Вести
Во Виена се разгледува план за прекин на огнот во Сирија за 6 месеци

Учесниците на преговорите во австриската престолнина Виена за решавање на сирискиот конфликт, во кој главниот збор го имаат САД и Русија, го разгледуваат планот за прекин на огнот во Сирија во текот на наредните четири до шест месеци, пишува во петокот Associated Press повикувајќи се на извор запознаен со текот на разговорите.
Агенцијата истакнува дека планот може да стапи на сила откако ќе биде формирана преодна влада со учество на актуелниот сириски претседател Башар ал-Асад, што беше главниот камен на сопнување во ставовите на Москва и Вашингтон, како и на претставници на сириската опозиција.
Во четвртокот вечерта во Виена се одржа нова средба на министрите за надворешни работи на САД, Русија, Турција и Саудиска Арабија. Во петокот на „квартетот“ по руска иницијатива му се придружија шефовите на дипломатии на уште неколку држави од Блискиот исток, меѓу кои Египет, Иран, Ирак и Либан, кои може да придонесат за нормализација на ситуацијата во разорената Сирија во граѓанската војна која избувна во март 2011 година.
Во петокот, исто така, пред самиот почеток на виенската средба, американскиот амбасадор во Москва, Џон Тафт изјави дека САД и Русија се согласиле околу неопходноста да се сочува територијалната целост на Сирија и нејзината секуларна организираност од пред војната којашто прерасна во меѓуконфесионален судир во кој поголемиот дел од територијата во моментов е под контрола на радикалните џихадистички сили како Исламската држава и Џебхат ан-Нусра, сириското крило на Ал Каеда. Постигната била согласност и дека за својата судбина треба да решаваат сириските граѓани преку избори.
„Согласни сме дека е неопходно политичко решение за оваа ужасна граѓанска војна, која продолжува веќе пет години. Согласни сме дека мора да са се спречи натамошното зајакнување на Исламската држава и другите екстремистички групи. Согласни сме дека е неопходно да се зачува сириската држава и државните институции и да се сочува Сирија како интегрална и секуларна држава“, напишал амбасадорот Тафт во одговорот на прашањата поставени од корисниците на руската социјална мрежа ВКонтакте, пренесува агенцијата РИА.
Американскиот дипломат, исто така, истакнал и дека има согласност меѓу Вашингтон и Москва „дека сирискиот народ мора да ја решава својата судбина преку слободни и чесни избори“./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Вести
“Во основа е пекол на земјата”: Градот Газа оставен тотално без здравствената заштита

Во раните утрински часови во саботата, над купови бетон и урнатини, толпа лекари и пациенти пешачеа километри низ уништените улици на градот Газа, принудени да се евакуираат пеш од она што остана од болниците. Здравствените работници велат дека се плашат да ги оставаат критично болните пациенти зад себе во град кој сега во голема мера е сведен на урнатини, преземен израелските сили, со болници кои работат без струја, гориво, вода или храна, пишува британски „Гардијан“.
“Тоа е во основа пекол на земјата”, вели Вилијам Шомбург, шефот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Газа, опишувајќи го она што остана од животот во градот.
Со недели, десетици илјади луѓе се надеваа дека во болниците во Газа ќе најдат засолниште кое е најблиску до безбедно бидејќи енклавата издржа интензивирачки бомбардирања.
Но, откако израелските сили се приближија до објектите и потоа ја нападнаа најголемата болница во Газа, Дар ал-Шифа минатата недела, илјадници луѓе беа раселени заедно со медицинскиот персонал, шетајќи низ уништените улици на југ од енклавата.
Палестинското министерство за здравство во Газа соопшти дека израелските сили побарале евакуација на болницата Ал Шифа вчераутро, три дена откога влегоа во објектот. Здравствените лица сведочат дека им им било кажано дека имаат еден час да ја евакуираат болницата која беше центар на здравствениот систем на Газа.
Најмалку 12.000 луѓе загинаа во израелскиот напад врз Газа по нападот на Хамас на 7-ми октомври, во кој загинаа 1.200 Израелци, а околу 240 луѓе беа заложници.
Вести
Борел: Целосно е невозможно да се евакуираат милиони луѓе од северот на Газа

Првиот човек на ЕУ-дипломатијата Жозеп Борел утринава на прес-конференција изјави дека евакуацијата на милиони луѓе од северниот дел на Газа е целосно невозможна.
Десетици илјади цивили почнаа да бегаат од јужниот дел на Газа вчера, откако Израел им порача на луѓето да ја напуштат областа пред очекуваната копнена офанзива.
„Да се замисли дека можеш да преселиш милион луѓе за 24 часа во ситуација во каква што е Газа, може да биде само хуманитарна криза“, рече Борел на последниот ден од тридневната дипломатска посета на Кина.
И покрај изјавата на ЕУ за поддршка на Израел, тој исто така предупреди дека и Израел е должен да го почитува меѓународното хуманитарно право во одбранбениот процес.
„Позицијата е јасна“, рече Борел. „Но, како и секое право, тоа има граница. А таа граница е меѓународното право“.
Вести
Проценки на ОН: Десетици илјади луѓе веќе ја напуштија Газа

Во текот на ноќта беа објавени најновите проценки на ОН за бројот на луѓе кои ги напуштиле своите домови во северниот дел на Газа.
Тие велат дека веруваат дека станува збор за десетици илјади кои се упатиле кон југ по предупредувањето за евакуација на Израел.
Пред наредбата за евакуација, повеќе од 400.000 Палестинци беа внатрешно раселени, според хуманитарната канцеларија на ОН OCHA.
Израелската војска им порача на околу 1,1 милион луѓе во северниот дел на Газа да заминат пред очекуваната копнена инвазија. Хамас, пак, ги повика луѓето да останат на место и да пркосат на израелската воена наредба.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш рече дека наредбата од Хамас е „исклучително опасна – и во некои случаи едноставно не е возможна“.