Свет
Макрон разговараше со Путин два часа, му пренел дека европските партнери се загрижени за состојбата
Францускиот претседател Емануел Макрон го предупреди својот руски колега Владимир Путин дека „чесниот дијалог не е компатибилен со воената ескалација“ на украинската граница, соопшти Елисејската палата по телефонскиот разговор меѓу шефовите на двете држави попладнево. Разговорот траеше речиси два часа.
Двајцата претседатели изразија желба да го продолжат дијалогот за начините за подобрување на спроведувањето на договорот од Минск за Донбас и за условите за безбедност и стабилност во Европа, се вели во соопштението на француското претседателство.
„Францускиот претседател на Путин му пренесе изрази на загриженост од неговите европски партнери и сојузници“, се вели во соопштението.
САД вчера објавија дека руската инвазија на Украина може да се случи во секое време. Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров ги нарече обвинувањата – провокација.
Се очекува денеска американскиот претседател Џо Бајден и Путин да разговараат за ситуацијата во Украина. Денешниот разговор меѓу Макрон и Путин е продолжение на нивниот петчасовен разговор лице в лице во понеделникот во Кремљ. После тоа, Макрон во вторникот отпатува за Киев, каде разговараше со украинскиот претседател Володимир Зеленски, а потоа отпатува за Берлин на разговори.
Елисејската палата соопшти дека дипломатската турнеја на Макрон ја постигнала својата цел, дозволувајќи му да продолжи напред во обид да ги намали тензиите меѓу Русија и Украина. Американскиот државен секретар Антони Блинкен во саботата изјави дека дипломатскиот канал останува „отворен“ за да се избегне конфликт во Украина, но дека ќе побара од Москва да ја деескалира ситуацијата.
Во исто време, Пентагон нареди повлекување од Украина на 160 американски војници од Националната гарда кои ги обучуваа украинските воени сили.
Сергеј Лавров ги опиша обвинувањата на Вашингтон како „провокации“, а украинскиот претседател во саботата рече дека предупредувањата за руската инвазија на Украина „предизвикуваат паника“ и најмногу му служат на непријателот и дека Киев инсистира на дипломатија.
Бројни западни земји побараа од своите граѓани да ја напуштат Украина, а Москва најави дека ќе го намали бројот на членовите на својот дипломатски персонал во таа земја, наведувајќи ги можните провокации од Западот или од Киев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Европа
Макрон не ја исклучува можноста за испраќање војници во Украина доколку Русија „ја пробие линијата на фронтот“
Францускиот претседател Емануел Макрон во интервју за Економист изјави дека не ја исклучува можноста за испраќање војници во Украина доколку Русија „ја пробие линијата на фронтот“ и ако Киев тоа го побара од Париз, пренесува BFMTV.
„Доколку Русите ги пробија првите линии на фронтот и ако има украинско барање – што не е случај денес – би било легитимно да се постави тоа прашање“, рече Макрон.
Веќе во февруари, Макрон ја покрена можноста за испраќање западни трупи на украинска територија, потсетува БФМ.
„Како што кажав, не исклучувам ништо бидејќи има некој од другата страна кој не исклучува ништо. Без сомнение, бевме премногу сомнителни кога ги дефиниравме границите на нашата акција”, рече францускиот претседател.
Макрон рече дека „априори отфрлањето“ на можноста за испраќање војници би значело дека „не се научени лекциите од последните две години“, бидејќи во летото 2022 година биле против испраќање тенкови, ракети со долг дострел и авиони. и сега сето ова го испорачуваат во Украина.
„Имам јасна стратешка задача: Русија не смее да победи во Украина. Ако Русија победи во Украина, нема да има безбедност во Европа“, додаде тој.
„Кој може да тврди дека Русија ќе застане таму? Каква безбедност има за другите соседни земји, Молдавија, Романија, Полска, Литванија и толку многу други? И тогаш, каков кредибилитет има за Европејците кои би потрошиле милијарди, велејќи дека тоа е опстанокот на континентот и не би обезбедиле средства за запирање на Русија. Така да, не треба ништо да исклучуваме“, истакна Макрон.
Европа
Во Швајцарија ќе се одржат мировни преговори за Украина, Русите не доаѓаат
Швајцарската влада денеска соопшти дека во оваа фаза Русија не е меѓу 160-те делегации поканети на мировните преговори за Украина што ќе се одржат во Швајцарија во средината на јуни.
„Швајцарија е убедена дека Русија мора да биде вклучена во тој процес“, соопшти швајцарската влада. „Мировниот процес не е можен без Русија“.
Швајцарската влада соопшти дека отсекогаш била отворена за поканата на Русија, но Москва постојано нагласувала дека не е заинтересирана за учество на првиот самит.
Руските власти истакнуваат дека Швајцарија усвоила европски санкции против Москва поради инвазијата на Украина и затоа нема кредибилитет како неутрален посредник.
Свет
(Видео) Застрелани шест лица во Тексас, меѓу нив и деца
Најмалку шест лица на возраст од 3 до 19 години, од кои четири помлади од 15 години, се застрелани во станбена област во Форт Ворт, Тексас. Инцидентот се случил синоќа околу 19:30 часот кога полицијата добила дојава за пукање во западниот дел на градот, пишува „Еј-би-си Њуз“.
„Кога полицијата пристигна на местото на настанот во 19 часот и 38 минути, на паркингот пронашла неколку жртви со прострелни рани. Шест од нив се здобиле со полесни до тешки повреди“, соопшти полицијата во Форт Ворт.
Пет жртви биле префрлени во локалните болници, додека една одбила лекување. Засега не се знае каква е состојбата на жртвите кои се пренесени во болница.
„Потврдуваме дека на овој простор е забележано сомнително возило и дека најмалку едно или повеќе лица од автомобил пукале кон жртвите“, соопшти полицијата. Надлежните сметаат дека станува збор за изолиран инцидент и дека нема понатамошна опасност за јавноста. Покрената е истрага, а полицијата трага по напаѓачите.