Вести
Песков: Москва ќе продолжи да го поддржува Дамаск против терористите, неумесна изјавата за војна меѓу Русија и Турција
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2016/10/sirija20vojnici20selo20alepo.jpg)
Русија ќе продолжи да ја поддржува владата на Сирија во борбата против терористите, изјави во саботата портпаролот на Кремљ, Дмириј Песков оценувајќи ја како неумесна формулацијата за можна војна меѓу Русија и Турција што ја искажа во петокот вечерта францускиот претседател Франсоа Оланд во интервју за France Inter.
„Русија ја продолжува својата доследна политичка линија давајќи поддршка и помош на сириските вооружени сили во офанзивата против терористите“, порача портпаролот на рускиот претседател Дмитриј Песков во изјава за новинарите, во периодот кога Западот и Турција ја обвинуваат Русија дека ги напаѓа вооружените сунитски опозициски групи коишто тие ги поддржуваат и ги сметаат за „умерени“.
Песков, исто така, ја нарече крајно неумесна изјавата на францускиот претседател Франсоа Оланд кој изрази „стравување“ поради можен воен конфликт меѓу Русија и Турција поради турските гранатирања на сириска територија, пренесе агенцијата РИА.
„Турција се вмеша во Сирија (…) Тука постои опасност од војна (со Русија) и затоа во овој момент се состанува Советот за безбедност (на ОН, во петокот вечерта по барање на Москва –з.р.)“, изјави Оланд во петокот вечерта за France Inter.
„Самото поставување на ова прашање е помалку неумесно, бидејќи сириските вооружени сили, коишто, како и Курдите, се наоѓаат во таа област се изложени на оган“, одговори Песков на барање да ја коментира изјавата на францускиот претседател.
Кремљ во саботата, исто така, изрази жалење поради тоа што во Советот за безбедност на ОН, во прв ред од страна на Франција и САД беше отфрлена предложената резолуција за прекин на воените операции од страна на Турција во Сирија.
„Можеме само да изразиме жалење поради тоа што тој нацрт резолуција беше отфрлен“, порача Песков истакнувајќи дека Русија ќе ја продолжи својата политика на „осигурување на стабилноста и територијалниот интегритет на Сирија“.
„Кремљ е загрижен со зголемените тензии на сириуско-турската граница“, рече Песков оценувајќи дека е „неприфатливо“ турското гранатирање на позициите на сириските војски и на курдските милиции на сириска територија./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Вести
“Во основа е пекол на земјата”: Градот Газа оставен тотално без здравствената заштита
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2023/11/gaza32.jpg)
Во раните утрински часови во саботата, над купови бетон и урнатини, толпа лекари и пациенти пешачеа километри низ уништените улици на градот Газа, принудени да се евакуираат пеш од она што остана од болниците. Здравствените работници велат дека се плашат да ги оставаат критично болните пациенти зад себе во град кој сега во голема мера е сведен на урнатини, преземен израелските сили, со болници кои работат без струја, гориво, вода или храна, пишува британски „Гардијан“.
“Тоа е во основа пекол на земјата”, вели Вилијам Шомбург, шефот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Газа, опишувајќи го она што остана од животот во градот.
Со недели, десетици илјади луѓе се надеваа дека во болниците во Газа ќе најдат засолниште кое е најблиску до безбедно бидејќи енклавата издржа интензивирачки бомбардирања.
Но, откако израелските сили се приближија до објектите и потоа ја нападнаа најголемата болница во Газа, Дар ал-Шифа минатата недела, илјадници луѓе беа раселени заедно со медицинскиот персонал, шетајќи низ уништените улици на југ од енклавата.
Палестинското министерство за здравство во Газа соопшти дека израелските сили побарале евакуација на болницата Ал Шифа вчераутро, три дена откога влегоа во објектот. Здравствените лица сведочат дека им им било кажано дека имаат еден час да ја евакуираат болницата која беше центар на здравствениот систем на Газа.
Најмалку 12.000 луѓе загинаа во израелскиот напад врз Газа по нападот на Хамас на 7-ми октомври, во кој загинаа 1.200 Израелци, а околу 240 луѓе беа заложници.
Вести
Борел: Целосно е невозможно да се евакуираат милиони луѓе од северот на Газа
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/09/борел-миа.jpg)
Првиот човек на ЕУ-дипломатијата Жозеп Борел утринава на прес-конференција изјави дека евакуацијата на милиони луѓе од северниот дел на Газа е целосно невозможна.
Десетици илјади цивили почнаа да бегаат од јужниот дел на Газа вчера, откако Израел им порача на луѓето да ја напуштат областа пред очекуваната копнена офанзива.
„Да се замисли дека можеш да преселиш милион луѓе за 24 часа во ситуација во каква што е Газа, може да биде само хуманитарна криза“, рече Борел на последниот ден од тридневната дипломатска посета на Кина.
И покрај изјавата на ЕУ за поддршка на Израел, тој исто така предупреди дека и Израел е должен да го почитува меѓународното хуманитарно право во одбранбениот процес.
„Позицијата е јасна“, рече Борел. „Но, како и секое право, тоа има граница. А таа граница е меѓународното право“.
Вести
Проценки на ОН: Десетици илјади луѓе веќе ја напуштија Газа
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2023/10/антонио-гутереш.jpg)
Во текот на ноќта беа објавени најновите проценки на ОН за бројот на луѓе кои ги напуштиле своите домови во северниот дел на Газа.
Тие велат дека веруваат дека станува збор за десетици илјади кои се упатиле кон југ по предупредувањето за евакуација на Израел.
Пред наредбата за евакуација, повеќе од 400.000 Палестинци беа внатрешно раселени, според хуманитарната канцеларија на ОН OCHA.
Израелската војска им порача на околу 1,1 милион луѓе во северниот дел на Газа да заминат пред очекуваната копнена инвазија. Хамас, пак, ги повика луѓето да останат на место и да пркосат на израелската воена наредба.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш рече дека наредбата од Хамас е „исклучително опасна – и во некои случаи едноставно не е возможна“.