Свет
Болница во Пакистан остана без кислород, починале седум пациенти
Седум пациенти починале синоќа во една од најголемите болници во Пешавар, Пакистан, затоа што таа здравствена установа останала без кислород, пренесува агенцијата „Асошиејтед прес“.
Фахрад Кан, портпарол на болницата „Кајбер“, рече дека пациентите починале синоќа кога добавувачот кој ја снабдува болницата со кислород доцнел да го надополни магацинот.
Провинциската влада започна истрага за случајот.
Болницата е втора по големина во Пешавар и ја снабдуваат добавувачи од градот Равалпинди, оддалечен 190 километри.
Болниците во Пакистан се борат да се справат со растечкиот број на лица заразени со коронавирус и губат пациенти за кои немаат кислород.
„Се наоѓаме во критична ситуација која се влошува секој ден со порастот на случаите“, изјави за агенцијата ДПА, Сиде Касиер, главен адвокат на Пакистанското здружение на лекари.
Касиер рече дека болниците се преполни со тешки случаи на Ковид-19.
„Нов пациент добива кревет ако има доволно среќа некој пациент да е отпуштен“, рече тој.
Бројот на потврдени случаи од почетокот на пандемијата во таа земја со повеќе од 220 милиони жители се зголеми на 416.499, а починаа 8.361 лице.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Пожар на аеродром во Рим: маж стигнал до контролната кула и подметнал пожар, персоналот и патниците евакуирани
Авиосообраќајот на аеродромот Чампино во Рим беше привремено прекинат поради подметнување пожар во техничката просторија во подножјето на контролната кула. Вработените во оперативната сала биле принудени да ја напуштат просторијата поради чад, пренесуваат италијанските медиуми.
Поради оваа причина, појдовните и дојдовните летови се суспендирани. Според информациите, грузиски државјанин бил уапсен поради подметнување пожар. Тој пред неколку дена пристигнал во Италија и немал криминално досие. Понатамошни истраги за неговиот статус се во тек.
Како што пренесуваат тамошните медиуми, во овој инцидент нема повредени.
Сите дојдовни летови се префрлаат на аеродромот Леонардо да Винчи, а патниците ќе се превезуваат со автобус бесплатно.
Пожарникарите пријавиле дека интервенирале околу 7 часот и 20 минути, веднаш по пријавувањето на инцидентот. Тие изгаснале мал пожар „ кој избувнал внатре во канцелариите лоцирани под контролната кула“.
Спасувачите превентивно ја евакуирале целата зграда поради густиот чад.
Свет
Египет го отфрли предлогот за раселување на Палестинците
Египетскиот министер за надворешни работи Бадр Абделати изјави дека Палестинците не треба да ја напуштаат Газа. Тој му ја пренесе оваа порака на премиерот на палестинската самоуправа Мохамад Мустафа за време на состанокот одржан само неколку часа откако американскиот претседател Доналд Трамп ги објави плановите за преземање на Газа, што предизвика широки критики од палестинските политичари и арапските држави.
Египетското Министерство за надворешни работи ја истакна важноста од забрзување на испораката на хуманитарна помош, отстранување на урнатините и започнување проекти за опоравување, притоа јасно нагласувајќи дека Палестинците треба да останат во Газа, со оглед на нивната поврзаност со земјата и нивното одбивање да бидат насилно раселени.
Трамп претходно изјави дека секој со кој разговара ја сака идејата САД да го поседуваат тоа парче земја, мислејќи на Газа и изрази надеж дека Јордан и Египет би можеле да ги прифатат Палестинците кои ќе бидат протерани од енклавата.
Сепак, арапските земји одамна отфрлаат какво било принудно раселување на Палестинците и се залагаат за решение со две држави за израелско-палестинскиот конфликт.
Свет
Автобус излетал од патот во Турција: над 30 лица се повредени
Меѓуградски автобус се излизгал од патот во турската провинција Анталија, при што се повредени 33 лица, јави денеска ТРТ Хабер.
Несреќата се случила во областа Газипаша, во моментот кога автобусот се движел од Анталија кон Адијаман во источна Турција.
„Возачот на автобусот изгубил контрола, а возилото се излизгало од патот во ендек. Во несреќата се повредени над 30 патници, како и возачот и двајца негови помошници“, објави ТВ каналот.
Осуммина од повредените се малолетни.
Повредените се префрлени во блиските болници, додава ТРТ.