Свет
(Видео) Разоткриена бизарната пропаганда на Кремљ: Путин не присуствувал на литургијата
Според тврдењата на официјална Москва, рускиот претседател Владимир Путин синоќа се појавил на полноќната велигденска литургија во катедралата Христос Спасител во руската престолнина. Путин е виден сам или во друштво на московскиот градоначалник Сергеј Собјанин, одблиску, со свеќа во рацете, а Кремљ ја пренесе официјалната изјава на претседателот.
„ Овој голем празник ги обединува православните христијани, сите граѓани на Русија кои го слават Христовото воскресение, околу високите морални идеали и вредности, кај луѓето ги буди најсветлите чувства, вербата во триумфот на животот, добрината и правдата“ – посочи Путин.
? RUSSIAN PROPAGANDA FAKE: Easter on Russian State TV. Putin was too much of a coward to be present in the church during the actual event. Pre-recorded footage of him added in, and quite poorly. He is missing next to the painting of a crown on a red table on the wall. pic.twitter.com/udLKxKeuov
— Igor Sushko (@igorsushko) April 24, 2022
Сепак, на социјалните мрежи кружат видеа на кои се тврди дека го разоткриваат најновиот бизарен пропаганден трик на Кремљ. Според тие снимки, Путин или воопшто не бил на литургијата или стоел настрана за време на богослужбата, целосно изолиран од сите, на место оддалечено десетици метри од другите верници и што е најважно, далеку од местото каде што е прикажан во официјалното видео.
На првото, официјално видео на московските државни медиуми, Путин јасно се гледа на снимката од литургијата, но внимателно око ќе забележи дека секој пат е во кадар исклучиво или сам или во друштво на градоначалникот на Москва Сергеј Собјанин. Во еден момент Путин јасно може да се види како стои со свеќа во рацете, пред пиедестал со круна и се крсти.
Меѓутоа, во следниот кадар од официјалното видео, на кое се прикажува самата богослужба, додека камерата го снима патријархот Кирил како го извршува обредот, во позадина е местото каде што стои Путин во претходниот кадар – пред пиедесталот со круната – но рускиот претседател го нема никаде! Дури и Собјанин е на негово место од претходниот кадар, но од Путин нема ни трага ни глас.
И за крај, следува третото видео кое го прикажува просторот на целата црква и кое наводно целосно го разобличува заговорот на Кремљ! На него јасно се гледаат Путин и Собјанин како стојат на истите места каде што официјалниот Кремљ ги прикажал – пред пиедесталот со круната, а во еден момент јасно се гледа дека воопшто нема луѓе околу нив. Освен двајцата членови на обезбедувањето кои стојат на пристојна дистанца, во позадина се гледаат само луѓе кои или чекаат да започне литургијата или се назначени за статисти.
Ова не е првпат да се појават теории на заговор за контактите на Путин со луѓето. Од почетокот на пандемијата, имаше неколку извештаи дека рускиот претседател е целосно изолиран во својата резиденција од сите негови соработници, дека на секој контакт со него му претходат детални проверки и недели карантин, а секоја средба со Путин се одржува исклучиво со видео повик. За време на неговите ретки јавни настапи, Путин често беше виден во жолт заштитен костим кој повеќе потсетува на опрема за космонаути, а теориите на заговор кулминираа кога беа прикажани снимки од средбите на Путин со соработниците, седејќи сам, далеку од сите, на голема, долга маса. Потоа се појави веста дека Путин е во параноичен страв од короната, а од почетокот на инвазијата на Украина на тој страв, наводно, додал и фобија од труење.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Москва му одговори на Макрон: Разговори – да, но со љубезни и пристојни луѓе
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека Владимир Путин е подготвен за разговори, но само со „љубезни и пристојни луѓе“, одговарајќи на изјавите на францускиот претседател за потребата од дијалог со Москва.
„Нашиот претседател повеќепати истакнуваше дека секогаш е отворен за контакт, но со разбирање дека тоа ќе бидат љубезни луѓе со одредено основно ниво на пристојност“, изјави Лавров, потсетувајќи на острите изјави на Емануел Макрон, кој претходно ја нарече Русија, а лично и Путин, „единствениот злосторник“ во сегашниот конфликт.
Лавров претходно изјави и дека лидерите на Европската Унија се однесуваат непристојно, обидувајќи се да им диктираат на Кина и Индија дали треба да одржуваат контакти со Русија. Тој нагласи дека Москва го почитува правото на сите држави самостојно да ги одредуваат своите партнери, што, како што рече, е целосно во согласност со принципите на суверена еднаквост од Повелбата на Обединетите нации.
Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека дошло време тој и европските лидери повторно да воспостават дијалог со рускиот претседател Владимир Путин, пишува весникот „Фигаро“.
Фото: Depositphotos
Свет
Зеленски во Варшава: ЕУ донесе клучна одлука за поддршка на Украина
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, во Варшава истакна дека Европската Унија донела клучна одлука за финансиска помош за Украина, и покрај обидите на Русија да ја осуети.
„Русија направи сè за да ја осуети одлуката на лидерите на ЕУ за финансиските потреби на Украина, но во тоа не успеа“, изјави Зеленски.
На заедничката прес-конференција со полскиот премиер Доналд Туск, тој нагласи дека Полска има големи заслуги за позитивната одлука на Европската Унија и дека украинскиот народ ѝ е благодарен на полската држава.
„Одлуката што ја донесоа европските лидери сега е најважна. Секако, Русија навистина сакаше да го наруши, откаже или одложи овој состанок. Европа покажа лидерство по ова прашање, што е исклучително важно, заземајќи цврст и решителен став. Ви благодарам што нè поддржувате и што продолжувате да нè поддржувате“, рече Зеленски, обраќајќи му се на Туск.
Како што истакна украинскиот лидер, Полска секогаш била на страната на Украина кога се избирало меѓу исправни и погрешни одлуки.
„Би сакал да ја искористам оваа можност да му се заблагодарам на полскиот народ за значајната поддршка што ѝ ја даде на Украина од самиот почеток на оваа војна. Сметавме на вашата помош и и понатаму сметаме на неа“, нагласи Зеленски.
Тој додаде дека, и покрај одредени тешкотии, особено поради историскиот контекст на билатералните односи, Украинците и Полјаците мора да се разбираат меѓусебно.
„И ние тоа го правиме и ќе се разбираме уште подобро отколку што се разбираме во денешните односи“, истакна Зеленски.
Сумирајќи ја посетата на Варшава, украинскиот претседател ги оцени како многу важни средбите со својот полски колега Карол Навроцки и со претставници на полскиот парламент. Според него, „најстрашното за Русија е тоа што двете земји стојат заедно“.
„Кога нашите земји се заедно, нема да можат да нè победат. Имаме многу добри односи и одлуки. Ставот што Полска го покажа во контекст на Украина е исклучително важен и дополнително го зајакнува нашето пријателство“, нагласи Зеленски.
По разговорите со Навроцки, Зеленски изјави дека денешната посета на Полска ќе отвори нова страница во односите меѓу двете земји.
Свет
Рубио: САД ништо не наметнуваат, не можеме да ги принудиме ниту Киев ниту Москва на договор
Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека во мировните преговори за Украина не се наметнува договор и дека и Киев и Москва мора самите да сакаат да постигнат спогодба.
„На крајот, на нив е да постигнат договор. Не можеме да ја принудиме Украина, ниту Русија. Тие тоа мора да го сакаат“, рече Рубио, додавајќи дека има напредок, но дека остануваат тешки прашања.
Украинските преговарачи во петок започнуваат нова рунда разговори со американскиот тим, а претставници на Белата куќа планираат разговори и со руската делегација во Мајами. Рубио најави дека би можел да се приклучи на дел од тие разговори.
Осврнувајќи се на Блискиот Исток, Рубио предупреди дека „нема да има мир во Газа без разоружување на Хамас“, нагласувајќи дека стабилен мир не е можен доколку Хамас остане во позиција да го загрозува Израел.
Depositphotos

