Свет
Министрите за надворешни работи на Германија и Велика Британија го повикаа Израел да се воздржи од ескалација

Британскиот министер за надворешни работи, Дејвид Камерон, и германската министерка за надворешни работи, Аналена Баербок, денеска се сретнаа со израелските лидери во Ерусалим за да изразат солидарност по иранскиот напад и да повикаат на одмерен одговор за да се избегне ескалација на тензиите.
Дванаесет дена по израелскиот напад на иранскиот конзулат во сириската престолнина Дамаск, во кој загинаа седум ирански војници, меѓу кои тројца генерали, Иран во саботата вечерта возврати со напад на израелска територија со беспилотни летала и проектили.
Ова е прв напад врз Израел од иранска територија. Иран претходно предупреди дека ќе има напад како одмазда за нападот во Дамаск.
Дејвид Камерон и Аналена Баербок се првите странски дипломати, кои патуваат во Израел по нападот. Прво, тие разговараа со претседателот на земјата, Исак Херцог, кој го повика целиот свет преку платформата „Икс“ одлучно да се вклучи против заканата што ја претставува иранскиот режим, кој сака да ја поткопа стабилноста во целиот регион“.
Тие разговараа и со нивниот израелски колега Израел, Кац. Камерон изјави за британската телевизија дека сака земјите членки на Г7 да воведат координирани санкции против Иран и ја обвини таа земја дека стои зад многу злонамерни активности во регионот.
Тој посочи дека шефовите на дипломатиите на седумте економски најразвиени земји членки на Г7, кои оваа недела се состануваат во Италија, мора да испратат јасна и недвосмислена порака до Иран.
„Се надеваме дека Израел ќе реагира на начин што минимално ќе придонесе за ескалација на тензиите, на начин што е и интелигентен и одлучувачки“, додаде британскиот министер.
Оваа недела германскиот министер се залагаше ЕУ да воведе нови санкции за иранските беспилотни летала. Посочувајќи дека Израел може да смета на „целосната солидарност на Германија“, Баербок исто така рече дека сака да разговара со израелските лидери како да се „избегнат понатамошна ескалација“ на тензиите во регионот.
Вчера, британскиот премиер Риши Сунак изјави дека ескалацијата „не е во ничиј интерес“ и во телефонски разговор го повика својот израелски колега Бенјамин Нетанјаху да дејствува разумно и со ладна глава. Израел е решен да го натера Иран „да ја плати цената за агресијата“, иако речиси сите ирански 350 беспилотни летала и проектили беа пресретнати со помош на САД и другите сојузнички земји, а не беше предизвикана штета и немаше човечки жртви.
Во разговорот со Камерон и Баербок, израелскиот шеф на дипломатијата, Кац, инсистира на тоа дека регионалната и глобалната стабилност не се загрозени од Израел, туку од Иран и неговите сојузници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Свет
Фицо до Калас: Немате овластување да ја критикувате мојата посета на Москва

Словачкиот премиер Роберт Фицо денес ѝ порача на високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, дека таа нема овластување да ја критикува неговата посета на Москва по повод Денот на победата.
„Како висок функционер на Европската комисија, немате апсолутно никаква надлежност да критикувате суверен премиер на суверена земја кој има конструктивен пристап кон целата европска агенда“, напиша Фицо на својата Фејсбук страница.
Тој потсети дека повеќе од 60.000 војници на Црвената армија загинале за време на ослободувањето на Словачка и истакна дека дошол во Москва за да им оддаде почит.
„Драга Каја, уште еднаш ги забележав вашите изјави упатени до мене во врска со денешната посета на Москва и најавената средба не само со претседателот на Русија Владимир Путин. Јасно е дека не сум на вистинската страна на историјата или други такви длабоки геополитички размислувања“, рече Фицо.
„Прво на сите, дојдов во Москва за да им оддадам почит на повеќе од 60.000 војници на Црвената армија кои загинаа ослободувајќи ја Словачка. Не ми е јасно каква врска имаат овие храбри луѓе со моменталната меѓународна ситуација“, рече премиерот на Словачка.
Тој праша како можат да функционираат дипломатијата и надворешната политика ако политичарите не треба да се среќаваат и да водат нормален дијалог за прашања за кои имаат различни мислења.
„Не се согласувам со политиката на новата железна завеса, на која толку напорно работите“, заклучи Фицо, обраќајќи и се на Калас.
Каја Калас претходно го критикуваше Фицо за присуството на Парадата на победата во Москва во чест на 80-годишнината од победата над фашизмот, тврдејќи дека словачкиот премиер е „на погрешната страна од историјата“, пренесува Танјуг.
Свет
(Видео) Силно невреме ја погоди Валенсија: улиците се претворија во реки, автомобилите затрупани од град

Силно невреме вчера го погоди шпанскиот регион Валенсија, претворајќи ги улиците во реки и покривајќи ги автомобилите со слоеви град. Градовите низ регионот беа погодени од ненадејни поројни дождови и град што го запре сообраќајот и ги принуди луѓето да бараат засолниште.
Heavy rains accompanied by hailstorm in Villar del Arzobispo of Valencia province, Spain 🇪🇸 (08.05.2025) pic.twitter.com/5XUhA2czoB
— Disaster News (@Top_Disaster) May 8, 2025
Драматичните снимки од социјалните медиуми покажуваат град и пороен дожд како носат сè на својот пат.
Улиците се претворија во потоци или реки, додека автомобилите останаа закопани под градот, а тротоарите изгледаа како да се покриени со снег. Повеќето луѓе останаа во затворен простор, додека на патиштата останаа само заглавени автомобили и купишта град.
Најпогодени места беа Гвадасекиес, Каљес, Вилар дел Арзобиспо и л’Олерија, каде што слоевите град беа толку дебели што делумно ги покрија возилата. Околу 1.000 лица од службите за итни случаи се вклучени во интервенцијата, отстранувајќи ги штетите и расчистувајќи ги патиштата.
Валенсија, добро познат туристички регион каде што вообичаено се очекува топло време во ова време од годината, сè уште се справува со последиците од претходните временски екстреми – околу 2.000 луѓе сè уште беа раселени од бурата на крајот на 2024 година.
Во октомври 2024 година, Валенсија беше погодена од разорна бура што предизвика катастрофални поплави и одзеде 228 животи. Тоа беше една од најсмртоносните природни катастрофи во поновата историја на Шпанија, а нејзините последици се почувствуваа месеци подоцна, со илјадници раселени лица и голема материјална штета.
Кон крајот на април, Шпанија и Португалија беа погодени од голем прекин на електричната енергија, што доведе до застој во сообраќајот, болниците и аеродромите.
Свет
Макрон: Путин е на страната на војната, секој што веруваше поинаку е измамен

Францускиот претседател Емануел Макрон денес ги осуди ставовите на рускиот претседател Владимир Путин, обвинувајќи го дека е „на страната на војната“ и додавајќи дека оние кои верувале поинаку сега се самите одговорни за своите заблуди.
„Претседателот Путин е на страната на војната, а не на страната на мирот и оние кои веруваа дека тој има желба за мир, самите беа измамени“, рече Макрон на прес-конференцијата што ја одржа со полскиот премиер Доналд Туск во Нанси, пренесува „Фигаро“.
Денес, Туск и Макрон потпишаа договор за пријателство и зајакната соработка, а францускиот претседател го опиша „француско-полското пријателство“ како „срдечен сојуз“.
Сличен договор веќе е потпишан меѓу Франција и Германија, Италија и Шпанија.
Претседателот на Франција повтори дека „виталните интереси“ на Франција, врз основа на нејзината стратегија за нуклеарно одвраќање, се поврзани и со интересите на нејзините „главни партнери“ во Европа.
„Од 60-тите години, со изјавите на генералот де Гол, европската димензија на оваа стратегија за одвраќање е потврдена и постојано ја потврдуваат сите мои претходници, а јас самиот го правев тоа“, потсети Макрон.
Тој изјави дека ќе оди во Украина во „соодветен момент“, но не прецизираше дали ќе биде присутен на самитот на европските лидери што се одржува овој викенд, јавува BFM TV.
„Во вистинскиот момент, ќе одам таму. Од многу разбирливи причини, за ова ретко се зборува однапред“, рече Макрон.
Неколку часа претходно, украинскиот претседател Володимир Зеленски најави одржување на самит на европските лидери во Украина овој викенд.
На овој состанок ќе се собере „коалицијата на добронамерните“, која е составена главно од европски земји и има за цел да му обезбеди воена помош на Киев, како и да постави рамка за воспоставување траен мир во Украина.
Самитот на европските лидери во Украина следува по повикот на американскиот претседател Доналд Трамп во четвртокот за „безусловен 30-дневен прекин на огнот“ во Украина, што треба да доведе до „траен мир“.
Макрон ја поздрави оваа изјава и изрази желба да „дејствува во оваа насока без измама и без одложување“, пренесува Танјуг.