Свет
(Видео) Русија и Украина разменија воени заробеници

Русија и Украина денес разменија 205 воени заробеници, соопшти руското Министерство за одбрана.
Во соопштението се вели дека разменетите руски војници моментално се подложени на психолошка и медицинска евалуација во Белорусија, пред да бидат префрлени во Русија на понатамошен третман и рехабилитација.
Ukraine and Russia have conducted a prisoner exchange involving 410 soldiers — 205 from each side — the latest in a series of swaps resulting from their ongoing war. pic.twitter.com/VThBvhGg65
— Radio Free Europe/Radio Liberty (@RFERL) May 6, 2025
„На 6 мај, како резултат на преговарачкиот процес, 205 руски војници беа вратени од територијата под контрола на режимот во Киев. Во замена, беа предадени 205 воени заробеници од вооружените сили на Украина“, објави министерството. Министерството ги пофали посредничките напори на Обединетите Арапски Емирати во реализацијата на размената и изрази благодарност за хуманитарната поддршка.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски го потврди враќањето на украинскиот персонал, истакнувајќи дека групата вклучува припадници на различни гранки на војската, вклучувајќи ги и бранителите на Мариупол.
Зеленски изјави дека ослободените војници биле притворени на повеќе локации низ Русија и им се заблагодари на сите вклучени во преговорите, вклучително и на ОАЕ, за нивната улога како посредници.
Тој ја повтори посветеноста на Киев да обезбеди враќање на сите притворени Украинци. Оваа размена следува по претходната, одржана на 19 април, кога Русија и Украина ја извршија најголемата размена на затвореници од почетокот на конфликтот, ослободувајќи по 246 лица.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Црн чад излезе од оџакот на Систинската капела, новиот папа се’ уште не е избран

Над Систинската капела вечерва се појави црн чад, што значи дека при првото гласање на кардиналите на конклавата не беше избран нов папа, наследник на папата Франциско кој почина на 21 април.
Црниот чад не е изненадување бидејќи папата со векови не е избран во првиот круг. Во наредните денови кардиналите можат да гласаат четири пати на ден, двапати наутро и двапати попладне.
Најдобри изгледи за избор на оваа конклава, според аналитичарите имаат италијанскиот кардинал Пјетро Паролин и Филипинецот Луис Антонио Тагле.
Кардиналите сега ќе се вратат во резиденцијата Санта Марта, каде што ќе останат во изолација до утре, кога почнува вториот ден од гласањето.
Свет
Украина има нов моќен дрон

Украина претстави еден од своите најнови и најмоќни ударни беспилотни летала, UAC FP-1, кој може да лета до 1.600 километри и да носи боева глава тешка дури 113 килограми. Ова го прави значително помоќен од претходниот модел PD-1, произведен пред неколку години, кој има домет до 1.000 километри и кој веројатно носи многу полесен товар, пишува Форбс.
Компанијата UAC, заеднички украинско-чешки проект, вложи многу напор за подобрување на деталите за FP-1 да има поголем домет и носивост. Најголемата разлика во споредба со постарите дронови е тоа што нема подвозје. За разлика од PD-1, кој полетува на тркала, FP-1 се лансира од рампа под агол, користејќи ракетен потисок од трупот.
Дронот беше официјално претставен во јавноста за прв пат на неодамнешниот саем во Киев, но се произведува од минатата година и веќе се користи во борба.
Украина се повеќе се потпира на сопствените ударни беспилотни летала, кои редовно напаѓаат цели како што се воздушните бази и рафинерии длабоко во руската територија.
FP-1 се проценува на повеќе од 100.000 долари.
Свет
Пакистанскиот премиер жестоко и се закани на Индија

Пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф и се обрати на нацијата откако Индија изврши воздушни напади врз цели во Пакистан и Кашмир под пакистанска управа. Во своето обраќање тој остро ги осуди нападите, нарекувајќи ги „кукавички“ и рече дека Пакистан покажал дека знае и може да се брани.
Шариф рече дека во рок од еден час од нападот на линијата на контрола, која ја формира де факто границата меѓу Индија и Пакистан, имало „континуирани борби“ во кои пакистанската армија, како што рече, покажала храброст.
„Тие ги уништија авионите на нашите напаѓачи и непријатели“, рече тој, повторно осврнувајќи се на тврдењата на пакистанската војска дека соборила индиски борбени авиони – што индиските власти досега не ги коментираа.
Премиерот изјави и дека Пакистан го дал својот прв одговор на Индија, нагласувајќи дека Индија ги почнала нападите, но дека Пакистан покажал дека знае да се бори за својата земја.
Во продолжение на својот говор, Шариф откри дека во индиските напади загинале 26 лица, а 46 други, меѓу кои жени и деца, биле повредени. Меѓу загинатите, како што рече, има и седумгодишно момче кое во моментот на нападот било дома со мајка си и брат му.
„Ставете ја раката на срцето“, рече премиерот. „Ви ветувам дека ќе се одмаздиме за секоја капка крв на овие жртви“.