Свет
Зеленски до Трамп: Покажете јасен став и сопрете го Путин

Украинскиот претседател Володимир Зеленски го повика Доналд Трамп да заземе „јасна позиција“ за да го запре Владимир Путин и да ја заврши војната во Украина. Во ексклузивно интервју за „Скај њуз“ од Претседателската палата во Киев, Зеленски рече дека единствениот начин да се стави крај на конфликтот лежи во дефинирани безбедносни гаранции, за кои, вели тој, е потребна храброста на Трамп, објави Скај њуз.
Зеленски изрази надеж дека британскиот премиер Кир Стармер ќе ја објасни иднината на Украина за време на државната посета на американскиот претседател на Велика Британија оваа недела. „Навистина се надевам дека тој (Стармер) ќе може да има многу специфична дискусија за безбедносните гаранции на САД за Украина“, рече тој.
„Пред да ја завршиме војната, навистина сакам сите договори да бидат во сила. Сакам да имаме документ што е поддржан од Соединетите Американски Држави и сите европски партнери. Ова е многу важно“, нагласи украинскиот лидер, додавајќи: „За да се случи ова, ни треба јасна позиција од претседателот Трамп“.
Украинскиот претседател, исто така, го повика американскиот лидер да преземе „силни лични чекори“ за да го „запре Путин“. Неговиот апел доаѓа откако Трамп ги повика сојузниците во НАТО да престанат да купуваат руска нафта и воведе царини за Кина за да извршат притисок врз Москва.
„Верувам дека Соединетите Држави се доволно силни за да донесат свои одлуки“, рече Зеленски. „Верувам дека Доналд Трамп може да ни даде системи за воздушна одбрана во доволни количини, а Соединетите Американски Држави имаат доволно од нив“.
Тој додаде дека е уверен дека Вашингтон може да воведе санкции што ќе ѝ наштетат на руската економија. „Сигурен сум дека САД можат да применат доволно санкции за да ѝ наштетат на руската економија, плус Доналд Трамп има доволно моќ да го натера Путин да се исплаши од него“, рече тој, потсетувајќи дека Европа веќе воведе 18 пакети санкции. „Се што недостасува сега е силен пакет санкции од САД“.
Зеленски, исто така, ги даде своите коментари во контекст на неодамнешниот самит меѓу Трамп и Путин во Алјаска. Тој рече дека Трамп „му дал многу на Путин“ и „требало да плати повеќе“ за состанокот.
„Верувам дека доколку беше трилатерален состанок [со вклучена Украина], ќе имавме некаков резултат“, додаде тој.
По веста дека британските борбени авиони пресретнале руски дрон над Полска, Зеленски предупреди дека Путин ја тестира силата на Северноатлантскиот договор. „Тој го тестира НАТО“, рече тој. „Тој сака да види за што е подготвено НАТО, за што се способни, дипломатски и политички, и како локалното население ќе реагира на тоа“.
Според него, Москва испраќа уште една порака: „Не се осмелувајте да ѝ дадете на Украина дополнителни системи за воздушна одбрана, бидејќи можеби ќе ви бидат потребни и вам“.
Фото: принтскрин
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
„Политико“: ЕУ го одложува воведувањето на 19 пакет санкции против Русија

Европската комисија (ЕК) нема да воведе нов пакет санкции против Русија во среда, како што се очекуваше, објавувањето е одложено на неодредено време, објавува „Политико“, повикувајќи се на европски дипломат и функционер на една од земјите на блокот.
Според нив, објавувањето на 19 пакет санкции „веќе не се очекува во среда“, а ЕК не прецизирала нови можни датуми за официјално презентирање на новите санкции, според бриселскиот портал.
„Политико“ пишува дека одложувањето е последица на поместувањето на фокусот на ЕУ од воведување нови санкции против Русија кон вршење притисок врз Словачка и Унгарија за „намалување на нивната зависност од руската нафта“, објавува Танјуг.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека е подготвен да воведе строги санкции против Русија доколку сите членки на Северноатлантската алијанса дејствуваат заедно и престанат да купуваат руска нафта.
Тој истакна дека фактот што некои сојузници на НАТО континуирано увезуваат енергетски ресурси од Русија „ја ослабува преговарачката позиција на алијансата“.
Свет
Велика Британија испраќа „Tајфуни“ во Полска

Велика Британија ќе распореди ловци „Еурофајтер Тајфун“ за патролирање на полскиот воздушен простор, откако Варшава ја обвини Русија за масовни кршења на границите со беспилотни летала, објави во понеделникot британскиот премиер Кир Стармер.
Во наредните денови, овие авиони ќе им се придружат на француските „Рафали“, германските „Еурофајтер“ и данските Ф-16, како дел од операцијата на НАТО „Источен стражар“, објави британската влада. Патролите ќе полетаат од базата Конингсби во источниот дел на Англија, поддржани од танкерот „Војаџер“ за полнење гориво во воздух, а нивната задача е да ги следат наводните закани од воздухопловството од Русија, вклучително и беспилотните летала.
„Овие авиони не се само демонстрација на сила, туку и клучен фактор во одвраќањето на агресијата, обезбедувањето на воздушниот простор на НАТО и заштитата на националната безбедност, како и безбедноста на сојузниците“, рече Стармер, обвинувајќи ја Русија за неодговорно однесување на источното крило на Алијансата.
Чешката Република веќе испрати три хеликоптери во Полска, додека Шпанија, Италија и Шведска ветија дополнителна поддршка. Полската војска тврди дека најмалку 19 руски беспилотни летала влегле во нејзиниот воздушен простор на 9 септември, но Москва го негира ова. Според Ројтерс, полски воен извор вели дека беспилотните летала се користат за совладување на украинската воздушна одбрана.
Рускиот претставник во ОН, Василиј Небензја, минатата недела во Советот за безбедност ги оцени овие обвинувања како неосновани.
Во вторник, Русија и Белорусија ќе ја завршат заедничката воена вежба „Запад 2025“, во која учествуваат околу 13.000 војници. Москва и Минск ги отфрлаат западните тврдења дека ова е проба за инвазија, оценувајќи ги како хистерија.
Минатиот месец, Полска ги започна своите маневри „Железен бранител 25“, во кои учествуваат околу 30.000 војници, вклучувајќи ги и силите на другите членки на НАТО.
Фото: принтскрин
Свет
Рубио: Трамп е единствениот лидер кој може да разговара со Русија, Украина и Европа

Американскиот претседател Доналд Трамп би можел да се сретне со украинскиот лидер Володимир Зеленски следната недела во Њујорк, објави американскиот државен секретар Марко Рубио.
Според американските медиуми, Рубио нагласил дека Трамп е „единствениот лидер во светот“ кој има капацитет да разговара со Украина и Европа, како и со Русија. Тој додаде дека американскиот претседател ќе продолжи со своите напори за наоѓање решение за украинскиот конфликт.
Во исто време, дипломатските контакти меѓу Москва и Вашингтон продолжуваат на различни нивоа.
Заменик-министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Рјабков претходно изјави дека двете страни ќе се обидат да организираат уште еден состанок до крајот на есента за да разговараат за отворените и спорни прашања во билатералните односи.
Фото: принтскрин