Вести
Сириската армија напредува во покраината Алепо, поголем отпор има во Хомс

Силите на сириската влада, со поддршка на руските воздушни напади, локалните милиции и борците на либанското шиитско движење Хезболах, напредуваат на северот од Сирија, но наишле на поголем отпор во централните делови на земјата, на 11-от ден од нивната копнена офанзива.
Според опозициска Сириска опсерваторија за човекови права (SOHR) со седиште во Лондон која се повикува на свои активисти на теренот, провладините милиции, Хезболах и ирански и ирачки доброволци во последните 24 часа заземале уште пет населени места и стратешки ридови во северната покраина Алепо и се стационирале на влезот од клучната населба Ај-Хадер.
„Заземањето на ова место, 25 километри јужно од градот Алепо, би овозможило правец за снабдување на армијата меѓу покраините Алепо и Хама“, која се наоѓа појужно, изјавил за AFP директорот на SOHR, Рахман Абдулрахман.
Голем дел од покраината Алепо е под контрола на Џебхат ан-Нусра, сирискиот огранок на ал Каеда, и нејзините исламистички сојузници и џихадистите од Исламската држава. Владините сили кои се повлекоа од базите и гарнизоните во оваа покраина во текот на целиот конфликт го контролира само автопатот преку кој ја снабдува војската и жителите на Алепо, најголемиот град во Сирија и некогашна финансиска и трговска престолнина на земјата.
Според SOHR, од петокот загинале 17 бунтовници и осум владини војници, а две илјади семејства ги напуштиле своите домови.
Неименуван американски функционер рекол дека речиси 2.000 Иранци или борци кои ги подржува Иран, како што се Хезблах или ирачките групи, учествуваат во офанзивата во Алепо, во „координирана акција“ на Иран, Русија и власта во Дамаск.
Додека странските доброволци ѝ даваат поддршка на сириската армија кај Алепо, Русите помагаат со воздушни удари војската да го стегне обрачот околу бунтовниците во покраината Идлиб, од покраината Хама на исток и Латакија на запад.
Според либанскиот весник Al Ahbar, “операциите во Алепи и борбите во Хама и Латакија имаат главна цел да се изолира Идлиб“.
Во покраината Алепо, владините сили, исто така, настојуваат да ја прекинат опсадата на Исламската држава на воздухопловната база Кверес, Освоиле една блиска населба и се наоѓаат на 6 километри од базата, која би можеле да ја користат подоцна руските воздушни сили.
Од друга страна, во централната покраина Хомс, сириската армија наишла на жесток отпор на бунтовниците кај Талбис, 10 километри северно од градот Хонмс. Во Хомс, во бомбардирањето на руските и сириските сили од четвртокот загинале 72 лица, од кои речиси половината биле цивили, тврди SOHR, но агенцијата не можела да добие потврда од независни извори.
Извор: AFP
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Вести
“Во основа е пекол на земјата”: Градот Газа оставен тотално без здравствената заштита

Во раните утрински часови во саботата, над купови бетон и урнатини, толпа лекари и пациенти пешачеа километри низ уништените улици на градот Газа, принудени да се евакуираат пеш од она што остана од болниците. Здравствените работници велат дека се плашат да ги оставаат критично болните пациенти зад себе во град кој сега во голема мера е сведен на урнатини, преземен израелските сили, со болници кои работат без струја, гориво, вода или храна, пишува британски „Гардијан“.
“Тоа е во основа пекол на земјата”, вели Вилијам Шомбург, шефот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Газа, опишувајќи го она што остана од животот во градот.
Со недели, десетици илјади луѓе се надеваа дека во болниците во Газа ќе најдат засолниште кое е најблиску до безбедно бидејќи енклавата издржа интензивирачки бомбардирања.
Но, откако израелските сили се приближија до објектите и потоа ја нападнаа најголемата болница во Газа, Дар ал-Шифа минатата недела, илјадници луѓе беа раселени заедно со медицинскиот персонал, шетајќи низ уништените улици на југ од енклавата.
Палестинското министерство за здравство во Газа соопшти дека израелските сили побарале евакуација на болницата Ал Шифа вчераутро, три дена откога влегоа во објектот. Здравствените лица сведочат дека им им било кажано дека имаат еден час да ја евакуираат болницата која беше центар на здравствениот систем на Газа.
Најмалку 12.000 луѓе загинаа во израелскиот напад врз Газа по нападот на Хамас на 7-ми октомври, во кој загинаа 1.200 Израелци, а околу 240 луѓе беа заложници.
Вести
Борел: Целосно е невозможно да се евакуираат милиони луѓе од северот на Газа

Првиот човек на ЕУ-дипломатијата Жозеп Борел утринава на прес-конференција изјави дека евакуацијата на милиони луѓе од северниот дел на Газа е целосно невозможна.
Десетици илјади цивили почнаа да бегаат од јужниот дел на Газа вчера, откако Израел им порача на луѓето да ја напуштат областа пред очекуваната копнена офанзива.
„Да се замисли дека можеш да преселиш милион луѓе за 24 часа во ситуација во каква што е Газа, може да биде само хуманитарна криза“, рече Борел на последниот ден од тридневната дипломатска посета на Кина.
И покрај изјавата на ЕУ за поддршка на Израел, тој исто така предупреди дека и Израел е должен да го почитува меѓународното хуманитарно право во одбранбениот процес.
„Позицијата е јасна“, рече Борел. „Но, како и секое право, тоа има граница. А таа граница е меѓународното право“.
Вести
Проценки на ОН: Десетици илјади луѓе веќе ја напуштија Газа

Во текот на ноќта беа објавени најновите проценки на ОН за бројот на луѓе кои ги напуштиле своите домови во северниот дел на Газа.
Тие велат дека веруваат дека станува збор за десетици илјади кои се упатиле кон југ по предупредувањето за евакуација на Израел.
Пред наредбата за евакуација, повеќе од 400.000 Палестинци беа внатрешно раселени, според хуманитарната канцеларија на ОН OCHA.
Израелската војска им порача на околу 1,1 милион луѓе во северниот дел на Газа да заминат пред очекуваната копнена инвазија. Хамас, пак, ги повика луѓето да останат на место и да пркосат на израелската воена наредба.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш рече дека наредбата од Хамас е „исклучително опасна – и во некои случаи едноставно не е возможна“.