Свет
Келог: Русија нема да ја добие војната

Украинската и американската страна составија список на услови за прекин на војната, кој вклучува 22 многу специфични дејства, изјави специјалниот претставник на американскиот претседател Доналд Трамп за Украина, Кит Келог.
„На Украинците не им се допаднаа сите услови, но никому нема да му се допадне конечниот став што ќе го заземете. Тоа е во ред кога имате преговори. Но, ние сме во прилично добра позиција со нив“, изјави Келог за „Фокс њуз“.
Одговарајќи на изјавата на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров дека Русија ќе ја добие војната против Украина, Келог рече дека тоа не одговара на реалноста.
„Руската Федерација нема да ја добие оваа војна. Русија не постигна никаков напредок во последната една и пол година. Тие изгубија стотици илјади војници, напредуваат во метри, а не во километри. А Украинците се борат жестоко на своја почва. Значи, кога Руската Федерација вели дека победува, тоа не е така“, рече Келог.
Тој оцени дека Русија треба да ја признае промената на околностите, односно дека Украина, според него, добро се држи, дека европските партнери зајакнуваат и формираат нови сили без помош на САД.
„Тие сега се подготвени да ја засилат поддршката за Украина доколку е потребно“, верува Келог.
Како што изјави тој, војната нема да заврши воено, туку само по дипломатски пат.
„Украинците сега добро го разбираат ова, а и Русите треба да го разберат“, рече тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Черевко: Луѓето во Газа меѓусебно се убиваат, немаат вода

Борбите избувнуваат во Газа бидејќи резервите храна речиси се потрошени, изјави денес официјален претставник на Обединетите нации, а целосната блокада на резервите на Газа од страна на Израел трае веќе 60 дена. Од 2 март Израел целосно ги прекина снабдувањата за 2,3 милиона жители на Појасот Газа, а резервите храна складирани за време на прекинот на огнот на почетокот на годината речиси исчезнаа.
Тоа е најдолгата блокада со која се соочил Појасот Газа досега. Палестинските жители и претставниците на хуманитарните организации изјавија дека завчера во енклавата се случиле најмалку пет грабежи. Олга Черевко, хуманитарен работник во хуманитарната канцеларија на ОН (OCHA) во Газа, изјави дека насилството во заедницата во врска со снабдувањето се интензивирало.
Таа им изјави на новинарите дека денес била сведок на една таква борба. „Резервите се намалуваат додека беснее војната, резервите храна сега во голема мера се исчезнати“, изјави таа на прес-конференција во Женева преку видеоврска. „Пристапот до вода стана невозможен. Всушност, додека ви зборувам, токму овде долу, пред оваа зграда, луѓето се борат за вода. Камион за вода штотуку пристигна и луѓето се убиваат меѓусебно за вода“, рече таа.
Некои хуманитарни групи велат дека веќе им снемало резерви храна во изминатата недела и дека народните кујни се во опасност од затворање. Црвениот крст соопшти дека хуманитарниот одговор во Газа е на работ на целосен колапс.
Израел претходно негира дека Газа се соочува со криза со глад и тврдеше дека сè уште има доволно помош за да го издржи населението. Черевко рече дека гладните луѓе пребаруваат во купиштата ѓубре барајќи нешто што би им помогнало да преживеат. „Гледам деца и гледам постари луѓе како пребаруваат во овие купишта ѓубре не само барајќи нешто за горење туку и нешто за јадење секој ден“, рече таа.
Свет
Америка се повлекува од мировните преговори меѓу Русија и Украина

САД повеќе нема да посредуваат во мировните преговори меѓу Украина и Русија откога Владимир Путин одби да се согласи на прекин на огнот, објави американскиот Стејт департмент.
Стејт департментот соопшти дека ја менува методологијата на својот придонес во преговорите и дека повеќе нема да „лета во светот на секој повик поради одржување мировни состаноци“, објави „Телеграф“.
„Секако, ние остануваме посветени на помагањето и ќе направиме сè што можеме. Но, она што се промени е тоа што повеќе нема да летаме на половина пат околу светот кога некој ќе нè повика да посредуваме на состаноци. Сега тоа е прашање меѓу двете страни. И сега е време тие да презентираат и да развијат конкретни идеи за тоа како ќе заврши овој конфликт. Топката е на нивен терен“, изјави портпаролката на Стејт департментот за новинарите, според медиумот.
Регион
Караџов за Коридорот 8: Николоски раскажува македонски приказни пред спиење, каде е да го потпише договорот

Имам чувство дека Николоски раскажува македонски приказни пред спиење, коментира вицепремиерот и министер за транспорт, Гроздан Караџов, во врска со зборовите на својот колега од РСМ дека Бугарија не прави ништо во врска со Коридорот 8, пренесуваат бугарските медиуми.
„Го испративме договорот, а каде е Николоски да го потпише“, праша Караџов во интервју за бугарскиот јавен медиум и продолжи: „Додека Николоски ги кажуваше овие зборови, возот помина низ Перник, низ Радомир и стигна до Ќустендил, а од таму стигна до последната станица Ѓуешево за да го чека македонскиот“.
Тој потсети дека Бугарија проектира 90 % сосема нова линија помеѓу Радомир и Ѓуешево за да ги прошири кривините овозможувајќи брзина на возовите од 160 километри на час.
„Во 2032 година, кога ќе достигнеме брзина на возот од 160 километри на час, ќе ги прашам од другата страна дали ќе има тунел или не“, вели Караџов.