Свет
(Видео) „Победата дојде“ – во болницата во Бергамо нема пациенти со Ковид-19 во одделот за интензивна нега
Во болницата „Папата Јован“ во Бергамо, Италија, нема повеќе пациенти со коронавирус на одделот за интензивна нега, и тоа 137 дена по приемот на првиот пациент. Овој град, кој се наоѓа во Ломбардија, беше еден од најпогодените од пандемијата.
Веста ја објавија докторите, кои со победнички аплауз влегле во болницата, по што следувал едноминутен молк во чест на починатите од Ковид-19.
„Победата дојде“, рече Лука Лорини, директор на одделот за итни случаи во болницата.
Марија Беатрис Стаси, генерален директор на болницата, ја опиша глетката на одделот како момент на голема емоција.
„Денес, конечно, ги гледаме нашите лекари и медицински сестри облечени во нивните вообичаени униформи“, рекла таа за весникот „Ла Стампа“.
Одделот за интензивна нега во оваа болница беше на првата линија во борбата со коронавирусот справувајќи се со илјадници смртни случаи. Болничките капацитети беа преполни во екот на кризата.
Во Бергамо од вирусот починаа речиси 6.000 лица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Белгија издвојува девет милиони евра за украинската енергетска инфраструктура
Белгија ќе додели дополнителна помош од девет милиони евра за да придонесе за поправка на оштетената енергетска инфраструктура во Украина, најави белгиската министерка за развојна соработка, Каролин Генез.
„Преку ОН, Белгија ќе придонесе за поправка на енергетската инфраструктура околу градот Харков, кој сега секојдневно трпи бомбардирање од руската армија. Со воена поддршка, овие средства ќе помогнат да се изгради отпорноста на Украина“, рече министерот, пренесува RTBF.
Според неа, Белгија ќе одвои средства за поддршка на проекти во рамките на Програмата за развој на Обединетите нации, која е специјализирана за економски развој.
Свет
Генералното собрание на ОН го повика Советот за безбедност да ја прими Палестина за членка
Генералното собрание на Обединетите нации ги зајакна правата на Палестина во рамките на организацијата и повика таа да биде прифатена како членка, пренесува Би-Би-Си.
Палестина има статус на земја-набљудувач не-членка од 2012 година, што дозволува некои права помалку од полноправна членка.
За членството може да одлучува само Советот за безбедност на ОН.
САД неодамна ставија вето на кандидатурата за полноправно членство, но гласањето денска може да се смета како гест на поддршка за Палестинците.
Палестинскиот претседател Махмуд Абас ја поздрави резолуцијата, велејќи дека таа ги поддржува палестинските напори за уште едно гласање за ова прашање од страна на Советот за безбедност.
Свет
Шпанија, Ирска и Словенија ќе ја признаат Палестина на 21 мај
Шпанија, Ирска и Словенија планираат симболично да ја признаат Палестинската држава на 21 мај, изјави шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел.
Тој го потврди датумот во интервју за шпанското јавно радио, откако ирскиот јавен радиодифузен сервис РТЕ објави дека тоа е моментот кога сите три земји планирале да дејствуваат.
Словенечката влада вчера соопшти дека донела декрет за признавање на палестинска држава, што ќе биде внесен во нејзиниот парламент до средината на јуни.
Потоа, најверојатно ќе има повеќе нации што ќе го следат примерот бидејќи и Белгија одлучи да го стори тоа, додаде Борел.