Свет
Властите ги повикаа Австралијците да избегнуваат јавен превоз за време на голем метеж во сообраќајот
Австралиските власти ги повикаа Австралијците во најнаселената австралиска држава, кои ја почнаа својата прва недела на целосно ослободување на рестриктивните мерки наметнати поради коронавирусот, да избегнуваат јавен превоз кога се враќаат од работа бидејќи тогаш има најголем метеж во сообраќајот.
Премиерката на Нов Јужен Велс, Гледис Береџиклијан, изјави дека луѓето треба да патуваат до и од работа во моменти кога нема голем сообраќај и дека треба да користат што е можно повеќе велосипеди или свои возила за да го избегнат сообраќајниот метеж.
Австралиските држави и територии дозволија повеќе јавни активности според планот на федералната влада, која повика на трифазно олеснување на рестриктивните мерки по двомесечното затворање на земјата, што ѝ помогна на Австралија да забележи релативно ниско присуство на пандемија на Ковид-19.
Нов Јужен Велс, во кој е и најнаселениот австралиски град Сиднеј, во последните 24 часа пријави само еден случај на инфекција. Пријавен е и еден случај на смрт, првиот во една недела, 99 луѓе заразени со коронавирус починале во целата земја, а вкупно заразени се 7.060 лица.
„Обично ги охрабруваме луѓето да користат јавен превоз, но со оглед на ограничувањата за време на најголемиот сообраќаен метеж и потребата да се почитува физичкото растојание, би сакале луѓето да размислат за алтернативни начини на одење на работа“, рече премиерката.
Поради луѓето што сè уште се принудени да користат возови и автобуси, владата најави интензивно и континуирано чистење на целата мрежа за јавен превоз.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Белгија издвојува девет милиони евра за украинската енергетска инфраструктура
Белгија ќе додели дополнителна помош од девет милиони евра за да придонесе за поправка на оштетената енергетска инфраструктура во Украина, најави белгиската министерка за развојна соработка, Каролин Генез.
„Преку ОН, Белгија ќе придонесе за поправка на енергетската инфраструктура околу градот Харков, кој сега секојдневно трпи бомбардирање од руската армија. Со воена поддршка, овие средства ќе помогнат да се изгради отпорноста на Украина“, рече министерот, пренесува RTBF.
Според неа, Белгија ќе одвои средства за поддршка на проекти во рамките на Програмата за развој на Обединетите нации, која е специјализирана за економски развој.
Свет
Генералното собрание на ОН го повика Советот за безбедност да ја прими Палестина за членка
Генералното собрание на Обединетите нации ги зајакна правата на Палестина во рамките на организацијата и повика таа да биде прифатена како членка, пренесува Би-Би-Си.
Палестина има статус на земја-набљудувач не-членка од 2012 година, што дозволува некои права помалку од полноправна членка.
За членството може да одлучува само Советот за безбедност на ОН.
САД неодамна ставија вето на кандидатурата за полноправно членство, но гласањето денска може да се смета како гест на поддршка за Палестинците.
Палестинскиот претседател Махмуд Абас ја поздрави резолуцијата, велејќи дека таа ги поддржува палестинските напори за уште едно гласање за ова прашање од страна на Советот за безбедност.
Свет
Шпанија, Ирска и Словенија ќе ја признаат Палестина на 21 мај
Шпанија, Ирска и Словенија планираат симболично да ја признаат Палестинската држава на 21 мај, изјави шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел.
Тој го потврди датумот во интервју за шпанското јавно радио, откако ирскиот јавен радиодифузен сервис РТЕ објави дека тоа е моментот кога сите три земји планирале да дејствуваат.
Словенечката влада вчера соопшти дека донела декрет за признавање на палестинска држава, што ќе биде внесен во нејзиниот парламент до средината на јуни.
Потоа, најверојатно ќе има повеќе нации што ќе го следат примерот бидејќи и Белгија одлучи да го стори тоа, додаде Борел.