Вести
Во воздушни напади во Сирија убиени најмалку 26 цивили, осомничена коалицијата
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2016/10/sirija2020bombardiranje20grad.jpg)
Најмалку 26 цивили се убиени во североисточна Сирија во воздушни напади коишто судејќи според сé ги извела меѓународната коалиција предводена од САД, објави во понеделникот вечерта опозициската Сириска опсерваторија за човекови права (SOHR), откако претходно оваа невладина организација со седиште во Лондон и сириската влада ја обвинија коалицијата дека извршила воздушен напад врз база на владините сили во кој убила четири а ранила 13 војници.
Седум деца и четири жени се меѓу жртвите во нападите изведени близу областа ал-Хол, којашто во ноември од џихадистите на Исламската држава ja преземаа сунитските арапски и курдски бунтовници, се прецизира во соопштението на SOHR.
„Нападите биле насочени на селото ал-Кан, каде уште се одржува Исламската држава“, изјави за AFP, директорот на Опсерваторијата, Рами Абделрахман. „Меѓутоа, Даеш (арапски акроним за Исламската држава во Ирак и на Левантот – ISIL – з.р.) е присутна само на периферијата од населбата, затоа сите жртви се цивили“, додал.
Абдeлрахман изразил и стравување дека бројот на цивилните жртви може да биде поголем, бидејќи активистите на SOHR јавиле дека под урнатините има најмалку 17 лица кои се водат како исчезнати.
Меѓународната коалиција која ја предводат САД, ги започна воздушните удари врз позициите на Исламската држава во Сирија, без договор или координација со владата во Дамаск или со мандат на Обединетите нации, во септември 2014 година.
Сириското министерство за надворешни работи и SOHR претходно во понеделникот соопштија дека коалициските авиони бомбардирале камп на сириската армија во покраината Деир-ез-Зор, при што убиле четворица и раниле тринаесет војници.
Коалицијата објави дека не го гаѓала кампот на сириската армија, што официјален Дамаск го нарече „агресија врз Сирија“ и најави известување на генералниот секретар и Советот за безбедност на ОН.
„Известени сме дека во печатот излегле тие информации, но никаков удар не изведовме во тој дел од Деир-ез-Зор“, изјави за AFP портпаролот на мисијата, полковникот Стивен Ворен.
Меѓутоа, малку подоцна портпаролката на Пентагон изјави за руската агенција РИА дека американското министерство за одбрана не располага со информации дека сириски војници можеле да бидат во областа на воздушните удари на коалицијата во покраината Деи-ез-Зор, но дека детално ќе ги испита сите извештаи.
„Извршивме четири воздушни удари во покраината Деир-ез-Зор, сите биле нанесени врз нафтени извори“, изјавила портпаролката на Пентагон, полковник Мишел Балданза, повторувајќи ги претходните процени на американските воени функционери дека нападите биле извршени на 55 километри од местото каде се убиени сириските војници.
„Не сме гаѓале на возила или жива сила во тој регион. Немаме податоци дека сириски војници би можеле да бидат во близината на нашите воздушни удари“, додала.
Според Балданза, САД се водат според „строги протоколи“ за да се осигури прецизноста на воздушните и за да не се дозволат колатерални жртви.
„Ги земаме предвид сериозно сите обвинувања за можна колатерална штетата и ќе ги проучиме сите наводи што ќе ги добиеме“, уверува портпаролката на Пентагон./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Вести
“Во основа е пекол на земјата”: Градот Газа оставен тотално без здравствената заштита
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2023/11/gaza32.jpg)
Во раните утрински часови во саботата, над купови бетон и урнатини, толпа лекари и пациенти пешачеа километри низ уништените улици на градот Газа, принудени да се евакуираат пеш од она што остана од болниците. Здравствените работници велат дека се плашат да ги оставаат критично болните пациенти зад себе во град кој сега во голема мера е сведен на урнатини, преземен израелските сили, со болници кои работат без струја, гориво, вода или храна, пишува британски „Гардијан“.
“Тоа е во основа пекол на земјата”, вели Вилијам Шомбург, шефот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Газа, опишувајќи го она што остана од животот во градот.
Со недели, десетици илјади луѓе се надеваа дека во болниците во Газа ќе најдат засолниште кое е најблиску до безбедно бидејќи енклавата издржа интензивирачки бомбардирања.
Но, откако израелските сили се приближија до објектите и потоа ја нападнаа најголемата болница во Газа, Дар ал-Шифа минатата недела, илјадници луѓе беа раселени заедно со медицинскиот персонал, шетајќи низ уништените улици на југ од енклавата.
Палестинското министерство за здравство во Газа соопшти дека израелските сили побарале евакуација на болницата Ал Шифа вчераутро, три дена откога влегоа во објектот. Здравствените лица сведочат дека им им било кажано дека имаат еден час да ја евакуираат болницата која беше центар на здравствениот систем на Газа.
Најмалку 12.000 луѓе загинаа во израелскиот напад врз Газа по нападот на Хамас на 7-ми октомври, во кој загинаа 1.200 Израелци, а околу 240 луѓе беа заложници.
Вести
Борел: Целосно е невозможно да се евакуираат милиони луѓе од северот на Газа
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/09/борел-миа.jpg)
Првиот човек на ЕУ-дипломатијата Жозеп Борел утринава на прес-конференција изјави дека евакуацијата на милиони луѓе од северниот дел на Газа е целосно невозможна.
Десетици илјади цивили почнаа да бегаат од јужниот дел на Газа вчера, откако Израел им порача на луѓето да ја напуштат областа пред очекуваната копнена офанзива.
„Да се замисли дека можеш да преселиш милион луѓе за 24 часа во ситуација во каква што е Газа, може да биде само хуманитарна криза“, рече Борел на последниот ден од тридневната дипломатска посета на Кина.
И покрај изјавата на ЕУ за поддршка на Израел, тој исто така предупреди дека и Израел е должен да го почитува меѓународното хуманитарно право во одбранбениот процес.
„Позицијата е јасна“, рече Борел. „Но, како и секое право, тоа има граница. А таа граница е меѓународното право“.
Вести
Проценки на ОН: Десетици илјади луѓе веќе ја напуштија Газа
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2023/10/антонио-гутереш.jpg)
Во текот на ноќта беа објавени најновите проценки на ОН за бројот на луѓе кои ги напуштиле своите домови во северниот дел на Газа.
Тие велат дека веруваат дека станува збор за десетици илјади кои се упатиле кон југ по предупредувањето за евакуација на Израел.
Пред наредбата за евакуација, повеќе од 400.000 Палестинци беа внатрешно раселени, според хуманитарната канцеларија на ОН OCHA.
Израелската војска им порача на околу 1,1 милион луѓе во северниот дел на Газа да заминат пред очекуваната копнена инвазија. Хамас, пак, ги повика луѓето да останат на место и да пркосат на израелската воена наредба.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш рече дека наредбата од Хамас е „исклучително опасна – и во некои случаи едноставно не е возможна“.