Вести
Путин: Ќе реагираме доколку НАТО се приближи до нашите граници

Русија адекватно ќе реагира доколку воената инфраструктура на НАТО се приближи до границите на Русија, изјавил во вторникот претседателот на Русија, Владимир Путин.
Путин на седницата на советот за безбедност на Русија во Москва истакнал дека силите на НАТО „демонстративно се трупаат на териториите на источноевропските земји“.
„Што се случува? Всушност формациите на НАТО силите ги засилуваат своите редови во источноевропските земји, а демонстративно ги зајакнуваат и своите позиции во водите на Црното и Балтичкото море“, рекол Путин, пренесува Итар – Тасс.
„Често ни зборуваат дека системот за противракетна одбрана е одбранбен, но тоа воопшто не е така, тоа е офанзивен систем, дел од офанзивните одбранбени системи на САД, изнесени на периферија“, нагласил Путин.
„Што сè изнакажаа нашите странски колеги, јасно може да видиме што всушност се случува. Растат размерите и интензитетот на оперативните и борбените подготовки. Неопходно е во потполност и на време да се реализираат сите планирани мерки за зајакнување на одбраната на земјата, вклучувајќи го и Крим и Севастопол, каде всушност мораме повторно да градиме воена инфраструктура“, рекол Путин.
Рускиот претседател, притоа, рекол дека Русија и нејзината територијална целост во моментов не е под никаква закана.
„Нема никаква воена закана, закана по суверенитетот, територијалниот интегритет“, нагласил рускиот претседател и додал дека за тоа гаранција е „стратешката рамнотежа на силите во светот“.
Според неговите зборови, Русија „строго ги почитува меѓународните права и своите обврски кон партнерите“.
„Русија не влегува во никаква алијанса и поради тоа во значителен степен е заложен нашиот суверенитет“, подвлекол Путин.
Претседателот на Русија изразил очекување дека другите земји и сојузи ќе ги уважат националните интереси на Русија и дека спорните прашања ќе се решаваат „исклучително по дипломатски патишта и преговори“ и дека никој нема да се меша во внатрешните прашања на Русија.
Путин истакнал и дека Западот треба да бара од Киев да го почитува прекинот на огнот за време на истрагата за малезискиот авион кој се урна на истокот во Украина.
Рускиот претседател верува дека неопходно е да се влијае врз Киев да го почитува прекинот на огнот, кој би требало да трае се додека трае и истрагата за летот МХ17 кој падна во Донецката област./крај/мф/ап
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Вести
“Во основа е пекол на земјата”: Градот Газа оставен тотално без здравствената заштита

Во раните утрински часови во саботата, над купови бетон и урнатини, толпа лекари и пациенти пешачеа километри низ уништените улици на градот Газа, принудени да се евакуираат пеш од она што остана од болниците. Здравствените работници велат дека се плашат да ги оставаат критично болните пациенти зад себе во град кој сега во голема мера е сведен на урнатини, преземен израелските сили, со болници кои работат без струја, гориво, вода или храна, пишува британски „Гардијан“.
“Тоа е во основа пекол на земјата”, вели Вилијам Шомбург, шефот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Газа, опишувајќи го она што остана од животот во градот.
Со недели, десетици илјади луѓе се надеваа дека во болниците во Газа ќе најдат засолниште кое е најблиску до безбедно бидејќи енклавата издржа интензивирачки бомбардирања.
Но, откако израелските сили се приближија до објектите и потоа ја нападнаа најголемата болница во Газа, Дар ал-Шифа минатата недела, илјадници луѓе беа раселени заедно со медицинскиот персонал, шетајќи низ уништените улици на југ од енклавата.
Палестинското министерство за здравство во Газа соопшти дека израелските сили побарале евакуација на болницата Ал Шифа вчераутро, три дена откога влегоа во објектот. Здравствените лица сведочат дека им им било кажано дека имаат еден час да ја евакуираат болницата која беше центар на здравствениот систем на Газа.
Најмалку 12.000 луѓе загинаа во израелскиот напад врз Газа по нападот на Хамас на 7-ми октомври, во кој загинаа 1.200 Израелци, а околу 240 луѓе беа заложници.
Вести
Борел: Целосно е невозможно да се евакуираат милиони луѓе од северот на Газа

Првиот човек на ЕУ-дипломатијата Жозеп Борел утринава на прес-конференција изјави дека евакуацијата на милиони луѓе од северниот дел на Газа е целосно невозможна.
Десетици илјади цивили почнаа да бегаат од јужниот дел на Газа вчера, откако Израел им порача на луѓето да ја напуштат областа пред очекуваната копнена офанзива.
„Да се замисли дека можеш да преселиш милион луѓе за 24 часа во ситуација во каква што е Газа, може да биде само хуманитарна криза“, рече Борел на последниот ден од тридневната дипломатска посета на Кина.
И покрај изјавата на ЕУ за поддршка на Израел, тој исто така предупреди дека и Израел е должен да го почитува меѓународното хуманитарно право во одбранбениот процес.
„Позицијата е јасна“, рече Борел. „Но, како и секое право, тоа има граница. А таа граница е меѓународното право“.
Вести
Проценки на ОН: Десетици илјади луѓе веќе ја напуштија Газа

Во текот на ноќта беа објавени најновите проценки на ОН за бројот на луѓе кои ги напуштиле своите домови во северниот дел на Газа.
Тие велат дека веруваат дека станува збор за десетици илјади кои се упатиле кон југ по предупредувањето за евакуација на Израел.
Пред наредбата за евакуација, повеќе од 400.000 Палестинци беа внатрешно раселени, според хуманитарната канцеларија на ОН OCHA.
Израелската војска им порача на околу 1,1 милион луѓе во северниот дел на Газа да заминат пред очекуваната копнена инвазија. Хамас, пак, ги повика луѓето да останат на место и да пркосат на израелската воена наредба.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш рече дека наредбата од Хамас е „исклучително опасна – и во некои случаи едноставно не е возможна“.