Вести
С.Кореја истрела два проектила во Јапонско Море, Токио остро протестираше

Северна Кореја истрела два проектила со кус дострел во водите на Јапонското Море во знак на протест против одржувањето на годишните заеднички воени маневри на САД и Јужна Кореја под назив „Key Resolve“ и „Foal Eagle“, кои започнуваат во понеделникот, а корејското лансирање предизвика остар протест на Јапонија.
Според извори од јужнокорејската армија, лансирањето на проектилите било извршено од западниот брег на Северна Кореја во понеделникот наутро во водите на Јапонското Море, пренесува Reuters. Се наведува дека проектилите паднале откако прелетале околу 490 километри.
Во врска со лансирањето на ракетите со кус дострел, јапонската влада во понеделникот издаде соопштение во кое го изразува својот силен протест. Премиерот Шинзо Абе им наложил на надлежните министерства да започнат со „собирање информации во тесна соработка“ со САД и Јужна Кореја, за да се осигури безбедноста на јапонските авиони и бродови, како и јавноста да биде навреме и точно информирана, се наведува во соопштението.
Во изминатиот период Северна Кореја објави дека ќе воведе мораториум на својата програма на нуклеарни тестирања, доколку САД и Јужна Кореја го откажат одржувањата на нивните заеднички годишни воени вежби, што не беше прифатено од Вашингтон и Сеул. Воената вежба „Key Resolve“ треба да заврши до средината на март, додека маневрите „Foal Eagle“ ќе продолжи до крајот на април.
И минатата година Пјонгјанг остро се спротистави на одржувањето на американско-јужнокорејските воени вежби, истакнувајќи дека се откажува од сите договори за ненапаѓање со Јужна Кореја, и ја прекина директната „итна“ телефонска линија меѓу двете земји.
САД и комунистичка Северна Кореја формално сé уште се во воена состојба, откако воениот конфликт на Корејскиот полуостров од 1950 до 1953 година заврши со потпишување на договор за примирје, но не и за траен мир. Оттогаш, САД откажуваат да разговараат и за можноста од заменување на спогодбата за примирје со договор за мир, и поради „севернокорејската закана“ на југот од полуостровот постојано се стационирани 28.000 американски војници./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Вести
“Во основа е пекол на земјата”: Градот Газа оставен тотално без здравствената заштита

Во раните утрински часови во саботата, над купови бетон и урнатини, толпа лекари и пациенти пешачеа километри низ уништените улици на градот Газа, принудени да се евакуираат пеш од она што остана од болниците. Здравствените работници велат дека се плашат да ги оставаат критично болните пациенти зад себе во град кој сега во голема мера е сведен на урнатини, преземен израелските сили, со болници кои работат без струја, гориво, вода или храна, пишува британски „Гардијан“.
“Тоа е во основа пекол на земјата”, вели Вилијам Шомбург, шефот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Газа, опишувајќи го она што остана од животот во градот.
Со недели, десетици илјади луѓе се надеваа дека во болниците во Газа ќе најдат засолниште кое е најблиску до безбедно бидејќи енклавата издржа интензивирачки бомбардирања.
Но, откако израелските сили се приближија до објектите и потоа ја нападнаа најголемата болница во Газа, Дар ал-Шифа минатата недела, илјадници луѓе беа раселени заедно со медицинскиот персонал, шетајќи низ уништените улици на југ од енклавата.
Палестинското министерство за здравство во Газа соопшти дека израелските сили побарале евакуација на болницата Ал Шифа вчераутро, три дена откога влегоа во објектот. Здравствените лица сведочат дека им им било кажано дека имаат еден час да ја евакуираат болницата која беше центар на здравствениот систем на Газа.
Најмалку 12.000 луѓе загинаа во израелскиот напад врз Газа по нападот на Хамас на 7-ми октомври, во кој загинаа 1.200 Израелци, а околу 240 луѓе беа заложници.
Вести
Борел: Целосно е невозможно да се евакуираат милиони луѓе од северот на Газа

Првиот човек на ЕУ-дипломатијата Жозеп Борел утринава на прес-конференција изјави дека евакуацијата на милиони луѓе од северниот дел на Газа е целосно невозможна.
Десетици илјади цивили почнаа да бегаат од јужниот дел на Газа вчера, откако Израел им порача на луѓето да ја напуштат областа пред очекуваната копнена офанзива.
„Да се замисли дека можеш да преселиш милион луѓе за 24 часа во ситуација во каква што е Газа, може да биде само хуманитарна криза“, рече Борел на последниот ден од тридневната дипломатска посета на Кина.
И покрај изјавата на ЕУ за поддршка на Израел, тој исто така предупреди дека и Израел е должен да го почитува меѓународното хуманитарно право во одбранбениот процес.
„Позицијата е јасна“, рече Борел. „Но, како и секое право, тоа има граница. А таа граница е меѓународното право“.
Вести
Проценки на ОН: Десетици илјади луѓе веќе ја напуштија Газа

Во текот на ноќта беа објавени најновите проценки на ОН за бројот на луѓе кои ги напуштиле своите домови во северниот дел на Газа.
Тие велат дека веруваат дека станува збор за десетици илјади кои се упатиле кон југ по предупредувањето за евакуација на Израел.
Пред наредбата за евакуација, повеќе од 400.000 Палестинци беа внатрешно раселени, според хуманитарната канцеларија на ОН OCHA.
Израелската војска им порача на околу 1,1 милион луѓе во северниот дел на Газа да заминат пред очекуваната копнена инвазија. Хамас, пак, ги повика луѓето да останат на место и да пркосат на израелската воена наредба.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш рече дека наредбата од Хамас е „исклучително опасна – и во некои случаи едноставно не е возможна“.