Свет
Нетанјаху: Се обидуваме да го намалиме бројот на убиени цивили во Газа, но безуспешно
Израел прави сѐ што може за да ги извлече цивилите од опасност додека се бори со Хамас во Газа, вклучително и фрлање летоци со предупредување да бегаат, но неговите обиди да ги минимизираат жртвите не беа успешни, изјави вчера израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху.
Нетанјаху беше прашан од „Си-би-ес њуз“ дали убиството на илјадници Палестинци од страна на Израел како одмазда за нападот на милитантите на Хамас на 7 октомври ќе поттикне нова генерација на омраза.
„Секоја цивилна смрт е трагедија и не треба да ја имаме бидејќи правиме сѐ што можеме за да ги извлечеме цивилите од опасност, а Хамас прави сѐ за да ги држи во опасност“, рече Нетанјаху.
„Тоа е она што ние се обидуваме да го направиме: минимални цивилни жртви. Но, за жал, не сме успешни“.
„Затоа испраќаме летоци, им се јавуваме на мобилните телефони и им кажуваме да си одат. А многумина си заминаа“, додаде тој. Израел изјави дека целта на неговата воена кампања е уништување на Хамас. „Втората работа што можам да ја кажам е дека ќе се обидеме да ја завршиме таа работа со минимални цивилни жртви. Тоа е она што се обидуваме да го направиме: минимални цивилни жртви. Но, за жал, не сме успешни“, рече Нетанјаху.
Палестинските цивили го понесоа товарот од повеќенеделната воена кампања на Израел како одговор на нападот на Хамас, во кој Израел вели дека загинале 1.200 луѓе, главно цивили. Според Израел, Хамас зеде како заложници околу 240 луѓе од разни националности.
Министерство за здравство во Газа: Загинаа најмалку 11.500 луѓе
Здравствените власти во Газа, на кои им веруваат Обединетите нации, велат дека е потврдено оти загинале најмалку 11.500 луѓе во израелското бомбардирање и копнената инвазија, од кои повеќе од 4.700 се деца.
Две третини од 2,3 милиона жители на Појасот Газа останаа без покрив над главата поради војната. Вчера, израелските воздухопловни сили фрлија летоци во делови од јужна Газа во кои им кажуваа на луѓето да се евакуираат за своја безбедност.
Израел исто така користеше летоци во северниот дел на Газа за да ги предупреди цивилите да си заминат. Стотици илјади го сторија тоа во масовното раселување за кое многу Палестинци стравуваат дека може да стане трајно.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Регион
Делови од Босна и Херцеговина под снег, нема струја: селата блокирани
Делови од Босна и Херцеговина сè уште се отсечени од светот и без струја поради снежните наноси, а голем број патишта во таа земја сè уште се непроодни за целиот сообраќај, известија службите задолжени за итни интервенции.
Најтешка е состојбата во северозападните и северните делови од земјата, а особено се погодени општините Дрвар, Кнежево, Лопар и Угљевиќ.
„Селата се блокирани“, изјави градоначалникот на Кнежево, Горан Боројевиќ, за локалните медиуми предупредувајќи дека верува оти има ранливи жители со кои нема комуникација.
Според податоците на РХМЗ РС, во Кнежево висината на снегот е 110 сантиметри, но мештаните велат дека наносите се многу поголеми и дека достигнуваат висина и од три метри.
„Сè е блокирано. Ситуацијата е тешка. Градот некако го исчистивме, струја немаме, вода засега има. Имаме тројца загинати, колку што знам. Меѓутоа, проблемот е што многу села немаат сигнал, ние воопшто немаме врска со нив и не знаеме што се случува таму и дали има итни случаи“, рече началникот.
Градовите и населбите во областа Шемберија и Мајевица трет ден се без струја откога снегот го оштети далноводот во тоа подрачје и екипите за поправка не може да стигнат до столбовите поради обилниот снег.
Автомото-клубот на Босна и Херцеговина (БИХАМК) соопшти дека поради снег целосно се затворени патиштата од Бихаќ кон Босански Петровац и Кључ, како и од Дрвар кон Босански Петровац и Гламоч.
Забранет е целокупниот сообраќај на возила и на релациите Гламоч – Млиниште и Купес – Ново Село. Прекината е и трасата од Бања Лука до Кнежево, како и од Котор Варош до Теслиќ.
Сообраќајот за камиони е забранет на низа други патни правци, особено на оние што минуваат низ планинските превои.
Слаб снег денеска падна во делови од Босна и Херцеговина, а состојбата се очекува да се подобри од утре кога се прогнозира дека врнежите ќе престанат и времето ќе се разведри.
Селото Пепелари, кое се наоѓа во близина на Зеница, четврти ден е целосно отсечено од остатокот од светот поради обилните снежни врнежи.
„Кликс.ба“ пишува дека висината на снегот надминува еден метар, а засега никој не презел конкретни мерки за пробивање до селото. Жителите се очајни, особено поради фактот што во селото живеат голем број болни и стари лица, на кои итно им е потребна помош.
Утрово, со теренско возило со помош на мештанин била евакуирана постара жена од селото. Сепак, остатокот од речиси 300 жители, меѓу кои има и деца, сè уште е отсечен.
Селото четири дена е без струја, а мештаните велат дека од војната не биле во таква изолација. Од ден на ден расте паниката кај жителите, а патните служби на Град Зеница сè уште не се дојдени да го направат патот прооден.
Екипата за брза помош од Бања Лука четири часа се бореше со снегот за да стигне до детето чиј живот беше во опасност.
Оваа информација на „Фејсбук“ ја објави еден од работниците на итната служба, кој рече дека не се откажуваат, без оглед на невозможните услови. На крајот, успеале да му ја укажат потребната помош.
„Пример за луѓе што покажаа најголем степен на хуманост и дружељубивост се медицинските лица од Бања Лука, кои поминаа четири часа низ снегот за да стигнат до дете што било приклучено на респиратор, а сето тоа кога снемало струја поради лошото време“, изјави вработен во итната помош.
Свет
Гувернерот: На Крим ќе биде прогласена вонредна состојба поради излевање нафта во морето
Руските власти на Крим ќе прогласат вонредна состојба поради излевање мазут во Црното Море откога два танкера потонаа во Керченската Теснина, соопшти денеска гувернерот на Крим, Сергеј Аксенов.
„Вчера, разговаравме со сите наши колеги и со одлука на претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин, ќе биде воведена вонредна состојба на федерално ниво“, рече Аксенов, пренесува „Интерфакс“.
Во средата вечерта во краснодарската територија беше прогласена вонредна состојба, а министерот за вонредни ситуации пристигна во градот Анапа за да ја надгледува работата за отстранување на последиците од излевањето нафта, пренесува „Танјуг“.
Во средината на декември танкерите „Волгоњефт 212“ и „Волгоњефт 239“ потонаа во Керченската Теснина, а еден член на екипажот загина.
Свет
(Видео) Прегазено деветгодишното дете ја гледало мајка си под возилото, сведоците шокирани откако автомобил влета во пешаци во Њујорк
Шест лица, меѓу кои и едно деветгодишно момче, се повредени вчера во Њујорк кога автомобил влета во пешаци на плоштадот Хералд.
Несреќата се случила околу 16 часот на сообраќајна раскрсница, а според американските медиуми, три лица, меѓу кои и едно момче, се пренесени во болница. Детето добило повреди на ногата, како и жената (49), а третото лице добило повреди на главата. Другите тројца повредени, сите жени на возраст од 19 до 49 години, одбиле понатамошно лекување.
Според полицијата, на таксистот, најверојатно, му се слошило зад воланот поради што изгубил контрола и влетал во пешаците. Возачот е пренесен во болница на распит, а засега никој не е уапсен.
„Моите мисли се со повредените. Се надевам дека таксистот ќе биде добро“, изјави Чарлтон Дасилва од Пасенџерс Јунајтед.
Полицијата соопшти дека таксито патувало на север на Шестата авенија кога излетало на тротоарот. На видеото од местото на настанот се гледа уништено такси на тротоарот. Очевидци велат дека глетката била шокантна.
Раџан Такер гледал како таксистот ја прегазил сопругата. Тој вели дека се движеле по тротоарот и ништо не слушнале, а неговата сопруга била удрена.
„Мојата сопруга беше погодена некаде над рамото. Таа се сврте, тој не ја собори на земјата“, рекол Такер.
Тој рече дека ја проверил сопругата за да се увери дека е добро, а потоа го видел момчето заробено под возилото.
„Тој беше заробен под гумата, а кога го преместивме автомобилот, сфативме дека мајка му е под автомобилот. Таа беше свесна и зборуваше со него и го одржуваше смирен“, рече Такер.
Такер рече дека тој и другите пешаци го нишале автомобилот наназад за да ги ослободат момчето и мајка му, кои биле туристи од Австралија. Тој рече дека повреденото момче му кажало дека тоа за него е најлошиот одмор досега.