Вести
Подметнати пожари во две афроамерикански цркви

Непознати напаѓачи подметнале пожари во две цркви во коишто мнозинството верници се афроамериканци, пренесуваат во четвртокот американските медиуми повикувајќи се на локалните власти.
Една од потпалените цркви се наоѓа во градот Мејкон, во сојузната држава Џорџија, а другата во Шарлот, во државата Северна Каролина. Според портпаролот на противпожарната служба на округот Мејкон-Биб, Бен Глитон, пожарот во тамошната црква бил подметнат во вторникот. Истрагата заклучила дека причина за пожарот бил подметнат оган. Според Глитон, сé уште не може да се потврди дека станува збор злосторство мотивирано од расна нетрпеливост. Додава дека од црквата биле украдени електронски уреди и други предмети.
Пожарот во црквата во Шарлот, пак, се случил во средата. Истрагата покажала дека и во овој случај се работи за намерно подметнат пожар. За мотивите на злосторниците засега не се даваат претпоставки, но иследникот Дејвид Вилијамс за телевизиската мрежа NBC News изјавил дека не е исклучено дека мотив е расната омраза, бидејќи во оваа баптистичка црква речиси сите парохјани се припадници на црната заедница. И во двата инцидента нема настрадани, а штети се проценети на повеќе стотици илјади долари.
Американските медиуми во извештаите за овие подметнати пожари потсетуваат дека во градот Чарлстон, во сојузната држава Јужна Каролина, на 17-ти јуни 21-годишен белец застрела девет верници во една од најстарите цркви на афроамериканците во САД, Според истрагата и обвинението, напаѓачот изразувал претходно расистички ставови и се надевал дека ќе разгори расна војна во САД./крај/мф/сн
Извор: NBC News
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Вести
“Во основа е пекол на земјата”: Градот Газа оставен тотално без здравствената заштита

Во раните утрински часови во саботата, над купови бетон и урнатини, толпа лекари и пациенти пешачеа километри низ уништените улици на градот Газа, принудени да се евакуираат пеш од она што остана од болниците. Здравствените работници велат дека се плашат да ги оставаат критично болните пациенти зад себе во град кој сега во голема мера е сведен на урнатини, преземен израелските сили, со болници кои работат без струја, гориво, вода или храна, пишува британски „Гардијан“.
“Тоа е во основа пекол на земјата”, вели Вилијам Шомбург, шефот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Газа, опишувајќи го она што остана од животот во градот.
Со недели, десетици илјади луѓе се надеваа дека во болниците во Газа ќе најдат засолниште кое е најблиску до безбедно бидејќи енклавата издржа интензивирачки бомбардирања.
Но, откако израелските сили се приближија до објектите и потоа ја нападнаа најголемата болница во Газа, Дар ал-Шифа минатата недела, илјадници луѓе беа раселени заедно со медицинскиот персонал, шетајќи низ уништените улици на југ од енклавата.
Палестинското министерство за здравство во Газа соопшти дека израелските сили побарале евакуација на болницата Ал Шифа вчераутро, три дена откога влегоа во објектот. Здравствените лица сведочат дека им им било кажано дека имаат еден час да ја евакуираат болницата која беше центар на здравствениот систем на Газа.
Најмалку 12.000 луѓе загинаа во израелскиот напад врз Газа по нападот на Хамас на 7-ми октомври, во кој загинаа 1.200 Израелци, а околу 240 луѓе беа заложници.
Вести
Борел: Целосно е невозможно да се евакуираат милиони луѓе од северот на Газа

Првиот човек на ЕУ-дипломатијата Жозеп Борел утринава на прес-конференција изјави дека евакуацијата на милиони луѓе од северниот дел на Газа е целосно невозможна.
Десетици илјади цивили почнаа да бегаат од јужниот дел на Газа вчера, откако Израел им порача на луѓето да ја напуштат областа пред очекуваната копнена офанзива.
„Да се замисли дека можеш да преселиш милион луѓе за 24 часа во ситуација во каква што е Газа, може да биде само хуманитарна криза“, рече Борел на последниот ден од тридневната дипломатска посета на Кина.
И покрај изјавата на ЕУ за поддршка на Израел, тој исто така предупреди дека и Израел е должен да го почитува меѓународното хуманитарно право во одбранбениот процес.
„Позицијата е јасна“, рече Борел. „Но, како и секое право, тоа има граница. А таа граница е меѓународното право“.
Вести
Проценки на ОН: Десетици илјади луѓе веќе ја напуштија Газа

Во текот на ноќта беа објавени најновите проценки на ОН за бројот на луѓе кои ги напуштиле своите домови во северниот дел на Газа.
Тие велат дека веруваат дека станува збор за десетици илјади кои се упатиле кон југ по предупредувањето за евакуација на Израел.
Пред наредбата за евакуација, повеќе од 400.000 Палестинци беа внатрешно раселени, според хуманитарната канцеларија на ОН OCHA.
Израелската војска им порача на околу 1,1 милион луѓе во северниот дел на Газа да заминат пред очекуваната копнена инвазија. Хамас, пак, ги повика луѓето да останат на место и да пркосат на израелската воена наредба.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш рече дека наредбата од Хамас е „исклучително опасна – и во некои случаи едноставно не е возможна“.