Свет
(Видео) Продавачка добила отказ после 68 години стаж: заради работата не отишла на меден месец, купувачите во солзи се поздравуваат
Жена од Дорсет која 68 години работела во локална продавница за чевли неодамна добила отказ.
Џил Корник (82) почнала да работи во продавницата „Кларкс“ во англискиот град Бландфорд во далечната 1956 година кога имала само 14 години. Работела во иста продавница секој ден во следните 68 години.
Џил дури го одложила својот меден месец во 1969 година за да присуствува на обука за продажба, а кога нејзиниот син Џејсон се родил во 1975 година, го одгледала во продавницата.
Сепак, минатата недела, Џил беше отпуштена откако компанијата објави дека веднаш ќе ја затвори продавницата.
Многу клиенти дојдоа последниот работен ден да се збогуваат со Џил. Многумина донесоа цвеќиња и чоколади за да и се заблагодарат за долгогодишната услуга.
– Минатиот четврток ни беше кажано дека продавницата се затвора во понеделник. Тоа беше малку шок за сите нас. Почнав да работам во 1956 година и оттогаш сум во истата продавница. Се чувствувам добро и се надевав дека ќе работам уште неколку години пред да се пензионирам. Тоа е вистински срам – изјавила Џил.
Старите муштерии за малку ќе плачеа при разделбата.
– Многумина беа на работ на солзи. Меѓу клиентите имав четири генерации од исто семејство, на кои им помогнав да изберат чевли. Мислам дека сега ќе одморам и ќе одам повеќе на плажа. Не сакам да патувам некаде поради работа. Ќе работам за добротворна организација или нешто слично. Ја сакав мојата работа. Тоа беше мојот живот. Со години живеев над продавницата и го носев син ми горе – вели Џил.
Нејзината прва работа во Кларкс беше чистење на чизми во 1956 година. Во текот на својата долга кариера била менаџер и мајстор чевлар.
Џил, која е вдовица од 2016 година, вели дека поминала само неколку боледувања во седум децении работа и дека била на одмор три месеци во 2020 година за време на карантинот на Ковид.
Таа вели дека секогаш имала добар однос со своите клиенти и дека била „преоптоварена“ од пораките за поддршка што ги добивала од нив. Нејзиниот омилен дел од работата беше да им помага на децата да набават нови чевли за училиште.
– Наша искрена благодарност до сите членови на тимот на продавницата „Бландфорд Форум“ за нивниот придонес и посветеност во обезбедувањето извонредна услуга за клиентите. Посебна благодарност до Џил. Нејзините 68 години услуга и посветеност на нашите клиенти се многу ценети од сите во „Кларкс“. На Џил и посакуваме се најдобро – изјави портпаролот на компанијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Американците ќе го кренат во воздух мостот во кој удри огромниот брод
Американските власти во Балтимор планираат да изведат контролирана експлозија за отстранување на дел од урнатиот мост Френсис Скот Ки во кој удри огромниот контејнерски брод што предизвика уривање на мостот во март.
Експлозиите ќе го скршат носачот на мостот на помали делови, дозволувајќи им на спасувачките тимови да користат кранови за да ги извлечат искривените метални остатоци. После тоа, властите ќе го отстранат бродот од главниот канал и целосно ќе го отворат пристаништето.
Рано утрото на 26 март, бродот Дали изгубил струја и удрил во потпората на мостот. Еден дел од структурата на мостот паднал во реката, а голем дел завршил на бродот. Шест градежни работници го загубија животот.
Инцидентот го запре сообраќајот во пристаништето Балтимор, кое е на прво место во САД во неколку категории на товар, вклучувајќи автомобили и лесни камиони, земјоделски и градежни машини. Од несреќата, отворени се четири привремени канали, што овозможува да продолжи одреден сообраќај.
Целта е целосно да се врати пристапот до пристаништето до крајот на мај. Мериленд проценува дека обновата на мостот ќе чини од 1,7 до 1,9 милијарди долари, а се очекува работата да биде завршена до есента 2028 година.
Европа
Зеленски го разреши заменик шефот на надворешното разузнавање
Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска потпиша указ за разрешување на Андриј Алиексиенко, првиот заменик-шеф на украинската служба за надворешно разузнавање. Не беше наведена причина за неговото отпуштање. Тој беше заменет со Олех Луховски.
Украинската надворешна разузнавачка служба, позната по кратенката СЗРУ, собира разузнавачки информации за политичката, економската, воената, научната и техничката сфера и директно му поднесува на претседателот.
Зеленски го назначи Олех Ивашченко на чело на службата во март, откако нејзиниот претходен шеф, Олександр Литвиненко, беше избран да го замени Олексеј Данилов како секретар на Советот за национална безбедност и одбрана.
Европа
(Видео) Британскиот крал Чарлс му предаде висока воена титула на својот син Вилијам
Британскиот крал Чарлс му врачи висока воена титула на својот син принцот Вилијам на церемонија, одбележувајќи го нивното ретко појавување заедно додека монархот забрзано се враќа на јавните должности по дијагнозата.
Чарлс му ја врачи на Вилијам титулата командант на воздухопловните сили, функција што 75-годишниот монарх ја извршува 32 години, пред хеликоптер Апачи, што го набљудуваше персоналот во Музејот на воената авијација во јужна Англија.
„Тој е навистина добар пилот“, рече Чарлс за својот син, поранешен пилот на хеликоптер за пребарување и спасување на британското кралско воздухопловство.
Посетата е последниот ангажман на Чарлс откако се врати на работа кон крајот на април, речиси три месеци откако Бакингемската палата објави дека се лекува од неодреден тип на рак.
Вилијам (41) исто така паузираше неколку недели од службените обврски во март и април оваа година, избирајќи да помине време со својата сопруга и да се грижи за неа, откако таа откри дека оди на превентивна хемотерапија за рак.
Во петокот рече дека е добро.
На церемонијата на примопредавање, Чарлс рече дека „со тага“ се збогува, но дека Воздухопловниот корпус на Армијата ќе стане уште посилен под водство на неговиот син.
„Внимавајте на себе и не можам да ви кажам колку сум горд што бев поврзан со вас цело ова време“, рече Чарлс. Трансферот на титулата беше објавен минатиот август по доаѓањето на тронот на Чарлс.
Вилијам помина време со членовите на воздухопловните сили подоцна денес, гледајќи ја обуката, опремата и слушајќи ги војниците.