Вести
За тајландската полиција нападите се јасно поврзани
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2016/10/425fbae0d85d4de7acf4e22dc5b65c1b_18.jpg)
Серијата бомбашки напади во јужниот дел на Тајланд во кои загинаа четворица луѓе а над триесет беа ранети се „јасно поврзани“, објави во неделата тајландската полиција, додавајќи дека е издаден налог за апсење на маж осомничени за нападите.
Нападите меѓу четвртокот и петокот, во прв ред беа насочени на популарните тајландски летувалишта. Бомбите експлодираа во популарните туристички дестинации, две жртви има во Хуа Хин, и по една во Сурат Тани и во Транг. Вкупно се регистрирани 11 експлозии во пет провинции на југот од Тајланд, вклучително и омилениот за туристите остров Пукет, а власите од петокот утрото ги засилија безбедносните мерки.
„Овие напади ги извела група на повеќе места симултано, следејќи упатствата“, изјави началникот на полицијата Понгсапат Понгшарен.
Налог за апсење е издаден во врска со нападот во супермаркетот во Након Си Тамарат. Засега ниедна група не ја презема одговорноста, но сомневањето паѓа на локалните сепаратистички бунтовници. Тајландската полиција, исто така, соопшти дека експлозиите немаат врска со меѓународниот тероризам, туку се дело на локалните бунтовници.
Тајландската воена хунта продолжи во саботата со потрагата по сторителите на серијата експлозии, додека туристичкиот сектор стравува дека ова насилство ќе го намали приливот на гостите.
Шефот на тајландската хунта, Прајат Чан-О-Ча во петокот изјави дека нападите се обид да се предизвикаат немири во земјата којашто е разорена од децениската политичка криза.
„Бомбашките напади се обид да се предизвика хаос и конфузија.“, рече Прајат за новинарите во Бангкок додавајќи дека експлозиите доаѓаат во време кога ситуацијата во земјата се стабилизира и закрепнуваат економијата и туристичкиот сектор.
Овие напади доаѓаат точна една година откако минатиот август во експлозијата во центарот на Бангкок загинаа 20 луѓе, главно туристи од Кина, во најкрвавиот напад од овој вид кој го погодил Тајланд последните години.
Локалните медиум, исто така, истакнуваат дека сегашните експлозии се случуваат во време кога избирачите на референдум со големо мнозинство го одобрија нацрт-уставот на Тајланд кој го предложи хунтата кој треба да биде основа за воспоставување цивилна влада под влијание на војската. Референдумот го отвора патот за одржување на општите избори следната 2017 година, но бара од идните влади да ја регулираат улогата на војската.
Воената хунта којашто дојде на власт во 2014 година, го укина претходниот устав и формира комисија којашто го подготвува новиот. Меѓутоа, големите партии на Тајланд го отфрлија новиот устав, велејќи дека тој е недемократски и ќе ја потврди само воената контрола над општеството.
Современата историја на Тајланд е одбележана со постојана нестабилност и длабоки политички поделби. Изминатата деценија на власт се менуваа ројалистичката армија и нејзините сојузници од естаблишментот, од една страна, и од друга од избрани влади предводени или поврзан со милијардерот Таксин Шинаватра кој живее во самоизбран егзил во странство./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Вести
“Во основа е пекол на земјата”: Градот Газа оставен тотално без здравствената заштита
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2023/11/gaza32.jpg)
Во раните утрински часови во саботата, над купови бетон и урнатини, толпа лекари и пациенти пешачеа километри низ уништените улици на градот Газа, принудени да се евакуираат пеш од она што остана од болниците. Здравствените работници велат дека се плашат да ги оставаат критично болните пациенти зад себе во град кој сега во голема мера е сведен на урнатини, преземен израелските сили, со болници кои работат без струја, гориво, вода или храна, пишува британски „Гардијан“.
“Тоа е во основа пекол на земјата”, вели Вилијам Шомбург, шефот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Газа, опишувајќи го она што остана од животот во градот.
Со недели, десетици илјади луѓе се надеваа дека во болниците во Газа ќе најдат засолниште кое е најблиску до безбедно бидејќи енклавата издржа интензивирачки бомбардирања.
Но, откако израелските сили се приближија до објектите и потоа ја нападнаа најголемата болница во Газа, Дар ал-Шифа минатата недела, илјадници луѓе беа раселени заедно со медицинскиот персонал, шетајќи низ уништените улици на југ од енклавата.
Палестинското министерство за здравство во Газа соопшти дека израелските сили побарале евакуација на болницата Ал Шифа вчераутро, три дена откога влегоа во објектот. Здравствените лица сведочат дека им им било кажано дека имаат еден час да ја евакуираат болницата која беше центар на здравствениот систем на Газа.
Најмалку 12.000 луѓе загинаа во израелскиот напад врз Газа по нападот на Хамас на 7-ми октомври, во кој загинаа 1.200 Израелци, а околу 240 луѓе беа заложници.
Вести
Борел: Целосно е невозможно да се евакуираат милиони луѓе од северот на Газа
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/09/борел-миа.jpg)
Првиот човек на ЕУ-дипломатијата Жозеп Борел утринава на прес-конференција изјави дека евакуацијата на милиони луѓе од северниот дел на Газа е целосно невозможна.
Десетици илјади цивили почнаа да бегаат од јужниот дел на Газа вчера, откако Израел им порача на луѓето да ја напуштат областа пред очекуваната копнена офанзива.
„Да се замисли дека можеш да преселиш милион луѓе за 24 часа во ситуација во каква што е Газа, може да биде само хуманитарна криза“, рече Борел на последниот ден од тридневната дипломатска посета на Кина.
И покрај изјавата на ЕУ за поддршка на Израел, тој исто така предупреди дека и Израел е должен да го почитува меѓународното хуманитарно право во одбранбениот процес.
„Позицијата е јасна“, рече Борел. „Но, како и секое право, тоа има граница. А таа граница е меѓународното право“.
Вести
Проценки на ОН: Десетици илјади луѓе веќе ја напуштија Газа
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2023/10/антонио-гутереш.jpg)
Во текот на ноќта беа објавени најновите проценки на ОН за бројот на луѓе кои ги напуштиле своите домови во северниот дел на Газа.
Тие велат дека веруваат дека станува збор за десетици илјади кои се упатиле кон југ по предупредувањето за евакуација на Израел.
Пред наредбата за евакуација, повеќе од 400.000 Палестинци беа внатрешно раселени, според хуманитарната канцеларија на ОН OCHA.
Израелската војска им порача на околу 1,1 милион луѓе во северниот дел на Газа да заминат пред очекуваната копнена инвазија. Хамас, пак, ги повика луѓето да останат на место и да пркосат на израелската воена наредба.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш рече дека наредбата од Хамас е „исклучително опасна – и во некои случаи едноставно не е возможна“.