Вести
Во Тунис 12 уапсени за вмешаност во терористичкиот напад врз туристите

Дванаесет лица се уапсени во Тунис поради сомневања дека се вмешани во нападот во хотелскиот комплекс кај летувалиштето Сус во кој минатиот петок беа убиени 38 странски туристи.
Осум од дванаесеттемина уапсени се „директно“ поврзани со нападот од 26-ти јуни, изјави министерот за уставни тела и цивилно општество, Камал Жендуби, без дополнително објаснување за ваквото тврдење.
Вооружениот 23-годишен напаѓач идентификуван како Тунижанецот Сејфедин Резгуи упадна на плажата кај Сус криејќи го автоматот „калашников“ во чадор за сонце и отвори оган врз туристите. Министерството за здравство на Тунис во средата објави дека ги идентификувало сите 38 убиени туристи. Од нив 30 се Британци, тројца се Ирци, двајца Германци и по еден државјанин на Белгија, Португалија и на Русија. Ранети се уште 40 луѓе. Одговорноста за нападот во кој полицијата го уби напаѓачот, ја презема џихадистичката организација Исламска држава.
Министерот за парламентарни односи, Ласхар Акреми, во четвртокот ја потврди информацијата дека Резгуи, како и двајца од осомничените, минале борбена обука во џихадистички камп во соседна Либија. Според него, безбедносните служби трагаат по уште две сомнителни лица.
Во март годинава вооружени напаѓачи, исто така припадници на радикална исламистичка група, во музејот „Бардо“ во престолнината Тунис убија 21 турист и еден полицаец. И за овој напад потоа одговорноста ја презема Исламската држава. Во мај годинава, пак, на истата плажа во Сус бомбаш самоубиец се разнесе, меѓутоа тогаш немаше други жртви и повредени.
Исламистичките групации извршија повеќе напади врз туристите и врз припадниците на безбедносните сили, откако во ткн Арапска пролет 2011 година беше соборен деценискиот автократски претседател Зине ал-Абидине бен Али./крај/мф/сн
Извор: AFP
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Вести
“Во основа е пекол на земјата”: Градот Газа оставен тотално без здравствената заштита

Во раните утрински часови во саботата, над купови бетон и урнатини, толпа лекари и пациенти пешачеа километри низ уништените улици на градот Газа, принудени да се евакуираат пеш од она што остана од болниците. Здравствените работници велат дека се плашат да ги оставаат критично болните пациенти зад себе во град кој сега во голема мера е сведен на урнатини, преземен израелските сили, со болници кои работат без струја, гориво, вода или храна, пишува британски „Гардијан“.
“Тоа е во основа пекол на земјата”, вели Вилијам Шомбург, шефот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Газа, опишувајќи го она што остана од животот во градот.
Со недели, десетици илјади луѓе се надеваа дека во болниците во Газа ќе најдат засолниште кое е најблиску до безбедно бидејќи енклавата издржа интензивирачки бомбардирања.
Но, откако израелските сили се приближија до објектите и потоа ја нападнаа најголемата болница во Газа, Дар ал-Шифа минатата недела, илјадници луѓе беа раселени заедно со медицинскиот персонал, шетајќи низ уништените улици на југ од енклавата.
Палестинското министерство за здравство во Газа соопшти дека израелските сили побарале евакуација на болницата Ал Шифа вчераутро, три дена откога влегоа во објектот. Здравствените лица сведочат дека им им било кажано дека имаат еден час да ја евакуираат болницата која беше центар на здравствениот систем на Газа.
Најмалку 12.000 луѓе загинаа во израелскиот напад врз Газа по нападот на Хамас на 7-ми октомври, во кој загинаа 1.200 Израелци, а околу 240 луѓе беа заложници.
Вести
Борел: Целосно е невозможно да се евакуираат милиони луѓе од северот на Газа

Првиот човек на ЕУ-дипломатијата Жозеп Борел утринава на прес-конференција изјави дека евакуацијата на милиони луѓе од северниот дел на Газа е целосно невозможна.
Десетици илјади цивили почнаа да бегаат од јужниот дел на Газа вчера, откако Израел им порача на луѓето да ја напуштат областа пред очекуваната копнена офанзива.
„Да се замисли дека можеш да преселиш милион луѓе за 24 часа во ситуација во каква што е Газа, може да биде само хуманитарна криза“, рече Борел на последниот ден од тридневната дипломатска посета на Кина.
И покрај изјавата на ЕУ за поддршка на Израел, тој исто така предупреди дека и Израел е должен да го почитува меѓународното хуманитарно право во одбранбениот процес.
„Позицијата е јасна“, рече Борел. „Но, како и секое право, тоа има граница. А таа граница е меѓународното право“.
Вести
Проценки на ОН: Десетици илјади луѓе веќе ја напуштија Газа

Во текот на ноќта беа објавени најновите проценки на ОН за бројот на луѓе кои ги напуштиле своите домови во северниот дел на Газа.
Тие велат дека веруваат дека станува збор за десетици илјади кои се упатиле кон југ по предупредувањето за евакуација на Израел.
Пред наредбата за евакуација, повеќе од 400.000 Палестинци беа внатрешно раселени, според хуманитарната канцеларија на ОН OCHA.
Израелската војска им порача на околу 1,1 милион луѓе во северниот дел на Газа да заминат пред очекуваната копнена инвазија. Хамас, пак, ги повика луѓето да останат на место и да пркосат на израелската воена наредба.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш рече дека наредбата од Хамас е „исклучително опасна – и во некои случаи едноставно не е возможна“.