиот исток останува и натаму регионот со најголем број жртви, 17 убиени, како и Централна Америка, каде што во Мексико, Гватемала и Хондурас се убиени 6 новинари, од кои тројца само во Гватемала. Либија годинава стана најопасната земја, каде што се убиени 8 новинари. Натаму следуваат Јемен со 4 жртви, колку што се регистрирани и во Украина, при што се забележува дека во три од случаите станува збор за ткн ‘целени убиства’“, се наведува во извештајот и се додава дека вкупно, од мај минатата година до април годинава загинале 148 претставници на новинарската професија.
Како што наведува во својата изјава од 30-ти април генералниот секретар на организацијата, Блез Лемпан, ситуацијата во првите четири месеци од 2015-та не е подобрена кога станува збор за подолготрајните конфликти во повеќе земји, како Сирија, Ирак, Јемен, Либија и Украина, како и во врска со терористичките напади врз медиумите. Во текот на споменатиот период екстремистите убиле 21 новинар, вклучително и 8 соработници на парискиот сатиричен неделник Charlie Hebdo кои беа убиени на 7-ми јануари во нивната редакција.
Според Лемпан, нападот врз Charlie Hebdo, како и неодамнешните хакерски напади врз француската телевизија TV5 Monde, „покажуваат дека конфликтот на Блискиот исток може да се прошири и во демократиите на Западот и да ја загрози слободата на медиумите во целиот свет“.
Претседателот на PEC, Хидајер Абдел Наби, ги повика земјите од ОН да преземат „конкретни мерки во борбата со неказнувањето“, како и чекори за подобрување на механизмите на „истрагата, мониторингот и изведување на одговорните пред правдата“.
Организацијата Press Emblem Campaign, основана во 2004 година, има консултативен статус во Обединетите нации. Со повремените објавувања во Женева на извештаите за бројот на жртвите меѓу новинарите, таа се обидува да го мобилизира јавното мнение на порешителни чекори за осигурувањето безбедност на медиумските работници во зоните на конфликти. Покрај тоа, организацијата постојано реагира и на големите случаи на нарушување на слободата на изразувањето или на новинарската етика./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Вести
“Во основа е пекол на земјата”: Градот Газа оставен тотално без здравствената заштита

Во раните утрински часови во саботата, над купови бетон и урнатини, толпа лекари и пациенти пешачеа километри низ уништените улици на градот Газа, принудени да се евакуираат пеш од она што остана од болниците. Здравствените работници велат дека се плашат да ги оставаат критично болните пациенти зад себе во град кој сега во голема мера е сведен на урнатини, преземен израелските сили, со болници кои работат без струја, гориво, вода или храна, пишува британски „Гардијан“.
“Тоа е во основа пекол на земјата”, вели Вилијам Шомбург, шефот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Газа, опишувајќи го она што остана од животот во градот.
Со недели, десетици илјади луѓе се надеваа дека во болниците во Газа ќе најдат засолниште кое е најблиску до безбедно бидејќи енклавата издржа интензивирачки бомбардирања.
Но, откако израелските сили се приближија до објектите и потоа ја нападнаа најголемата болница во Газа, Дар ал-Шифа минатата недела, илјадници луѓе беа раселени заедно со медицинскиот персонал, шетајќи низ уништените улици на југ од енклавата.
Палестинското министерство за здравство во Газа соопшти дека израелските сили побарале евакуација на болницата Ал Шифа вчераутро, три дена откога влегоа во објектот. Здравствените лица сведочат дека им им било кажано дека имаат еден час да ја евакуираат болницата која беше центар на здравствениот систем на Газа.
Најмалку 12.000 луѓе загинаа во израелскиот напад врз Газа по нападот на Хамас на 7-ми октомври, во кој загинаа 1.200 Израелци, а околу 240 луѓе беа заложници.
Вести
Борел: Целосно е невозможно да се евакуираат милиони луѓе од северот на Газа

Првиот човек на ЕУ-дипломатијата Жозеп Борел утринава на прес-конференција изјави дека евакуацијата на милиони луѓе од северниот дел на Газа е целосно невозможна.
Десетици илјади цивили почнаа да бегаат од јужниот дел на Газа вчера, откако Израел им порача на луѓето да ја напуштат областа пред очекуваната копнена офанзива.
„Да се замисли дека можеш да преселиш милион луѓе за 24 часа во ситуација во каква што е Газа, може да биде само хуманитарна криза“, рече Борел на последниот ден од тридневната дипломатска посета на Кина.
И покрај изјавата на ЕУ за поддршка на Израел, тој исто така предупреди дека и Израел е должен да го почитува меѓународното хуманитарно право во одбранбениот процес.
„Позицијата е јасна“, рече Борел. „Но, како и секое право, тоа има граница. А таа граница е меѓународното право“.
Вести
Проценки на ОН: Десетици илјади луѓе веќе ја напуштија Газа

Во текот на ноќта беа објавени најновите проценки на ОН за бројот на луѓе кои ги напуштиле своите домови во северниот дел на Газа.
Тие велат дека веруваат дека станува збор за десетици илјади кои се упатиле кон југ по предупредувањето за евакуација на Израел.
Пред наредбата за евакуација, повеќе од 400.000 Палестинци беа внатрешно раселени, според хуманитарната канцеларија на ОН OCHA.
Израелската војска им порача на околу 1,1 милион луѓе во северниот дел на Газа да заминат пред очекуваната копнена инвазија. Хамас, пак, ги повика луѓето да останат на место и да пркосат на израелската воена наредба.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш рече дека наредбата од Хамас е „исклучително опасна – и во некои случаи едноставно не е возможна“.