Свет
Нафтен танкер нападнат во близина на брегот на Оман
Оманскиот центар за поморска безбедност соопшти дека нафтениот танкер „Skylight“, кој плови под знамето на Палау, бил нападнат на околу пет наутички милји од оманскиот полуостров Мусандам.
Четири лица се ранети, а целиот екипаж од 20 лица е евакуиран, јавија локалните медиуми.
Засега нема други информации.
Оманските државни медиуми претходно јавија дека пристаниште Дукм било нападнато со два дрона, при што бил повреден еден работник. Тоа беше првиот таков напад врз заливската земја од избувнувањето на воените непријателства меѓу Израел, САД и Иран, пренесе ДПА.
Оман го осуди нападот и нагласи дека ќе ги преземе сите неопходни мерки за да ја заштити земјата и безбедноста на нејзините жители.
Оман дејствуваше како посредник во индиректните преговори одржани на почетокот на неделава меѓу САД и Иран.
Оман е членка на Советот за соработка во Заливот, предводен од Саудиска Арабија.
Саудиска Арабија, Катар, Обединетите Арапски Емирати, Бахреин и Кувајт, кои се членки на оваа групација сојузничка на САД, пријавија ирански напади на нивните територии откако САД и Израел вчера почнаа воена кампања против Иран.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
ЕУ гледа отворен пат кон поинаков Иран по смртта на врховниот лидер
Високата претставничка на Европската Унија за надворешна политика, Каја Калас, изјави дека смртта на иранскиот врховен лидер ајатолахот Али Хамнеи претставува момент на пресврт во историјата на Иран.
„Она што следува е неизвесно. Но сега постои отворен пат кон поинаков Иран, во кој неговите граѓани би можеле да имаат поголема слобода да го обликуваат“, напиша Калас на платформата Икс.
„Во контакт сум со партнерите, вклучително и со оние во регионот кои го носат најголемиот товар од иранските воени дејствија, со цел да пронајдеме конкретни чекори за деескалација“, додаде таа.
Фото: Depositphotos
Свет
Иранскиот претседател: Одмаздата е наше легитимно право по убиството на Хамнеи
Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан во ново соопштение порача дека одмаздата по убиството на врховниот лидер е легитимно право и должност на Иран.
„Исламската Република Иран ја смета одмаздата врз извршителите и наредбодавците на овој злостор како своја легитимна должност и право и ќе ја исполни таа голема одговорност со сета своја сила“, се наведува во соопштението.
Пезешкијан смртта на врховниот лидер ја опиша како најголемата неволја на денешниот исламски свет. Тој владеењето на Хамнеи го оцени како „големо и божествено водство“ кое, според него, му донело „чест и достоинство“ на иранскиот народ.
Свет
Катар пресретна ирански ракети и беспилотни летала
Министерството за одбрана на Катар соопшти дека воздухопловните сили и системите за противвоздушна одбрана денеска пресретнале ракети и беспилотни летала лансирани од Иран, додавајќи дека нема жртви.
Иран лансираше ракети и дронови насочени и кон Израел и кон американските воени објекти во Бахреин, Кувајт и Катар, како одговор на американските и израелските напади.
Американската војска не извести за американски жртви и пријави минимална штета во своите бази.

