Свет
Кремљ не очекува брз напредок во решавањето на конфликтот во Украина

Кремљ објави дека не очекува никаков брз напредок во решавањето на исклучително сложениот конфликт во Украина и дека не верува оти набргу ќе биде договорена средба меѓу украинскиот, рускиот и американскиот лидер, Володимир Зеленски, Владимир Путин и Доналд Трамп.
„Би било погрешно да се очекуваат моментни одлуки и напредок“, изјави портпаролот на рускиот претседател, Дмитриј Песков, денес, за време на дневниот брифинг за новинарите.
Тој одговори на прашања од новинарите еден ден по втората рунда директни руско-украински преговори, што се одржаа вчера во Истанбул, со посредство на Турција.
„Прашањето за решение е исклучително сложено и содржи многубројни нијанси“, додаде Песков и потсети дека Москва, пред сè, сака да ги елиминира длабоките причини за конфликтот за да постигне мир со Киев. Тој оцени дека е малку веројатно оти средба меѓу Владимир Путин, Володимир Зеленски и Доналд Трамп ќе се одржи во блиска иднина, како што наговести Турција синоќа.
„Во блиска иднина тоа изгледа малку веројатно“, изјави Песков за новинарите за време на редовната дневна прес-конференција.
Синоќа, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган предложи да се организира таков самит, што всушност веќе беше иницирано од Киев, а Белата куќа објави дека Доналд Трамп изјавил дека е подготвен да оди на таков состанок.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Почнаа воените вежби на НАТО

Силите на НАТО денес започнаа двонеделни воени маневри во Балтичкото Море, при што првите воени бродови испловија од Росток, пристаниште во североисточна Германија, утрово. Меѓу бродовите што испловија од поморската база Росток-Варнеминде беа германската корвета Магдебург и францускиот миноловец Вулкеин.
Годишната вежба предводена од САД, БАЛТОПС, вклучува повеќе од 50 бродови, повеќе од 25 авиони и околу 9.000 војници од 17 земји. Вежбата трае до 20 јуни.
Балтичкото Море се смета за стратешки важно, особено во светлината на војната на Русија во Украина. Русија е единствената од деветте земји на брегот на Балтичкото Море што не е членка на НАТО. Москва ги опиша вежбите како провокација.
Заменик-министерот за надворешни работи Александар Грушко еден ден претходно ја обвини Западната алијанса дека се подготвува за конфликт со Русија со својата годишна вежба БАЛТОПС.
И руската флота неодамна одржа воени вежби во Балтичкото Море.
Свет
Украина: Можеме да произведуваме до десет милиони дронови годишно без надворешни добавувачи

Украина направи целни инвестиции во производство на дронови, што ѝ овозможува да произведува до 10 милиони дронови годишно и повеќе не зависи од надворешни добавувачи, вклучувајќи ја и Кина, која неодамна ги пренасочи испораките на своите дронови од Украина во Русија, изјави украинскиот министер за одбрана Рустем Умеров по состанокот на Контакт групата за одбрана на Украина (UDCG).
„Нашите капацитети во Украина ни овозможуваат да произведуваме до 10 милиони дронови годишно. Ова нè чинеше 9,6 милијарди евра. Инвестиравме околу 4,4 милијарди, а сега ни недостасуваат уште 5,2 милијарди, што им го докажав на учесниците на Контакт групата. Што се однесува до FPV дроновите, можеме сами да ги произведуваме, но ни недостасува финансирање“, истакна Умеров.
Тој потсети дека неодамна пристигна вест дека кинеските дронови „Мавик“ се пренасочени кон Русија, поради што Украина имала проблеми со нивната набавка, па морала да ги бара во други земји, преку различни канали, вклучувајќи ги и партнерите од UDCG.
„Подоцна, започнавме програма за локализирање на производството на вакви дронови. На почетокот имавме проблеми, но сега нарачуваме производ произведен во Украина и со тоа го затвораме тој јаз“, додаде украинскиот министер за одбрана.
Свет
Израел ги пронајде телата на двајцата заложници во Појасот Газа

Израелските власти денес објавија дека телата на двајцата заложници што беа киднапирани во октомври 2023 година се пронајдени во Појасот Газа.
Премиерот Бенјамин Нетанјаху изјави дека останките на Џудит Вајнштајн и Гад Хагај се пронајдени и вратени во Израел во специјална операција на армијата и агенцијата за внатрешна безбедност, „Шин Бет“.
„Заедно со сите граѓани на Израел мојата сопруга и јас изразуваме искрено сочувство до драгите семејства. Срцата нè болат поради најстрашната загуба. Нека биде благословен нивниот спомен“, рече тој во изјавата.
Двојката шетала рано наутро на 7 октомври 2023 година во близина на нивниот дом во кибуцот Нир Оз кога милитантите предводени од Хамас го нападнале јужен Израел. Речиси 1.200 луѓе биле убиени, претежно цивили, а 251 бил киднапиран.
Вајнштајн успеала да се јави во службите за итни случаи и да ги информира дека и таа и нејзиниот сопруг биле застрелани и испратила порака до нејзиното семејство.
Двајцата имаат два сина, две ќерки и седум внуци.