Свет
Зеленски го прими претставникот на Трамп

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски денес во Киев разговараше со специјалниот претставник на САД за Украина, Кит Келог, за зајакнување на украинската воздушна одбрана и купување оружје со европска помош.
Средбата се одржа еден ден откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека ќе испрати противракетни системи „Патриот“ во Украина и пред очекуваното објавување на нов план за вооружување на САД за Киев.
„Разговаравме за патот кон мирот и што практично можеме да направиме заедно за да го приближиме. Ова вклучува зајакнување на украинската воздушна одбрана, заедничко производство и набавка на одбранбено оружје во соработка со Европа“, објави Зеленски на „Икс“. „И секако, санкции против Русија и оние кои ѝ помагаат“.
Трамп, кој го започна својот втор мандат во Белата куќа со поблаг пристап кон Русија, во последните недели стави до знаење дека е разочаран од рускиот претседател Владимир Путин затоа што ги интензивира воздушните напади врз Украина.
Недолго по состанокот, во Киев беше прогласена воздушна тревога.
Американскиот претседател Доналд Трамп неодамна најави испраќање „многу софистицирана“ воена опрема во Украина. Како што објави американскиот портал Аксиос, веројатно е дека на Украина ќе ѝ биде испратено не само одбранбено оружје како што е системот Патриот, туку и офанзивно оружје, вклучително и ракети со долг дострел со кои Украинците ќе можат да напаѓаат цели во Москва.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Трамп заврши на лекар: портпаролката ги открива причините

Претседателот на САД, Доналд Трамп, бил на лекар поради оток на нозете и модринки на рацете, изјави во четврток портпаролката на Белата куќа, Каролина Ливит.
Повикувајќи се на писмо од лекарот на Трамп, Каролина Ливит им изјави на новинарите дека Доналд Трамп имал тестови и ултразвук на нозете кои покажале „хронична венска инсуфициенција, честа состојба, особено кај оние над 70 години“.
„Покрај тоа, неодамнешните фотографии од претседателот покажаа мали модринки на неговата рака“, рече таа.
„Ова е во согласност со мала иритација на мекото ткиво од честото држење за раце и употребата на аспирин, кој го зема како дел од стандардниот режим за кардиоваскуларна превенција“, додаде таа.
Свет
Мерц потврдува: „Патриот“ многу наскоро доаѓа во Украина

Гermanskiot канцелар Фридрих Мерц изјави дека Украина ќе добие нови системи со долг дострел, вклучувајќи ракетни системи „Патриот“, „многу наскоро“, откако американскиот претседател Доналд Трамп се согласи со НАТО да ја зголеми воената помош за Киев.
„На Украина ѝ се потребни системи за длабок удар за подобро да се одбрани и многу наскоро ќе добие дополнителна поддршка во овој поглед“, рече Мерц на прес-конференција во Обединетото Кралство, пренесува „Политико“.
Мерц додаде дека системите би можеле да станат оперативни на украинска територија за неколку недели. Неговите коментари доаѓаат откако Трамп во понеделникот објави дека некои американски одбранбени системи „Патриот“ ќе пристигнат „за неколку дена“, иако некои експерти изразија сомнежи за тоа колку брзо всушност би се случил трансферот.
Генералот Алексус Гринкевич, командант на Сојузничката воздушна команда на НАТО, изјави дека „подготовките се во тек“ и дека алијансата „тесно соработува со Германците за трансфер на „Патриот“.
Мерц пристигна во Обединетото Кралство со британскиот премиер Кир Стармер, каде двајцата лидери потпишаа договор за пријателство и продлабочување на соработката во областа на одбраната и безбедноста. Мерц прецизираше дека министрите за одбрана веќе преговараат за логистиката за испраќање оружје во Украина, како дел од планот на Трамп според кој европските земји прво ќе испорачаат оружје, а потоа ќе купат замена од Соединетите Американски Држави.
Стармер рече дека е „апсолутно јасно дека Трамп сака Путин да биде запрен“ и дека „тој сега ја поткрепува својата политичка порака со конкретна воена помош“.
Двајцата лидери ја нагласија потребата од дополнителен економски притисок врз Русија. Мерц го повика Трамп да го поддржи пакетот санкции предложен од американскиот сенатор Линдзи Греам.
Свет
Јапонија: Светскиот поредок е под сериозна закана, Кина, Русија и Северна Кореја се најсериозните безбедносни закани

Јапонскиот министер за одбрана, Ген Накатани, изјави дека земјата се соочува со најсериозната и најсложена безбедносна ситуација од Втората светска војна во контекст на зголемената воена активност во регионот од страна на три потенцијални противници во Источна Азија – Кина, Русија и Северна Кореја.
„Сегашниот светски поредок е под сериозна закана, а Јапонија е во најсериозната и најсложена безбедносна ситуација во повоениот период. Воените активности на Кина претставуваат невиден и голем стратешки предизвик за Јапонија“, наведе тој во годишниот извештај на Министерството за одбрана, објавува „Евроазија дејли“.
Според него, Пекинг „брзо ги проширува своите воени капацитети во однос на квалитетот и квантитетот“, а во исто време ги „интензивира“ своите активности во регионот, вклучувајќи ги и островите Сенкаку, архипелаг во Источнокинеското Море кој е под администрација на Токио, но кој Пекинг ги нарекува острови Џиаоју, објавува Танјуг.
Документот, исто така, укажува на соперништвото меѓу Кина и САД, најважниот сојузник на Јапонија.
„Глобалната рамнотежа на моќ радикално се менува, а конкуренцијата меѓу државите продолжува. Особено, меѓудржавната конкуренција меѓу САД и Кина веројатно дополнително ќе се засили во иднина“, се забележува во документот.