Свет
Велика Британија испраќа „тајфуни“ во Полска

Велика Британија ќе распореди ловци „еврофајтер тајфун“ за патролирање на полскиот воздушен простор откога Варшава ја обвини Русија за масовни кршења на границите со беспилотни летала, објави во понеделникот британскиот премиер, Кир Стармер.
Во наредните денови овие авиони ќе им се придружат на француските „рафали“, на германските „еврофајтери“ и на данските „Ф-16“ како дел од операцијата на НАТО – „Источен стражар“, објави британската влада. Патролите ќе полетаат од базата Конингсби во источниот дел на Англија, поддржани од танкерот „Војаџер“ за полнење гориво во воздух, а нивната задача е да ги следат наводните закани од воздухопловството од Русија, вклучително и беспилотните летала.
„Овие авиони не се само демонстрација на сила, туку и клучен фактор во одвраќањето на агресијата, обезбедувањето на воздушниот простор на НАТО и заштитата на националната безбедност, како и безбедноста на сојузниците“, рече Стармер обвинувајќи ја Русија за неодговорно однесување на источното крило на алијансата.
Чешката Република веќе испрати три хеликоптери во Полска, а Шпанија, Италија и Шведска ветија дополнителна поддршка. Полската војска тврди дека најмалку 19 руски беспилотни летала влегле во нејзиниот воздушен простор на 9 септември, но Москва го негира ова. Според „Ројтерс“, полски воен извор вели дека беспилотните летала се користат за совладување на украинската воздушна одбрана.
Рускиот претставник во ОН, Василиј Небензја, минатата недела во Советот за безбедност ги оцени овие обвинувања како неосновани.
Во вторник Русија и Белорусија ќе ја завршат заедничката воена вежба „Запад 2025“, во која учествуваат речиси 13.000 војници. Москва и Минск ги отфрлаат западните тврдења дека ова е проба за инвазија оценувајќи ги како хистерија.
Минатиот месец Полска ги почна своите маневри „Железен бранител 25“, во кои учествуваат речиси 30.000 војници вклучувајќи ги и силите на другите членки на НАТО.
Фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Лавров: Русија постепено се оддалечува од терминот „непријателскa земји“

Русија постепено се оддалечува од терминот „непријателски земји“, постојат само земји со влади кои не се пријателски настроени кон Москва, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
„Постепено се оддалечуваме од терминот непријателска земја, иако тој останува во законодавството“, објави Лавров на прес-конференција посветена на подготовките за „Интервижн“, пренесува ТАСС.
Лавров одговори дека Русија нема непријателски земји, туку дека постојат само земји кои „имаат непријателска влада во однос на Руската Федерација“.
Фото: принтскрин
Свет
Затворени плажи во Хургада поради појава на ајкули

Неколку плажи во египетските одморалишта Хургада и Макади беа затворени во последните денови откако ајкули беа забележани во близина на брегот. Ова го објавуваат локалните медиуми.
Според туристите, неколку хотели одлучиле да ги затворат своите плажи како мерка на претпазливост, додека некои од нив во меѓувреме се отвориле повторно.
Како што објавуваат медиумите, експертите предупредуваат дека видови како што се тигрести и леопардски ајкули, кои се сметаат за особено опасни за луѓето, може да се појават во Црвеното Море. Поради оваа причина, се препорачува да се биде дополнително внимателен и да се почитуваат сите мерки пропишани од одморалиштата и службите за спасување, според написите.
Фото: принтскрин
Свет
Подготвени сме за секакво сценарио за време на посетата на Трамп, објави британската полиција

Британската полиција објави дека е целосно подготвена за сите можни ситуации и сценарија пред државната посета на претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, оваа недела.
– Многу сум задоволен што испланиравме многу сеопфатен план за полициска и безбедносна операција што ги зема предвид речиси сите можни сценарија што би можеле да се случат – изјави помошникот на главниот комесар Крисјан Бант од британската полиција.
Бант изјави дека ќе бидат присутни значајни, многу видливи полициски сили, но одби да го прецизира бројот на распоредени полицајци.
Тој, исто така, објави дека воздушниот простор над замокот Виндзор ќе биде затворен, а специјализираните полицајци ќе бидат подготвени да се справат со секаков протест што може да се случи.
Британскиот крал Чарлс ќе го пречека Трамп во замокот Виндзор утре, пред американскиот претседател да ја продолжи својата посета во четврток на имотот на британскиот премиер Кир Стармер.
Фото: принтскрин