Свет
Кубилијус: На Европа ѝ е потребна армија од беспилотни летала за да се одбрани од можна руска агресија

Европскиот комесар за одбрана Андријус Кубилијус предупреди дека Европа мора итно да развие капацитети за масовно производство и употреба на беспилотни летала, за да биде подготвена да одговори на можен вооружен напад од страна на Русија.
Воените проценки покажуваат дека руските вооружени сили би можеле да бидат подготвени да нападнат една од членките на НАТО во рок од пет години, изјави комесарот Кубилијус денес за „Скај њуз“.
„Русија би можела да има на располагање околу пет милиони беспилотни летала. Ако сакаме да победиме, мора да имаме поголеми капацитети“, рече Кубилијус, нагласувајќи дека евентуалниот напад би го предводела руската армија „опремена на фронтот“, со можност за користење беспилотни летала во масовен размер.
Тој истакна дека војната во Украина предизвикала револуција во употребата на беспилотни летала во современото војување и дека според проценките, дури 80 проценти од загубите на руската армија на фронтовската линија се резултат на дејствијата на украинските беспилотни единици.
Зборувајќи за своето знаење од теренот во Украина, Кубилијус истакна дека во зоната долж линијата на фронтот, позната како „Долина на смртта“, ништо не може да се движи без да биде откриено и уништено од беспилотно летало, и дека конвенционалните тенкови во таа зона преживуваат само шест минути во просек.
Украина би можела да произведе повеќе од четири милиони дронови оваа година, а Кубилијус верува дека земји како Литванија, која има граница од 900 километри со Русија и Белорусија, би морале да произведуваат приближно три милиони дронови годишно во случај на конфликт.
Комесарот на ЕУ нагласува дека наместо да складираат дронови, кои брзо би станале застарени, европските земји треба да изградат индустриски капацитети, како и тимови од инженери и пилоти кои можат брзо да започнат со производство во случај на криза.
Комесарот предупреди дека земјите од НАТО сè уште не се подготвени да се одбранат од масовни напади со дронови, од какви што Украина страда секојдневно, и повика на забрзување на инвестициите и иновациите во оваа област.
Според претставници на Министерството за одбрана, Германија веќе потпишала договори за набавка на поголеми количини беспилотни летала и ги тестира со војниците, истакнувајќи дека приоритет е изградба на флексибилен производствен систем, а не акумулирање залихи што брзо застаруваат.
Во мај, Европската унија одобри план за инвестиции во одбранбената индустрија во вредност од 150 милијарди евра, со цел зајакнување на заедничкото производство во случај на идни безбедносни закани, пренесува Танјуг.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Израелскиот министер: Сакаме дипломатски односи со Либан и Сирија

Израел е заинтересиран за воспоставување официјални дипломатски односи со Сирија и Либан, но нема да преговара за Голанската Висорамнина како дел од евентуален мировен договор, изјави денес на прес-конференција израелскиот министер за надворешни работи Гидеон Саар.
Односите во регионот се полни со неизвесност поради повеќе од една година борби меѓу Израел и Либан од крајот на 2023 година, паралелно со војната во Појасот Газа и соборувањето на сирискиот претседател Башар ал-Асад во декември 2024 година. Израел ја анектираше Голанската Висорамнина во 1981 година, откако го зазеде поголемиот дел од неа во Шестдневната војна во 1967 година.
=Ројтерс објави во мај дека Израел и новите исламистички владетели на Сирија се во директен контакт и дека одржале билатерални состаноци со цел ублажување на тензиите и спречување на конфликти во пограничната област.
Истиот месец, американскиот претседател Доналд Трамп се сретна со сирискиот претседател во Саудиска Арабија и го повика да ги нормализира односите со Израел, неочекувано објавувајќи дека САД ќе ги укинат сите санкции против исламистичката влада.
Кратко по падот на Асад, израелските трупи влегоа во демилитаризираната зона во Сирија, вклучувајќи ја и планината Хермон, која се издига над Дамаск.
Свет
Русија: НАТО може да се распадне

Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, изјави дека Москва планира да ги намали трошоците за одбрана и смета оти одлуката на НАТО да ги зголеми трошоците на крајот може да доведе до негов колапс.
На самитот во Хаг во среда, лидерите на НАТО поддржаа зголемување на трошоците за одбрана на пет проценти од БДП до 2035 година, како што побара американскиот претседател Доналд Трамп, и рекоа дека се решени да се бранат едни со други од заканата од Русија.
Кога беше побарано од него да ја коментира изјавата на полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски, кој тврдеше дека трката во вооружување меѓу Русија и Западот може да доведе до пад на рускиот претседател Владимир Путин, Лавров одговори дека смета дека НАТО може да се распадне поради зголемените трошоци за одбрана.
„Бидејќи е таков прогнозер, веројатно гледа дека катастрофалното зголемување на буџетот на земјите-членки на НАТО, според моите проценки, ќе доведе и до распад на таа организација“, рече Лавров.
Русија, која ја нападна Украина во февруари 2022 година, ги отфрла стравувањата на Западот дека еден ден ќе нападне членка на НАТО, што според мислењето и на Русија и на САД би можело да предизвика Трета светска војна.
Путин во петокот изјави дека Русија размислува за намалување на трошоците за одбрана почнувајќи од следната година. Русија ги зголеми трошоците за одбрана за една четвртина оваа година, на 6,4 проценти од БДП, што е највисоко ниво од Студената војна. Трошоците за одбрана сочинуваат 32 проценти од вкупните буџетски трошоци во 2025 година.
Свет
(Видео) Далај-лама го прославува 90-тиот роденден: „Мојот наследник ќе ја продолжи борбата за слобода на Тибет“

Протераниот тибетски духовен водач далај-лама денес изјави дека наследникот што ќе биде именуван по неговата смрт ќе ја продолжи борбата за тибетска слобода.
Далај-лама денес им се придружи на илјадниците будисти на молитвена служба за да го одбележи својот 90-ти роденден, настан што одекна далеку надвор од индискиот хималајски град, каде што живее со децении.
Облечен во својата традиционална будистичка облека, тибетскиот духовен водач се појави меѓу илјадниците членови на неговата заедница и поддржувачите, кои дојдоа од целиот свет да му се придружат во неговиот манастир „Меклеод Ганџ“.
„Имам 90 години, но сè уште сум физички во форма“, рече тој седејќи меѓу своите следбеници. „Во времето што ми преостанува ќе продолжам да се посветувам колку што е можно повеќе на благосостојбата на другите“.
Водачот и илјадници други Тибеќани живеат во егзил во Индија од 1959 година кога кинеските трупи насилно го задушија востанието во тибетскиот главен град Ласа.
What is interesting to me is the timing of clips coming out just days prior to the 90th birthday celebrations of His Holiness the 14th #DalaiLama
Visuals of 🎂celebration today at Dharamshala🇮🇳
The 5th month of the 5th day of the Tibetan calender.
📹courtesy @CTA_TibetdotNet pic.twitter.com/4gKvwa5MU8
— Tenzing Damdul བསྟན་འཛིན་དགྲ་འདུལ། (@dundhamdul) June 30, 2025
Харизматичниот добитник на Нобеловата награда за мир, чие земско име е Тензин Гјатсо, стана 14-ти духовен и политички водач на Тибеќаните на двегодишна возраст, соодветно идентификуван, како што бара будистичката традиција, како реинкарнација на неговиот претходник.
Додека Кина го обвинува дека е бунтовник и сепаратист, меѓународно признатиот далај-лама се опишува себеси како обичен будистички монах. Многу Тибеќани во егзил стравуваат дека Кина ќе назначи свој наследник за дополнително да ја консолидира контролата врз Тибет, територија на која испраќа војници од 1950 година.
Се очекува прославите за неговиот роденден да продолжат до крајот на неделата.