Вести
Во сириски Кобане погребани двете момченца кои се удавија крај турски Бодрум
Двете сириски момченца и нивната мајка, кои се удавија во нивниот очајнички обид од турското летувалиште Бодрум преку Средоземјето да стигнат до грчкиот остров Кос и оттаму во „ветената“ Европа, беа погребани во петокот на гробиштата во родниот град Кобане, а на преживеаниот татко на семејството дојдоа да му изразат сочувство стотици сограѓани и претставници на градските власти.
Абдула Курди, кој за само неколку мигови го загуби семејството, е еден од деветтемина преживени од бродоломот ноќта во средата, изјави дека се надева оти нивната трагична приказна ќе го поттикне светот да се ангажира на поголема помош за бегалците, пренесе курдската телевизиска станица во северна Сирија.
Уште 14 луѓе, од кои уште неколку деца се удавија истата ноќ кога и трите членови на семејството Курди, кога нивните чамци биле превртени од големи бранови. Како што раскажува Абдула, колку што можел подолго тој ги одржувал децата над површината од водата, не дозволувајќи да потонат. Меѓутоа во еден момент го издала силата и брановите ги измолкнале децата од неговите прегратки. Нивните тела, заедно со преживеаните, неколку часа подоцна морето ги исфрли на плажата крај Бодрум. Телата на уште неколкумина од вкупно 23-те луѓе во двата чамци сé уште не се пронајдени во петокот.
Погребната поворка со телата на тригодишниот Ајлан, неговото петгодишно братче Галиб и 35-годишната мајка Рехан мина низ од војната опустошениот град Кобене, на само еден километар од границата со Турција, кој со месеци минатата година беше во жестока опсада на џихадистите од Исламската држава.
„Целиот свет е во тага и солзи“, изјави во прилогот Мустафа Ебде, новинар по потекло од Кобане, алудирајќи на фотографијата од безживотното тело на Ајлан како лежи на плажата која го обиколи светот и предизвика силни емотивни реакции, и додавајќи дека таткото е скршен од болка и во шок./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Вести
“Во основа е пекол на земјата”: Градот Газа оставен тотално без здравствената заштита
Во раните утрински часови во саботата, над купови бетон и урнатини, толпа лекари и пациенти пешачеа километри низ уништените улици на градот Газа, принудени да се евакуираат пеш од она што остана од болниците. Здравствените работници велат дека се плашат да ги оставаат критично болните пациенти зад себе во град кој сега во голема мера е сведен на урнатини, преземен израелските сили, со болници кои работат без струја, гориво, вода или храна, пишува британски „Гардијан“.
“Тоа е во основа пекол на земјата”, вели Вилијам Шомбург, шефот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Газа, опишувајќи го она што остана од животот во градот.
Со недели, десетици илјади луѓе се надеваа дека во болниците во Газа ќе најдат засолниште кое е најблиску до безбедно бидејќи енклавата издржа интензивирачки бомбардирања.
Но, откако израелските сили се приближија до објектите и потоа ја нападнаа најголемата болница во Газа, Дар ал-Шифа минатата недела, илјадници луѓе беа раселени заедно со медицинскиот персонал, шетајќи низ уништените улици на југ од енклавата.
Палестинското министерство за здравство во Газа соопшти дека израелските сили побарале евакуација на болницата Ал Шифа вчераутро, три дена откога влегоа во објектот. Здравствените лица сведочат дека им им било кажано дека имаат еден час да ја евакуираат болницата која беше центар на здравствениот систем на Газа.
Најмалку 12.000 луѓе загинаа во израелскиот напад врз Газа по нападот на Хамас на 7-ми октомври, во кој загинаа 1.200 Израелци, а околу 240 луѓе беа заложници.
Вести
Борел: Целосно е невозможно да се евакуираат милиони луѓе од северот на Газа
Првиот човек на ЕУ-дипломатијата Жозеп Борел утринава на прес-конференција изјави дека евакуацијата на милиони луѓе од северниот дел на Газа е целосно невозможна.
Десетици илјади цивили почнаа да бегаат од јужниот дел на Газа вчера, откако Израел им порача на луѓето да ја напуштат областа пред очекуваната копнена офанзива.
„Да се замисли дека можеш да преселиш милион луѓе за 24 часа во ситуација во каква што е Газа, може да биде само хуманитарна криза“, рече Борел на последниот ден од тридневната дипломатска посета на Кина.
И покрај изјавата на ЕУ за поддршка на Израел, тој исто така предупреди дека и Израел е должен да го почитува меѓународното хуманитарно право во одбранбениот процес.
„Позицијата е јасна“, рече Борел. „Но, како и секое право, тоа има граница. А таа граница е меѓународното право“.
Вести
Проценки на ОН: Десетици илјади луѓе веќе ја напуштија Газа
Во текот на ноќта беа објавени најновите проценки на ОН за бројот на луѓе кои ги напуштиле своите домови во северниот дел на Газа.
Тие велат дека веруваат дека станува збор за десетици илјади кои се упатиле кон југ по предупредувањето за евакуација на Израел.
Пред наредбата за евакуација, повеќе од 400.000 Палестинци беа внатрешно раселени, според хуманитарната канцеларија на ОН OCHA.
Израелската војска им порача на околу 1,1 милион луѓе во северниот дел на Газа да заминат пред очекуваната копнена инвазија. Хамас, пак, ги повика луѓето да останат на место и да пркосат на израелската воена наредба.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш рече дека наредбата од Хамас е „исклучително опасна – и во некои случаи едноставно не е возможна“.