Свет
Договорот за минерали меѓу САД и Украина повторно е пред колапс, дознава „Фајненшл тајмс“

Соединетите Американски Држави и Украина во последен момент наидоа на блокада на патот, бидејќи беа на работ да потпишат договор за минерали. Вашингтон побарал Киев истовремено да потпише рамковен договор и детален документ за основање инвестициски фонд, дознава Фајненшл тајмс, повикувајќи се на извори.
Како што е наведено, Киев и Вашингтон се договорија за создавање на инвестициски фонд за развој на украинскиот рударски и енергетски сектор.
Додека украинската делегација е на пат за Вашингтон, САД инсистираат Украина да го потпише не само рамковниот договор, туку и деталниот договор за фондот.
Сепак, вицепремиерката и министерка за економија Јулија Свириденко вели дека вториот документ мора да биде ратификуван од Врховниот совет пред да биде потпишан. Затоа се уште нема конечен договор меѓу државите, пишува ФТ.
Тоа дојде откако Киев обезбеди значајна отстапка од администрацијата на Трамп, според која само идната воена помош ќе се смета како придонес на САД во договорот.
Тимот на американскиот министер за финансии Скот Бесент и кажал на Свириденко дека таа треба „да биде подготвена да ги потпише сите договори или да се врати дома“.
Според ФТ, извор запознаен со американската позиција денеска изјавил дека преговорите не се завршени бидејќи Украина се обидела повторно да преговара за условите договорени во текот на викендот.
Според изворот, високи американски функционери стравуваат дека тоа би можело да ја намали транспарентноста и одговорноста, но договорот сепак би можел да биде потпишан денеска доколку Украина се врати на првобитните услови.
„Претседателот Трамп рече дека времето е сега и ние се движиме кон таа цел со сета потребна брзина. Соединетите Американски Држави се посветени на брзо склучување на овој важен договор и обезбедување траен мир во Украина“, рече портпаролот на американското Министерство за финансии.
Еден украински функционер вклучен во преговорите изразил разочарување од активностите на САД, велејќи дека стравуваат дека „ништо нема да биде доволно добро за нив“. Подготвени сме денеска да го потпишеме рамковниот договор“, рече функционерот и додаде дека шансите за тоа се „пола-пола“.
„Веруваме дека тимовите завршија добра работа и дека договорот е многу подобар за двете земји“, изјави друг украински функционер запознаен со преговорите, пренесе ФТ.
Премиерот на Украина Денис Шмихал по средбата со министерот за финансии на САД, Скот Бесант, изјави дека договорот меѓу Украина и САД за минерали нема да ја вклучува американската помош дадена за Украина пред потпишувањето.
Во петокот, на 25 април, американскиот претседател Доналд Трамп рече дека Украина треба „веднаш да потпише“ договор за ретки метали со САД.
Една недела претходно, на 17 април, Украина и Соединетите Американски Држави потпишаа меморандум како прв чекор кон постигнување договор за проширување на економската соработка, вклучувајќи го и развојот на минералните суровини во Украина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Претседателот Вучиќ го хоспитализирале поради висок притисок и болка во градите

Кардиологот, бригадниот генерал Драган Динчиќ, кој, според него, долги години учествува во лекувањето на српскиот претседател Александар Вучиќ и неговиот претходник Борис Тадиќ, изјави дека Вучиќ ненадејно се вратил од САД бидејќи почувствувал силна болка во градите која траела неколку секунди, како што рекол самиот Вучиќ.
Меѓутоа, како што рекле другите присутни во тој момент, според Динчиќ, таа болка траела нешто подолго. Според Динчиќ, болката е поврзана со високиот крвен притисок на Вучиќ, кој 45 минути по земањето на терапијата изнесувал 165/98.
Кардиологот Динчиќ оценил дека притисокот пред терапијата веројатно бил многу поголем.
Наведе и дека во последните повеќе од 10 години, во три наврати, Вучиќ имал слични заболувања кои најчесто се поврзани со екстремно високи вредности на крвниот притисок.
Претседателот си ја зеде дополнителната терапија, која беше доста интензивна, а по 45 минути, кога пристигна тимот лекари од САД, измерените вредности на крвниот притисок беа 165/98, што јасно покажува дека притисокот пред да се земе терапијата бил значително поголем отколку во моментот на мерењето. При прегледот во ВМА каде што пристигна денеска околу 13 часот, немаше проблеми и се чувствуваше добро – изјави Динчиќ.
Тој рече и дека по потребните прегледи и анализи, Конзилиумот на лекари на ВМА констатирал дека моменталната здравствена состојба на Вучиќ е стабилна и задоволителна.
Регион
Сериозно е нарушена здравствената состојба на Александар Вучиќ

Александар Вучиќ ја откажа планираната посета на САД поради влошување на здравствената состојба и побара медицинска помош веднаш по враќањето во Белград, објави претседателката на српскиот Парламент, Ана Брнабиќ.
Таа изјави дека здравствената состојба на шефот на државата Александар Вучиќ, кој го прекина престојот во Флорида и попладнево се врати во Белград, е сериозно нарушена.
Вучиќ бил примен на Военомедицинската академија, каде што го пречекале министерот за здравство Златибор Лончар и Драган Динчиќ, поранешен лекар на поранешниот претседател на Србија Борис Тадиќ, објави „Блиц“.
Ана Брнабиќ изјави дека била планирана средба меѓу Вучиќ и американскиот претседател Доналд Трамп на Флорида.
Регион
Вучиќ е префрлен во Военомедицинската академија во Белград, се испитува од што му се слошило

Српскиот претседател Александар Вучиќ пристигна во Белград, а веднаш од аеродромот беше префрлен во Военомедицинската академија (ВМА) во Белград, пренесуваат неофицијално српските медиуми.
Претседателот беше пречекан на ВМА од министерот за здравство Златибор Лончар.
На претседателот на Србија ненадејно му се слошило за време на посетата на САД, по што побара медицинска помош и по прегледот одлучи да се врати во Србија. Поради ова, претседателот на Србија не се појави на главните настани за кои дојде во САД.
Според информациите на Танјуг, на Вучиќ му се слошило во раните попладневни часови по локално време. Во тој момент, во просторијата со претседателот Вучиќ, подготвувајќи се за состаноците, биле министерот за финансии Синиша Мали и советничката за медиуми Сузана Васиљевиќ.
Канцеларијата на претседателот Вучиќ ќе ја информира јавноста за што точно станува збор во наредните денови.