Вести
Полицијата истражува крвава порака што ја оставил снајперистот од Далас
Дваесет и петгодишниот афроамериканец Михај Хавиер Џонсон, кој во четвртокот вечерта уби пет и рани уште седум полицајци во Далас, во американската сојузна држава Тексас, непосредно пред да биде убиен со полициска робот бомба, ја ѕидот од гаражата во која се криел со сопствената крв оставил порака, која сега ја проучува полицијата.
Во изјавата за телевизиската мрежа CNN, началникот на полицијата во Далас, Дејвуд Браун, рече дека Џонсон со својата крв напишал две букви – „RB“ на ѕидот од гаражата во којашто неколку часа го блокираа полицајците по инцидентот.
Во моментов истрагата не може да каже што точно значи оваа порака. Исто така, се проучуваат сите информации кои се пронајдени во компјутерот на Џонсон. При претресот на неговиот дом детективите пронашле материјали за правење бомби, како и панцири, пушки, муниција и личен дневник за борбена тактика. Се претпоставува дека Џонсон се подготвувал за многу поголем напад
Браун повтори дека во преговорите со полицајците, Џонсон рекол дека „сака да убива белци, особено полицајци“. Убиецот, според него, се согласил да преговара само со црни полицајци.
Тој потврди и дека ја одобрил ликвидацијата на авганистанскиот ветеран кој имал обука и од приватна школа за самоодбрана, со помош на бомбата робот по двочасовните преговори на паркингот на градскиот колеџ.
„Јас ја одобрив таа акција, и би го сторил тоа повторно, доколку сум во иста ситуација“, изјави Браун за CNN појаснувајќи дека и по два часа преговори со напаѓачот немало никакви резултати.
„Тој успеа да ја сочува контролата над себеси и покажуваше голема подготвеност да повреди и други полицајци“, додаде началникот на полицијата во Далас.
Според Браун, Џонсон им се потсмевал на преговарачите и прашувал колку полицајци застрелал. „Без нашата акција, ќе ранеше уште повеќе полицајци“, заклучи Браун./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Вести
“Во основа е пекол на земјата”: Градот Газа оставен тотално без здравствената заштита
Во раните утрински часови во саботата, над купови бетон и урнатини, толпа лекари и пациенти пешачеа километри низ уништените улици на градот Газа, принудени да се евакуираат пеш од она што остана од болниците. Здравствените работници велат дека се плашат да ги оставаат критично болните пациенти зад себе во град кој сега во голема мера е сведен на урнатини, преземен израелските сили, со болници кои работат без струја, гориво, вода или храна, пишува британски „Гардијан“.
“Тоа е во основа пекол на земјата”, вели Вилијам Шомбург, шефот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Газа, опишувајќи го она што остана од животот во градот.
Со недели, десетици илјади луѓе се надеваа дека во болниците во Газа ќе најдат засолниште кое е најблиску до безбедно бидејќи енклавата издржа интензивирачки бомбардирања.
Но, откако израелските сили се приближија до објектите и потоа ја нападнаа најголемата болница во Газа, Дар ал-Шифа минатата недела, илјадници луѓе беа раселени заедно со медицинскиот персонал, шетајќи низ уништените улици на југ од енклавата.
Палестинското министерство за здравство во Газа соопшти дека израелските сили побарале евакуација на болницата Ал Шифа вчераутро, три дена откога влегоа во објектот. Здравствените лица сведочат дека им им било кажано дека имаат еден час да ја евакуираат болницата која беше центар на здравствениот систем на Газа.
Најмалку 12.000 луѓе загинаа во израелскиот напад врз Газа по нападот на Хамас на 7-ми октомври, во кој загинаа 1.200 Израелци, а околу 240 луѓе беа заложници.
Вести
Борел: Целосно е невозможно да се евакуираат милиони луѓе од северот на Газа
Првиот човек на ЕУ-дипломатијата Жозеп Борел утринава на прес-конференција изјави дека евакуацијата на милиони луѓе од северниот дел на Газа е целосно невозможна.
Десетици илјади цивили почнаа да бегаат од јужниот дел на Газа вчера, откако Израел им порача на луѓето да ја напуштат областа пред очекуваната копнена офанзива.
„Да се замисли дека можеш да преселиш милион луѓе за 24 часа во ситуација во каква што е Газа, може да биде само хуманитарна криза“, рече Борел на последниот ден од тридневната дипломатска посета на Кина.
И покрај изјавата на ЕУ за поддршка на Израел, тој исто така предупреди дека и Израел е должен да го почитува меѓународното хуманитарно право во одбранбениот процес.
„Позицијата е јасна“, рече Борел. „Но, како и секое право, тоа има граница. А таа граница е меѓународното право“.
Вести
Проценки на ОН: Десетици илјади луѓе веќе ја напуштија Газа
Во текот на ноќта беа објавени најновите проценки на ОН за бројот на луѓе кои ги напуштиле своите домови во северниот дел на Газа.
Тие велат дека веруваат дека станува збор за десетици илјади кои се упатиле кон југ по предупредувањето за евакуација на Израел.
Пред наредбата за евакуација, повеќе од 400.000 Палестинци беа внатрешно раселени, според хуманитарната канцеларија на ОН OCHA.
Израелската војска им порача на околу 1,1 милион луѓе во северниот дел на Газа да заминат пред очекуваната копнена инвазија. Хамас, пак, ги повика луѓето да останат на место и да пркосат на израелската воена наредба.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш рече дека наредбата од Хамас е „исклучително опасна – и во некои случаи едноставно не е возможна“.