Вести
Турските сили влегоа во Ирак, Багдад бара нивно итно повлекување
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2016/11/1328164893.jpg)
Турција испрати неколку стотина свои војници со тенкови и оклопни возила во петокот ноќта во Ирак во близина на градот Мосул, кој е под контрола на екстремната сунитска терористичка организација Исламска држава, потврдија турски извори, а ирачката влада побара во сабота нивно итно повлекување, бидејќи го кршат суверенитетот на земјата во којашто влегле без согласност на официјален Багдад и оцени дека станува збор за инвазија.
Ноќта кон саботата медиумите објавија дека турските власти испратиле 130 војници во близина на градот Мосул, во северен Ирак, наводно за обука на силите на ирачките Курди (пешмерги). Агенцијата Reuters, повикувајќи се на неименуван извор во одбраната на САД пренесе дека ова дејствие на Анкара не е поврзано со активностите на коалицијата предводена од САД.
„Потврдивме дека турските војници, чиј број изнесува во рамките на еден тенковски баталјон, извршија инвазија со тенкови и оклопни возила во ирачката покраина Нинева, под изговор дека ќе ги обучуваат ирачките вооружени групи, без барање или дозвола од ирачките федерални власти. Постапката се смета како флагрантно кршење на ирачкиот суверенитет и не е во согласност со принципот на добрососедски односи меѓу Ирак и Турција“, се истакнува во изјавата од кабинетот на ирачкиот претседател Хајдар ал-Абад.
Изјавата се завршува со повикот до Анкара „да ги почитува добрососедските односи“ и „итно да ги повлече војниците од територијата на Ирак“, пренесува AFP.
Портпаролот на ирачкото министерство за нафта, Асем Џихад, за агенцијата Sputnik изјави дека во моментов во покраината Нинева е регистрирана активност на терористичката група Исламска држава која ја шверцува ирачката нафта преку границите на земјата.
Мосул е град со повеќе од милиони жители, а џихадистичката Исламска држава го зазема во јули 2014 година во ненадејната офанзива, со која под своја контрола има големи територии од Ирак и соседна Сирија. Операцијата за ослободување на Мосул повеќепати е одложувана, поради тоа што ирачките сили се ангажирани на други боишта во земјата.
„Турските војници стигнаа во областа на Мосул – Башика. Тие се таму во рамките на рутинска обука,. Еден баталјон мина во таа област“, изјави за Reuters неименуван турски воен извор, непрецизирајќи го бројот на турските војници на ирачка територија. Според него, турските сили веќе биле во ирачки Курдистан и дека се преселиле во близина на Мосул заедно со оклопните./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Вести
“Во основа е пекол на земјата”: Градот Газа оставен тотално без здравствената заштита
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2023/11/gaza32.jpg)
Во раните утрински часови во саботата, над купови бетон и урнатини, толпа лекари и пациенти пешачеа километри низ уништените улици на градот Газа, принудени да се евакуираат пеш од она што остана од болниците. Здравствените работници велат дека се плашат да ги оставаат критично болните пациенти зад себе во град кој сега во голема мера е сведен на урнатини, преземен израелските сили, со болници кои работат без струја, гориво, вода или храна, пишува британски „Гардијан“.
“Тоа е во основа пекол на земјата”, вели Вилијам Шомбург, шефот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Газа, опишувајќи го она што остана од животот во градот.
Со недели, десетици илјади луѓе се надеваа дека во болниците во Газа ќе најдат засолниште кое е најблиску до безбедно бидејќи енклавата издржа интензивирачки бомбардирања.
Но, откако израелските сили се приближија до објектите и потоа ја нападнаа најголемата болница во Газа, Дар ал-Шифа минатата недела, илјадници луѓе беа раселени заедно со медицинскиот персонал, шетајќи низ уништените улици на југ од енклавата.
Палестинското министерство за здравство во Газа соопшти дека израелските сили побарале евакуација на болницата Ал Шифа вчераутро, три дена откога влегоа во објектот. Здравствените лица сведочат дека им им било кажано дека имаат еден час да ја евакуираат болницата која беше центар на здравствениот систем на Газа.
Најмалку 12.000 луѓе загинаа во израелскиот напад врз Газа по нападот на Хамас на 7-ми октомври, во кој загинаа 1.200 Израелци, а околу 240 луѓе беа заложници.
Вести
Борел: Целосно е невозможно да се евакуираат милиони луѓе од северот на Газа
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/09/борел-миа.jpg)
Првиот човек на ЕУ-дипломатијата Жозеп Борел утринава на прес-конференција изјави дека евакуацијата на милиони луѓе од северниот дел на Газа е целосно невозможна.
Десетици илјади цивили почнаа да бегаат од јужниот дел на Газа вчера, откако Израел им порача на луѓето да ја напуштат областа пред очекуваната копнена офанзива.
„Да се замисли дека можеш да преселиш милион луѓе за 24 часа во ситуација во каква што е Газа, може да биде само хуманитарна криза“, рече Борел на последниот ден од тридневната дипломатска посета на Кина.
И покрај изјавата на ЕУ за поддршка на Израел, тој исто така предупреди дека и Израел е должен да го почитува меѓународното хуманитарно право во одбранбениот процес.
„Позицијата е јасна“, рече Борел. „Но, како и секое право, тоа има граница. А таа граница е меѓународното право“.
Вести
Проценки на ОН: Десетици илјади луѓе веќе ја напуштија Газа
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2023/10/антонио-гутереш.jpg)
Во текот на ноќта беа објавени најновите проценки на ОН за бројот на луѓе кои ги напуштиле своите домови во северниот дел на Газа.
Тие велат дека веруваат дека станува збор за десетици илјади кои се упатиле кон југ по предупредувањето за евакуација на Израел.
Пред наредбата за евакуација, повеќе од 400.000 Палестинци беа внатрешно раселени, според хуманитарната канцеларија на ОН OCHA.
Израелската војска им порача на околу 1,1 милион луѓе во северниот дел на Газа да заминат пред очекуваната копнена инвазија. Хамас, пак, ги повика луѓето да останат на место и да пркосат на израелската воена наредба.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш рече дека наредбата од Хамас е „исклучително опасна – и во некои случаи едноставно не е возможна“.