Свет
(Видео) Новиот човек на Трамп за Блискиот Исток е свекорот на ќерка му Тифани
Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп во неделата објави дека либанско-американскиот бизнисмен Масад Булос ќе биде висок советник за арапски и блискоисточни прашања.
Трамп ја сподели оваа објава на социјалната мрежа Truth Social. Булос, свекорот на ќерката на Трамп, Тифани, неколкупати се сретнал со арапско-американски и муслимански лидери за време на изборната кампања, пишува „Ројтерс“. Ова е вторпат во последните денови Трамп да избере член на семејството на еден од своите зетовци за да служи во неговата администрација.
Во саботата Трамп објави дека го избрал таткото на Џаред Кушнер, Чарлс Кушнер, за американски амбасадор во Франција.
Во последните месеци Булос водеше кампања за Трамп да ја добие поддршката од либанско-американските и арапско-американските гласачи и покрај фактот што САД ја поддржаа воената кампања на Израел против Хезболах во Либан.
Но, како што пишува „Ројтерс“, Булос има силни врски и во САД и во Либан.
Имено, татко му и дедо му биле значајни политички фигури во Либан, а зет му бил клучен финансиер на Слободното патриотско движење, христијанска партија поврзана со Хезболах. Син му Мајкл и Тифани Трамп се венчаа на раскошна церемонија во клубот „Мар-а-Лаго“ на Трамп на Флорида во ноември 2022 година по свршувачката во градината на Белата куќа за време на првиот мандат на Трамп.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
(Видео) 6.000 затвореници избегале од затворот во Мозамбик за време на протестите во Мапуто
Најмалку 6.000 затвореници избегале од затворот во главниот град Мапуто, при што 33 се убиени, а 15 ранети во судири со стражарите. Меѓу избеганите има и 29 осудени терористи, што ги зголемува загриженоста и напорите на властите за враќање на редот.
На социјалните мрежи се појавија видеа од бегството, а полицијата упати повик за предавање и соработка од јавноста.
Најмалку 6.000 затвореници избегале од Централниот затвор во Мапуто, главниот град на Мозамбик, каде што има ескалација на немирите, соопшти полицијата.
Регион
Тројца членови на семејство, меѓу кои и дете, пронајдени мртви во нивниот дом во Босна
Трoјца луѓе починале синоќа во селото Теочак кај Тузла во Босна и Херцеговина, како последица од труење со јаглерод моноксид. Истражителите се сомневаат дека смртоносниот гас потекнал од генератор на нафта кој семејството го користело за производство на струја.
Според неофицијални информации починале тројца луѓе, сите членови на едно семејство, а меѓу нив е и едно дете. Според информациите, починатите ги пронашол локалниот оџа. Од полицијата велат дека добиле дојава и испратиле екипи на терен, но дека и натаму немаат потврда за оваа информација.
Неофицијално се дознава дека трагедијата се случила синоќа, а починатите биле пронајдени денеска.
Свет
Перу прогласи вонредна состојба по излевањето на нафта на северот на земјата
Владата на Перу денеска прогласи еколошка вонредна состојба во северниот крајбрежен регион, каде што државната нафтена компанија Петроперу минатиот викенд истури пратка сурова нафта во околните води на Тихиот Океан.
Брод кој изведуваше маневри предизвика излевање на нафта во саботата на терминалот на перуанската рафинерија Талара во северниот дел на Перу, објави Ројтерс.
Нема информација колку сурова нафта се излеа во морето, но чуварот на животната средина на Перу, ОЕФА, во прелиминарниот извештај рече дека излевањето погодило околу 10.000 квадратни метри површинска морска вода, а Министерството за животна средина соопшти дека погодило најмалку седум плажи како и локалниот див свет.