Вести
Пет истовремени напади врз членови на Хамас и Исламски џихад во Газа

Во речиси истовремено изведени напади во неделата во палестинската енклава Појасот Газа, уништени се возила на пет високо позиционирани членови на исламистичкото палестинско движење Хамас и на неговиот вооружен сојузник Исламски џихад, кои се соочуваат со сé поголемото несогласување со радикалните салафисти во енклавата, пренесуваат агенциите.
Засега ниедна група не ја презема одговорноста за нападите. Полицијата на Хамас, кој владее со Појасот Газа, уште не обвини никого за нападот, меѓутоа предупреди дека „саботерите нема да ја избегнат казната“.
Нападите се невообичаени од повеќе аспекти. Имено, првпат на овој начин е нападнат Исламскиот џихад, кој е втората сила во Газа и се смета како сојузник и вооружено крило на Хамас. Истовремено, станува збор за првиот координиран напад во кој во рок од петнаесетина минути во иста населба – Шејк Радуане, експлодирале пет бомби и истовремено се нападнати пети припадници на исламистичките движења во центарот на палестинската енклава.
Очевидци за агенциите изјавуваат дека бомбите биле закачени за три возила кои им припаѓале на членовите на Бригадите на ел-Касем, вооруженото крило на Хамас, а две на членови на Бригадите на ал-Кудс, екстремно крило на Исламскиот џихад.
И претходно врз припадниците на споменатите групи беа вршени напади. Понекогаш цели беа високо рангирани припадници на Хамас, а понекогаш објекти кои се во сопственост на движењето. Најспектакуларниот напад се случи на почетокот од мај годинава, кога салафистичка група, којашто се претставува како Припадници на Исламската држава (IS) во Ерусалим, ја презема одговорноста за нападот врз базата на Бригадите на ал-Касем.
Заедничко за досегашните напади беше што се проценуваше дека според начините на кои се изведени претставуваа закани и предупредување, а експлозиите секогаш беа подметнувани во текот на ноќта или во период од денот кога малку е веројатно дека во близина ќе има случајни минувачи.
Во неделните напади, пак, целосно се уништени возилата паркирани пред домовите на нивните сопственици, но нема жртви. Материјалната штетеа е голема, објави полицијата на Хамас и најави отворање истрага./крај/мф/сн
Извор: Reuters/AFP
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Вести
“Во основа е пекол на земјата”: Градот Газа оставен тотално без здравствената заштита

Во раните утрински часови во саботата, над купови бетон и урнатини, толпа лекари и пациенти пешачеа километри низ уништените улици на градот Газа, принудени да се евакуираат пеш од она што остана од болниците. Здравствените работници велат дека се плашат да ги оставаат критично болните пациенти зад себе во град кој сега во голема мера е сведен на урнатини, преземен израелските сили, со болници кои работат без струја, гориво, вода или храна, пишува британски „Гардијан“.
“Тоа е во основа пекол на земјата”, вели Вилијам Шомбург, шефот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Газа, опишувајќи го она што остана од животот во градот.
Со недели, десетици илјади луѓе се надеваа дека во болниците во Газа ќе најдат засолниште кое е најблиску до безбедно бидејќи енклавата издржа интензивирачки бомбардирања.
Но, откако израелските сили се приближија до објектите и потоа ја нападнаа најголемата болница во Газа, Дар ал-Шифа минатата недела, илјадници луѓе беа раселени заедно со медицинскиот персонал, шетајќи низ уништените улици на југ од енклавата.
Палестинското министерство за здравство во Газа соопшти дека израелските сили побарале евакуација на болницата Ал Шифа вчераутро, три дена откога влегоа во објектот. Здравствените лица сведочат дека им им било кажано дека имаат еден час да ја евакуираат болницата која беше центар на здравствениот систем на Газа.
Најмалку 12.000 луѓе загинаа во израелскиот напад врз Газа по нападот на Хамас на 7-ми октомври, во кој загинаа 1.200 Израелци, а околу 240 луѓе беа заложници.
Вести
Борел: Целосно е невозможно да се евакуираат милиони луѓе од северот на Газа

Првиот човек на ЕУ-дипломатијата Жозеп Борел утринава на прес-конференција изјави дека евакуацијата на милиони луѓе од северниот дел на Газа е целосно невозможна.
Десетици илјади цивили почнаа да бегаат од јужниот дел на Газа вчера, откако Израел им порача на луѓето да ја напуштат областа пред очекуваната копнена офанзива.
„Да се замисли дека можеш да преселиш милион луѓе за 24 часа во ситуација во каква што е Газа, може да биде само хуманитарна криза“, рече Борел на последниот ден од тридневната дипломатска посета на Кина.
И покрај изјавата на ЕУ за поддршка на Израел, тој исто така предупреди дека и Израел е должен да го почитува меѓународното хуманитарно право во одбранбениот процес.
„Позицијата е јасна“, рече Борел. „Но, како и секое право, тоа има граница. А таа граница е меѓународното право“.
Вести
Проценки на ОН: Десетици илјади луѓе веќе ја напуштија Газа

Во текот на ноќта беа објавени најновите проценки на ОН за бројот на луѓе кои ги напуштиле своите домови во северниот дел на Газа.
Тие велат дека веруваат дека станува збор за десетици илјади кои се упатиле кон југ по предупредувањето за евакуација на Израел.
Пред наредбата за евакуација, повеќе од 400.000 Палестинци беа внатрешно раселени, според хуманитарната канцеларија на ОН OCHA.
Израелската војска им порача на околу 1,1 милион луѓе во северниот дел на Газа да заминат пред очекуваната копнена инвазија. Хамас, пак, ги повика луѓето да останат на место и да пркосат на израелската воена наредба.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш рече дека наредбата од Хамас е „исклучително опасна – и во некои случаи едноставно не е возможна“.