Вести
Земјотрес со магнитуда 8,5 ја погоди Јапонија

Моќен земјотрес со магнитуда од 8,5 степени по Рихтер го погоди во саботата источниот брег на Јапонија, но и покрај тоа што зградите во главниот град Токио и во други градови се треселе неколку минути, засега нема информации за настрадани и позначителни материјални штети.
Епицентарот на земјотресот бил крај островите Огасавара или Бонинските острови меѓу Јапонија и Маријанските острови, околу илјада километри јужно од Токио во Пацификот, а бил толку моќен што бил почувствуван низ цела Јапонија, пренесува телевизијата NHK. Хипоцентарот на потресот бил на длабочина од 590 километри.
Според прецизираните податоци, претходно Американскиот институт за геолошки истражувања јави дека потресот имал магнитуда од 7,8 степени по Рихтер, јапонските сеизмолози соопштија дека саботниот земјотрес е обележан со сила од 5 степени од јапонската скала која има 7 степени.
Не е објавена тревога од цунами. Компанијата „Tokyo Electric Power Co“, забележа дека не се забележани неправилности во функционирањето на нуклеарната централа „Фукушима -1“ која тешко беше оштетена во силниот земјотрес од март 2011 година. Токискиот меѓународен аеродром „Нарита“ функционира нормално, а единствено брзата железничка линија меѓу Токио и Осака е во прекин поради автоматски преки во напојувањето на струја.
Магнитудата на проценува моќноста на ослободената енергија за време на земјотресот, и претставува максимална амплитуда на сеизмичките бранови. Сепак, таа не овозможува споредување на јачината на влијанието на потресите врз објектите на површината од Земјата, поради оддалеченоста од епицентарот.
Јапонија се наоѓа во зоната на голема сеизмичка активност. За време на земјотресот со магнитуда од 7,2 степени, кој го погоди градот Кобе во 1995 година, загинаа над шест илјади луѓе .
На 1-ти март 2011 година беше погодена од катастрофален земјотрес од речиси 9 степени по Рихтер и со гигантско цунами со бранови кои на места достигнале над десет метри, во кој загинаа или уште се сметаат за исчезнати речиси 20.000 луѓе, а беа предизвикани огромни материјални штети, вклучително и на нуклеарката „Фукушима-1“./крај/мф/сн
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Вести
“Во основа е пекол на земјата”: Градот Газа оставен тотално без здравствената заштита

Во раните утрински часови во саботата, над купови бетон и урнатини, толпа лекари и пациенти пешачеа километри низ уништените улици на градот Газа, принудени да се евакуираат пеш од она што остана од болниците. Здравствените работници велат дека се плашат да ги оставаат критично болните пациенти зад себе во град кој сега во голема мера е сведен на урнатини, преземен израелските сили, со болници кои работат без струја, гориво, вода или храна, пишува британски „Гардијан“.
“Тоа е во основа пекол на земјата”, вели Вилијам Шомбург, шефот на Меѓународниот комитет на Црвениот крст во Газа, опишувајќи го она што остана од животот во градот.
Со недели, десетици илјади луѓе се надеваа дека во болниците во Газа ќе најдат засолниште кое е најблиску до безбедно бидејќи енклавата издржа интензивирачки бомбардирања.
Но, откако израелските сили се приближија до објектите и потоа ја нападнаа најголемата болница во Газа, Дар ал-Шифа минатата недела, илјадници луѓе беа раселени заедно со медицинскиот персонал, шетајќи низ уништените улици на југ од енклавата.
Палестинското министерство за здравство во Газа соопшти дека израелските сили побарале евакуација на болницата Ал Шифа вчераутро, три дена откога влегоа во објектот. Здравствените лица сведочат дека им им било кажано дека имаат еден час да ја евакуираат болницата која беше центар на здравствениот систем на Газа.
Најмалку 12.000 луѓе загинаа во израелскиот напад врз Газа по нападот на Хамас на 7-ми октомври, во кој загинаа 1.200 Израелци, а околу 240 луѓе беа заложници.
Вести
Борел: Целосно е невозможно да се евакуираат милиони луѓе од северот на Газа

Првиот човек на ЕУ-дипломатијата Жозеп Борел утринава на прес-конференција изјави дека евакуацијата на милиони луѓе од северниот дел на Газа е целосно невозможна.
Десетици илјади цивили почнаа да бегаат од јужниот дел на Газа вчера, откако Израел им порача на луѓето да ја напуштат областа пред очекуваната копнена офанзива.
„Да се замисли дека можеш да преселиш милион луѓе за 24 часа во ситуација во каква што е Газа, може да биде само хуманитарна криза“, рече Борел на последниот ден од тридневната дипломатска посета на Кина.
И покрај изјавата на ЕУ за поддршка на Израел, тој исто така предупреди дека и Израел е должен да го почитува меѓународното хуманитарно право во одбранбениот процес.
„Позицијата е јасна“, рече Борел. „Но, како и секое право, тоа има граница. А таа граница е меѓународното право“.
Вести
Проценки на ОН: Десетици илјади луѓе веќе ја напуштија Газа

Во текот на ноќта беа објавени најновите проценки на ОН за бројот на луѓе кои ги напуштиле своите домови во северниот дел на Газа.
Тие велат дека веруваат дека станува збор за десетици илјади кои се упатиле кон југ по предупредувањето за евакуација на Израел.
Пред наредбата за евакуација, повеќе од 400.000 Палестинци беа внатрешно раселени, според хуманитарната канцеларија на ОН OCHA.
Израелската војска им порача на околу 1,1 милион луѓе во северниот дел на Газа да заминат пред очекуваната копнена инвазија. Хамас, пак, ги повика луѓето да останат на место и да пркосат на израелската воена наредба.
Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш рече дека наредбата од Хамас е „исклучително опасна – и во некои случаи едноставно не е возможна“.