Вести
Расте бројот на жртвите во земјотресот во Тајван, најмалку 14 мртви и 150 исчезнати
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2016/11/4181110.jpg)
Најмалку 14 луѓе ги загубиле животите, меѓу кои и едно бебе, а околу 150 се водат како исчезнати, покрај стотиците повредени во земјотресот кој рано утрото во саботата го погоди јужниот дел на Тајван, соопштија тамошните власти.
Најголем број од жртвите – дванаесет, се регистрирани во уривањето на 16-катница во двомилионскиот град Тијанин, во квартот Јунканг, меѓу кои и девојченце старо само десет дена пронајдено во рацете на мртвиот татко, соопшти Центарот за итни состојби на Тајван.
Според претставникот на центарот, Ли Веи-сен, 56-годишна жена починала во друга населба на градот кога врз неа се урнал покривот од станот, а 43-годишен маж починал откако се здобил со сериозни повреди откако врз него се урнале полици во магацин.
Градскиот Ургентен центар соопшти дека повеќе од 480 лица се повредени и се хоспитализирани во повеќе болници во јужниот дел од Тајван. Спасувачките служби, пак, соопштуваат дека во саботата попладне сé уште како исчезнати се водат 150 лица.
Градоначалникот на Тајинан, Лаи Чинг-те изјави за локалните медиуми дека вкупно 16 згради и објекти се целосно или делумно урнати во потресот.
Неколку луѓе, кои биле под урнатините на шестнаесеткатницата наречена „Златен змеј“ во населбата Јунганг се извлечени по 16 часа, а спасувачите потврдиле дека потрагата ќе продолжи и во текот на ноќта, пренесува агенцијата CNA.
Повеќе од 3.900 припадници на службите за итни случаи, меѓу кои и 500 пожарникари, 2.500 полицајци и 800 војници се вклучени во акцијата за спасување на преживеаните под урнатините во Тијанин. Се користат и 23 дресирани кучиња и некои напредни системи за откривање.
Во облакодерот „Златен змеј“ има 96 апартмани со 256 регистрирани станари, но во моментот на земјотресот во зградата имало повеќе луѓе.
Според Американската геолошка служба (USGS), земјотресот со магнитуда од 6,4 степени по Рихтер, првично беше соопштено за силина од 6,7 степени, го погоди јужниот дел од островот Тајван, во 3,57 часот во саботата утрото по локално време. Епицентарот на потресот бил на 25 километри јужно од градот Јуџинг, а хипоцентарот на длабочина од 10 километри.
Тајван лежи на сеизмички активната област ткн Пацифички огнен прстен, а во 1999 година беше погоден од земјотрес со магнитуда од 7,7 степени во кој загинаа 2.400 луѓе./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Вести
“Во основа е пекол на земјата”: Градот Газа оставен тотално без здравствената заштита
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2023/11/gaza32.jpg)
Во раните утрински часови во саботата, над купови бетон и урнатини, толпа лекари и пациенти пешачеа километри низ уништените улици на градот Газа, принудени да се евакуираат пеш од она што остана од болниците. Здравствените работници велат дека се плашат да ги оставаат критично болните пациенти зад себе во град кој сега во голема мера е сведен на урнатини, преземен израелските сили, со болници кои работат без струја, гориво, вода или храна, пишува британски „Гардијан“.
“Тоа е во основа пекол на земјата”, вели Вилијам Шомбург, шефот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Газа, опишувајќи го она што остана од животот во градот.
Со недели, десетици илјади луѓе се надеваа дека во болниците во Газа ќе најдат засолниште кое е најблиску до безбедно бидејќи енклавата издржа интензивирачки бомбардирања.
Но, откако израелските сили се приближија до објектите и потоа ја нападнаа најголемата болница во Газа, Дар ал-Шифа минатата недела, илјадници луѓе беа раселени заедно со медицинскиот персонал, шетајќи низ уништените улици на југ од енклавата.
Палестинското министерство за здравство во Газа соопшти дека израелските сили побарале евакуација на болницата Ал Шифа вчераутро, три дена откога влегоа во објектот. Здравствените лица сведочат дека им им било кажано дека имаат еден час да ја евакуираат болницата која беше центар на здравствениот систем на Газа.
Најмалку 12.000 луѓе загинаа во израелскиот напад врз Газа по нападот на Хамас на 7-ми октомври, во кој загинаа 1.200 Израелци, а околу 240 луѓе беа заложници.
Вести
Борел: Целосно е невозможно да се евакуираат милиони луѓе од северот на Газа
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/09/борел-миа.jpg)
Првиот човек на ЕУ-дипломатијата Жозеп Борел утринава на прес-конференција изјави дека евакуацијата на милиони луѓе од северниот дел на Газа е целосно невозможна.
Десетици илјади цивили почнаа да бегаат од јужниот дел на Газа вчера, откако Израел им порача на луѓето да ја напуштат областа пред очекуваната копнена офанзива.
„Да се замисли дека можеш да преселиш милион луѓе за 24 часа во ситуација во каква што е Газа, може да биде само хуманитарна криза“, рече Борел на последниот ден од тридневната дипломатска посета на Кина.
И покрај изјавата на ЕУ за поддршка на Израел, тој исто така предупреди дека и Израел е должен да го почитува меѓународното хуманитарно право во одбранбениот процес.
„Позицијата е јасна“, рече Борел. „Но, како и секое право, тоа има граница. А таа граница е меѓународното право“.
Вести
Проценки на ОН: Десетици илјади луѓе веќе ја напуштија Газа
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2023/10/антонио-гутереш.jpg)
Во текот на ноќта беа објавени најновите проценки на ОН за бројот на луѓе кои ги напуштиле своите домови во северниот дел на Газа.
Тие велат дека веруваат дека станува збор за десетици илјади кои се упатиле кон југ по предупредувањето за евакуација на Израел.
Пред наредбата за евакуација, повеќе од 400.000 Палестинци беа внатрешно раселени, според хуманитарната канцеларија на ОН OCHA.
Израелската војска им порача на околу 1,1 милион луѓе во северниот дел на Газа да заминат пред очекуваната копнена инвазија. Хамас, пак, ги повика луѓето да останат на место и да пркосат на израелската воена наредба.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш рече дека наредбата од Хамас е „исклучително опасна – и во некои случаи едноставно не е возможна“.